А БРЕ МАКЕДОНЧЕ

Нека разберат клетите фашисти

Македонско име нема да загине…

pismo-2

Музиката на ова прекрасна песна ја создаде Јордан Михајкоски – Оцка, а текстот го напиша Коле Чашуле. Независно од тоа што во еден момент стоеја двајца Колевци еден спротив друг, и, што би рекол Ѓорче Петров, не се познаваа.

Појавата на поезијата на Рацин имаше значење на своевидно востание. Затоа, неговата смрт не е трагичен случај, туку смислена ликвидација. Во служајот со Борка Талески, своевидниот молк и бојкот се искажа на нов начин – му го поднесоа Ристо Џунов на подавало на окупаторот. Борка Талески беше мисловната сила, мисловниот врв на нашето востание. А Кузман Јосифоски – Питу беше и остана парадигма на стратегија – државништво, вистински државник. Затоа настрада и прилепската убавица Панде Чесноска.

Прилеп, бездруго, е нешто повеќе од топоним, симбол, метафора, мајтап, семејна револуционерна традиција, предзнак наш Македо. 

Кога Бранко Црвенковски беше премиер изјави: – ,,Ај да го видам тој маж што ќе го промени уставното име,,. Се најдоа мажи и за промена на уставот, и за името и за историјата, и за јазикот, како што се најдоа мажи за ликвидација на Филип, Александар, Гоце Јане, Ченто, Ѓорче, Брашнаров, Шатев и плејада други македонски синови. И сите овие мажи нé убедуваа дека ако ги ликвидираме нашите најдобри синови, ако ги потомориме нашите најтипични вредности, ако се откажеме од достоинството, ќе ни било далеку подобро. Сегашните носители на македонскиот субјективитет не се свесни до крај за силата и тежината на македонската реалност и за својата историска одговорност. Премногу веруваат на својата свест дека прагмата и компромисот се сé. Опседнати да се остане на власт по секоја цена, прават свесно соучесништво во самоубиствената редукција на силата на македонската нација со опасна и загрижувачка ориентација кон нови компромиси.

Мошне се показни некои нови гушкања и прегратки и некои блуткави сопствени национални понижувања. Никогаш, македонската борба и национална кауза, дури и во вековите на најтешко ропство, асимилација и терор, не биле во таква егзистенцијална опасност како денес. Никогаш, така неизбежно сведена на самоуништуваки чин. Никој од насилниците, поробителите, окупаторите, ниту една иридента, никој, повторувам, никој не ја обезмакедончил Македонија како нејзините сопствени државници. Ова е најнов обид за национално самоубиство, деградација и уништување на националниот и државниот идентитет со поддршка на европските фактори. Затоа одбивам да се однесувам кон нив како кон икони – понизно верноподанички и однапред предадено.

Се наведуваме консензуално и понизно сите редум да ја целиваме раката, истата онаа што ни го одзеде името, идентитетот, истата онаа која овозможи и озакони да нé оспоруваат и како нација и како јазик и како територија.

Категоричен сум дека има дефектна свест за вистината за Македонија. Ми се бурботи од инфицирањето на граѓаните со филозифија на покорност и зависност, како единствен пат до иднината. Одбивам да спорам за нашето име, нација, знаме, јазик, култура, граници, историја, АСНОМ… Сега, со чија окупаторска историја ќе се идентификуваме? И Јуда Искариотски кога сфатил што направил, предавајќи го Исус Христос, сам си пресудил. Се обесил.

Одбивам да им се придружам на оние кои ја забиваат главата в песок и не сакаат да видат што се случува околу нив. Ме мачи прокобата дека на Македонија, нејзини најголеми непријатели сме ние, дека сме станале десна рака на оние кои ги порекнуваат нацијата, јазикот и државата, и на нивната теза за вештачка творба.

Што сé се премолчува треба да одговорат тие што молчат. Со нашиот лош, грд и анти историски третман, само даваме аргумент на тврдењето дека сме лабилни, дека не знаеме како да се ориентираме во сопствената историја. Погледот на Македонците треба постојано да е свртен кон срцето на проблемот, антимакедонскиот заговор како стратегија, кон вонмакедонските инспиратори и манипулатори, кон нивно оневозможување да ја спуштаат гилотињата и го озаконат новиот злостор над Македонија. Боли што на свое туѓи нé сторивте. Македонија е сé што немаме.

Прим. Д-р. Благоја Дамески    

Loading