ИЛИНДЕНСКА ГРОБНИЦА БЕЗ СПОМНИК

Во Варош     

– Кај црквата Свети Атанасие се погребани петмина крушевчани

Bezimena grobnica vo Varos

„Над влезот на црквата Свети Атанасиј во Варош има гробница од илинденски период, во која се погребани петмина крушевчани по задушувањето на Илинденското востание. На местото на гробницата имало и плоча што ја поставиле Варошани, но набрзо била отстранета по доаѓањето на Србите“.

Ова го тврди професорот Никола Јованоски, од Крушево, кој  во 2003 година, по повод 100 години од Илинденското востание го истражувал случајот на убиството на Крушевчаните.

Јованоски, уште тогаш, го информирал Заводот и Музеј за постоењето на гробницата, но не било преземено ништо. Го запознал и претходниот градоначалник и побарал поставување на спомен плоча.

– Истражувајќи за случките за време и по Илинденското востание дознав за убиството на петмината Крушевчани. Постари Варошани раскажуваа дека на местото на гробницата, додека постоела спомен плочата, се палеле свеќи. За жал ништо не е направено да се зачува споменот на убиените. Ја информирав Општината да се заложи да биде поставена спомен плоча на местото на настанот- вели Јованоски.

Врзани, на пат кон Битола во Варош убиени       

По задушувањето на Илинденското востание во 1903, турскиот аскер, сакајќи да се одмазди, заробил околу 200 крушевчани. Врзани требало да бидат одонесени во апсаната во Битола. На пат кон Битола, кај Варош, под изговор дека сакаат да бегат, турскиот аскер убил петмина.

– Истражувајќи и приредувајќи ја книгата “Крушево и Крушевската република” го прочитав записот на Никола Киров Мајски, во кој го опишува убиството на петмината крушевчани.       Забележано е дека Танче Илковски, аскерот го стрелал во реката, додека Лазар Спасов, самарџијата, бил попрскан со газија и изгорен. И другите биле убиени. На самото место биле погребани. Варошани им подигнале заедничка гробница, “Братска могила”, изработена во мермер – објаснува Јованоски.

Врзаните биле многу малтретирани, а најлошо минал свештеникот, Никола, од селото Селце,.

Старите варошани, долго време кај плочата палеле свеќи, сé додека не била отстранета, најверојатно, според Мајски, од “новите поробувачи, Србите”.

– На натписот пишувало: “Тука почиваат убиените од град Крушево: Сотир Лозанов, живеел 31 година; Ѓорги Лозанов Тирчу ,на галено, и Ѓорѓи, се синови на Лазар Спасов Самарџијата, живеел 22 години, Трајче Нешков Аврамовски, живеел 24 години, Веле Стеванов Белакошулка, живеел 24 години, Андон Кузманов, живеел 21 година. Убиени на 2 август по стар стил. Терани биле од Крушево во Прилеп и и ликвидирани од аскерот – посочува Јованоски, кој се надева дека на просторот каде се смета дека е гробницата ќе биде паметник за потсет на минатото и присет за иднината.

Loading