ЕДНА СВИЊА, ПЕТ НОЗЕ

Еден од многуте мариовски адети се здржал до дден-денешен, оти бил многу е арен. На пример, кога ќе заколел некој домаќин свиња, ќе им однесе на соседите по едно парче удина, малку црн и малку бел џигер колку за внуш и благослов, со здравје да си го јаде домаќинот крмакот.

Обичајот бил уште поарен за поповите. Секој домаќин му носел на попот парче мевце, дропче, па и по некое главче паѓало. Арно ама, кога ќе го заколел попот крмакот, требало да го вика цело село на ручек или на вечера.

Пејо како момок кај попот, намирисал дека попот сакал да измрда од  обичајот, да не ги вика селаните на ручек или на вечера. Попот решил да се посоветува со момокот, што ќе рече. Пејо разбрал што сака попот, па му рекол.

– Лесна работа. Ќе го заколеме крмакот, ќе го исчистиме вечерта и ќе го обесиме на чардакот да видат селаните кога ќе се враќаат од работа дека утре ќе се стрват, ќе јадат поповски курбан. През ноќта, ќе го скриеш и изутрина рано ќе викаш дека некој го украл!

Речено – сторено. Го заклале вечерта крмакот, го обесиле на чардакот и го оставиле ноќта да се лади. Само нозете ги пресекле.

Како минувале селаните, се оближувале, оти утредента ќе јаделе пресно месо од поповиот крмак и ќе пијат од убавото винце.

Кога си легнале попот и попадијата, Пејо станал, си го зел целиот крмак и го однесол дома. Го суредил убаво со сол во качиња и се врати на местото каде спиел. Кога се разбудил пред зората, попот отишол на чардакот да го скрие крмакот. Таму – шипинки! Ниту крмак, ни трага од него. Му отишол на Пеја кај што спиел, го затресол за рамениците и му рекол:

– Стани Пејо, стани! Некој го украл крмакот! Пејо се прозевнал и му рекол:

– Така треба, попе. Прво мене да ме убедиш дека го украле, па после селаните.

Попот се налутил и викал, а Пејо, едно – исто:

– Така треба да велиш, попе!

Го оставил да го носи натемаго, но решил барем да го изнатепа добро. Ама  не знаел каква маана да му најди на попот. Го натерал да ги стави нозете да се варат за ручек. И таман Пејо мрднал, попот дошол, ја извадил од тенџерето едната нога и ја скрил дома, да му најде вина да го тепа и да го напади без руга. Ко се вратил Пејо погледнал во тенџерето и видел дека има само три нозе. Се сетил дека попот ја извадил едната да го натепа. Отишол во кочината, кај што лежела другата свиња на попот. Со ножот, и ја потсекол едната нога и ја фрли во тенџерето. Попот поразмисли дека Пејо не е многу крив, ами дека самиот си направил да не им даде на селаните месо. Ја пушти земената нога во тенџерето. Од една свиња се вареле пет нозе! Кога седнале да ручаат, пробуричкал попот со лажицата и видел пет нозе, па му рекол на Пеја:

– Колку нозе има една свиња?

Пејо се сетил.

Со прашање одговорил, колку нозе имаат две сињи?

– Пејо, колку нозе има една свиња?

– Попе, колку нозе имаат две свињи?

Дури попот не кажал колку нозе имаат две сињи, Пејо не кажувал колку нозе има една свиња.

Кога попот рекол дека две свињи имаат осум нозе, тогаш Пејо викнал:

– Да си жив, попе! Пет нозе во тенџерето и три на свињата во кочината -токму осум.

Иако не му било мило на попот, се насмеал отсрце и го избркал Пеја од дома, ама му платил за служењето.

Loading