ИМА НЕКОИ НЕШТА ЗА КОИ СЕ СМЕЕМЕ И КОГА БОЛАТ.

blagoja dameskiМУДРА ОПОМЕНА ОД МОГИЛАТА НА НЕПОБЕДЕНИТЕ

Нема во науката политички прашања. Како може да имаме заедничка историја: зарем сме исти народ. Зарем имаме исти јазик. Најголем апсурд е дискусијата за првенецот на нашата химна Гоце Делчев. Самиот тој нека им каже на нашите панаѓурски историчари: “Ако некој мисли дека Македонија е бугарска, грчка или српска, тој е добар Бугарин, добар Грк, добар Србин, но не и добар Македонец.” Да. Тоа се лично зборови изговорени од Гоце Делчев. При испраќањето на моштите на Гоце Делчев кон Македонија, еден бугарски новинар, до направената фотографија, покрај другото напиша: Гоце Делчев конечно во неговата Македонија. Ако нешто ви значи: Претседателот на Република Македонија и Генерален секретар на Сојузот на комунистите на Македонија Лазар Колишевски не присуствуваше на пречекот и погребот на моштите на Гоце Делчев во Скопје.   

Во шеесетте далечни години од минатиот век, со изградбата на Могилата на непобедените, се пренесуваа моштите на паднатите борци, од старите гробишта, на Могилата. Заедно со мојата фамилија, јас како ученик учествував активно при носењето на мошите на нашиот татко. Моштите беа ставани во зелено обоени сандачиња (веројатно лимени) на кои имаше метални броеви. Еден од присутните организатори ни напомена дека во случај на промена на политичките прилики и дојде до рушење на Могилата!! Ние со бројчето ќе можеме да си ги земеме сандачињата со моштите!? Дали тоа беше речено од устата на далекувидец, човек паталец или обичен но доста разумен човек, сите бевме изненадени од таквата изјава. Што би било причина за таквиот сомнеж од денешен аспек: југословенството, минатите трагични настани со асномците, голоотачаните, македонистите – автономисти и слични случувања. Или обичен распад на Македонија. Последново да ти било најлогично. Да се брише се што е македонско. Уништување на македонските доблести и вредности: државни, национални, културни и историски. Тотален заборав. Бришење на меморијата. Бришење на спомениците на културата, дури и не знаеме кои сме, затоа што гробовите ја пишуваат историјата.

На Споменицата за паднат борец на мојот татко, покрај другото пишува: Го даде својот живот борејќи се против фашистичките окупатори и нивните домашни слуги. Со потпис: Ј. Б. Тито.

Историјата во потполност ни се повторува. Мора да е слеп човек што не  е во состојба да види дека за Македонија е во тек некаков голем план на чие остварување може да соработуваме во улога на верни слуги.

Со нас се манипулира на таков начин што повеќе не ги познаваме неправдата и бесзаконието. Во принцип, таквата тактика не претвора во соучесници.

Таа борба против сопствената земја, против сопственото гнездо, против сопственото огниште е безсмислена и непојмлива. Таа е едноставно – неприродна.

Нашиот противник се државите кои не лишуваат од правото на постоење. Сите тие нема да се смират се додека постои македонскиот народ. Како да водат оставинска постапка за својот плен. А овој наш македонски народ е заталкан некаде далеку, далеку во пустината наречена рамнодушност. Сеуште не ја приметува димензијата на тежината што ни се случува.

П.С. Нека им служи примерот на нашата изнемоштена мајка која на денот на референдумот за самостојна Македонија (8-ми септември 1991 год.). пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата, се прекрсти и рече: Господи, чувај ни ја Македонија. Какви само емоции предизвика тој нејзин гест пред присутните.

 Благоја Дамески

Loading