ШМЕКТОТ НА СЕКОЈ МАЛ БРАЧКИ ГРАД

Brac e rajsi ostrov na Hrvatska

Брач е хрватски остров со околу 20 населби и 15 илјади жители. Островот на сонцето е налик на бисер во синилото на морето. Еден од најсончевите и најтоплите на Јадранот со карактеристики идеални за оние кои на одморот се во потрага по мир, чисто море, осамени плажи, романтични моменти… Кажуваат дека некогаш бил дел од копното. Можно е да е така. Денес е одвоен со Брачкиот канал, само физички, од преубавото и вовлечено крајбрежје на Далмација. Од Видовите гори, највисоката точка (778м) на островот богат со карпи, но и на сите јадрански острови, лесно ќе ги препознаете, дури и со голо око, покривите во Омиш, Макарска или Сплит. Градовите се начичкани под моќното Биоково, исто како дивината на сé поурбаните и со сонце искапените острови Шолта и Хвар, најблиските соседи на Брач. Островот нуди допир со богатото од историско наследство и интересните и разнолики пејзажи.

Бол, Милна, Супетар, Сутиван… се брачки гратчиња од камен, украсени со топли, милни сончеви зраци и мирис на лаванда. Медитеран во минијатура. Речиси на секој чекор од овој 40 километри долг и десетина километри широк централен далматински остров, топлината на летниот воздух е потполно пријатна за вдишување на ветерот кој освежува, правејќи го одморот погоден.

Дел од убавината на Брач, со нереално измиксан колорит на сино, бело и зелено, се и бројните маслинови градини, лозја, борови шуми… Препознатлив е и како остров со квалитетен камен за градба. Карпите се “облечени” во камен од кој се изрежани блоковите за фасцинантната Диоклицијанова палата во Сплит. И уште многу преубави куќи низ светот. Така кажуваат добродушните и гостопримливи жители. Мајсторите на брачки камења од своето богатство, произведуваат за туристите цела палета уникатни сувенири, ѕидни часовници и пепелници, ќупови и чинии, минијатури на светски познатите градби, па дури и повеќе од допадлив накит.

Природата си поиграла со каменот. Местото Нережишча е актракција наречена “колач”, односно островска карпа со премин. Претставува совршен лак на природата со кој човекот градител нема никаква врска. Интересна е и Змејовата пештера на јужните падини. Во внатрешноста на пространата пештера одамна се изградени куќички за сместување и прифаќање на оние кои се криеле од бројните напаѓачите и освојувачите. Најголема атракција се камените скулптури и релјефи во карпите. На островот бил присутен живот од античките времиња.

До малите пристаништа од памтивек се пристигнувало со бродови, бротчиња, а подоцна и со траект, хидроглисери. Денес е можно и со туристички авиони. Пловидбата по брачкиот канал е посебност. Не се заборава сликата кога од морето се приближувате до островското копно. Излегувањето на просторот на поплочени сивкастобели камења, испрани со водата на морските бранови и зафатите на ветерот, е налик на исчекор во бајковита средина, живеење што секој кој има намера добро да се одмори, го посакува без одложување.

Do Brac od pamtivek se pristignuva po more

Спремните за оазата на мирот да бидат забележани, се определуваат за Бол, гратче со модерни клиенти. Таму има и јахти, глисери, чамци и многу друго од светот во приказната за дискретниот гламур. Украс е најпознатата плажа – “Златни рат” (Златен стаорец), која денес е еден од симболите на профитабилниот хрватски туризам. “Златни рат” е природен феномен, кој го менува обликот благодарение на магичните игри на ветерот во содејство со морето. Плажата заслужува да биде на листата на најубавите, не само поради убавините, туку и поради можноста да го промени обликот со вртење на нејзиниот врв во насока на ветерот. Поради ветерот, плажата е повеќе од атрактивна локација и за љубителите на едрење на штица.

Бајка е третиот по големина остров на Јадранот. Секој брачки “мал град” има своја приказна, свој шмек, автентична убавина со магична глетка, како и значајно спокојство кое носи впечаток на вечност. Секој од дваесетината мали градови има и свои помалку или повеќе пространи места за капење и сончање. На неколку минути оддалеченост, или малку повеќе со возење со чамец. Има и заливи и заливчиња со романтични плажи, на кои можете да го минете целиот ден потполно сами. Рај за романтичните души.

Камени куќи збиени по линијата на поплоченото крајбрежје или осамените викендички за одмор, се обиколени со маслинови расадници или со шума на околните ридови. Многубројните цркви и палати од некогашните брачки племиња се сведоштва за неодминливата убавина на ренесансната култура и уметност.

Сеедно дали сте во Бол, Сутивана, Милна или Супетар, на Брач, разиграно е и утрото, сончев е денот, и за нијанса се свежи вечерите, и секогаш неприродно тивка е ноќта.  Сето ова е посебност која со себе ја носи секој кој на овој остров ќе мине барем неколку дена. Мирисите на бор и лаванда, опојниот вкус на добро вино, гастрономските деликатеси од морски специјалитети или само обична риба на скара, се додаток на фасцинантното секојдневие на Брач.

Оние кои барем еднаш ќе го доживеат Брач, по непишано правило, порано или подоцна, се враќаат на убавината на уживањето кое е невозможно да се заборави.

Loading