ЦРНО ЗНАМЕ

pismo-2

На 6 април 1886 г. во Пловдив, Бугарија, на чествувањето од илјадагодишнината од славјанските просветители, Кирил и Методиј, човек во години, во народна носија, дебарчанец, во рацете држи црно знаме на кое пишува – Македонија. Како на симбол на повик жалосен. Таа глетка ги пронижува срцата со својот длабок трагедизам.

Години минуваат. Ропските окови, океанот на солзи, камарите од коските и црните панделки беа топонимични знаци на нашата општа судба. Се слуша трепетот на секое македонско срце и се чувствуваат солзите на секоја ранета душа. 

И денес нема многу промени. Во Македонија можеш да видеш и Сириец, и Индиец, и Албанец, но не само син на своите родители и на својата родена земја – Македонец. Дури и во Уставот македонски го снема македонскиот народ. Секогаш родината ни е осакатувана, со Букурешки, Берлински договори, Балкански и Светски војни, Охридски, Пржински. Од европските бирократи, демократи, балкански ,,конквистадори,, платеници и вечно нечесна мангупарија. Се срамам од нашите – нивни исполнители. Такви имало секогаш, но не во толкав број.Само на покорен пес даваат милувки. И нивните поколенија ќе се срамат од нив.

И за името со кое се гордеев како срам и престап ни се суди. Насилија ужасни од народи безгласни. Пострашна трагедија Шекспир не напиша, поужаси грозни Данте не изнесе.

Грев било да го сакаш своето. Варварите одлетаа, но пиратите останаа. Ти жедна за мир, ти покажаа меч. За правда ги молиш, на неправда се ситат. Нека друг е врз ѕверствата херој. Света Македонијо, тоа ли го дочека. Се колнам во твоите вековни страдања. Ќе дојде ден, тој голем ден над народниот суд, суд нема друг.

Не ме загрижува тоа што многу не се направи, ме загрижува тоа што се направи.

Прим. спец. Др. Благоја Дамески

Loading