ДУХОВНО ПАТУВАЊЕ НА „ЛЕБДЕЧКИТЕ КАМЕЊА“

Метеори

greece-130620091705-1

Не е познато кој и кога точно ги изградил манастирите Метеори во Грција. Но, дека градбата била повеќе од тешко, ќе се увери секој кој од подножјето ќе се качува пешки кон карпестите врвови, како на пример, на манастирот изграден на една широка карпа. За модерен посетител, ненавикнат на пентерење по планините, патот е за “испуштање на душата”.

Во близина на влезот на манастирот се стигнува со автомобил, но тогаш доживувањата се површни за просторот на кој е граден манастирот. Секој чекор е достоен напор. Посетителите на тој начин полека влегуваат во необичниот свет што се состои од манастирски зданија и калуѓерки и монаси кои живеат во нив. Времето тече полека на стрмниот пат. Побавно отколку при возење на автомобил. Чекорејќи, се разгледува не само природата и сцените околу нас, туку и за сознанијата за самите себе. За градскиот метеж оставен зад себе, за нервозите, за секојдневното растрчување и брзање на работа, за турканиците во трговските центри, за ѕвонењата на мобилните телефони… Тишина владее насекаде. Небаре терапија. Октомври или април  се идеални за посета на Метеорите.

meteora-1-sfatulparintilor.ro-pixabay com-1024x768

Топло е. Имате впечаток дека се слуша струењето на пријатниот планински воздух. Ја нема непријатната летна жештина. Прашината не се лепи на стапалата. Не се чувствува товарот на грбот  од пластичното шише со вода. Кога посетителите ќе стигнат до врвот, “алпинистичкиот” труд веднаш се  претвора во корисен потфат. Од врвот се протéгé спектакуларен поглед, кој наликува на бајковито платно на сликар, надреалист. Шесте манастири на карпестите врвови нудат поглед каков што никаде нема на друго место во светот и не може да се види. Погледот се разлева во далечината. Во подножјето се гледа мал град, како коцки, сместени во долината.

Основачите на манастирот, околу 14-тиот век, не го избрале ова место само поради прекрасните предели и чистиот воздух. Непристапниот простор со високите карпи одбран е првенствено заради заштита. Времињата кога се граделе манастирите, изобилувале со катастрофи, насилства и сé друго што имало кога се распаѓала една голема империја, а на нејзино место се создавала нова. На византиското царство и раскошот му се испишувало последното историско поглавје.  Отоманската империја, која се развивала, се ширела на грчкиот полуостров и карпестите врвови на Метеори. Манастирите останале осамени духовни острови во Отоманското море.

Гледајќи ги манастирите на карпите, посетителите не може, а да не се запрашаат како би се граделе денес. Колку би траела и чинела градбата со помош на модерните технологии и алати? Но, средновековните луѓе биле суштества со сурови души и цврсти раце. Според своите верувања, способни на потфати незамисливи за денешниот човек кој живее со повеќе материјални и помалку духовни вредности. Во времето на османлиското владеење на грчката територија, на Метеори имало дваесетина манастири. Денес има само шест, од кои еден е женски. Нема многу монаси и калуѓерки.  Во секој манастир има само по десетина искушеници.

met 23-1024x640

На Метеорите сега има повеќе туристи од религиозни луѓе. Затоа не изненадува што кога ќе се влезе во манастирот Св. Троица, веднаш ќе се види просторијата со сувенирни. И монасите се прилагодуваат на модерните времиња. Сакал-не сакал, човек останува шокиран од височината на карпите на кои се изградени манастирите. Се чини дека е неверојатно носењето на храна со кошеви и јажиња. Оваа “примитивна” технологија го одржувала животот во манастирите со векови. Бил или не бил човек, верник, Метеорите се духовно искуство за секого. Заобиколен со тишината, наеднаш се наоѓаме во мислите за вековите што поминале, за необичниот облик и големината на карпите, за постоењето на манастирските ѕидови и човековата издржливост да преживее, заедно со своите верувања, без оглед на неволјите кои го опкружувале.

Кој што сака да се посвети на верска мисла на планинските мистерии на Метеорите, нема да има можност да го стори тоа во текот на сезоната. Од октомври, кога Европјаните и Американците се враќаат на работните места, а со работа се зафаќаат и Јапонци кои ги посетиле во текот на летото европските дестинации, воодушевува мирот и тишината кои повторно владеат на Метеорите.

Да се седи на камен и да се набљудува зајдисонцето со околните манастири на врвовите на карпите, додека младата калуѓерка ја уредува градината е доживување кое се памети. Исто како што се памети вечерната панорама на Њујорк од бруклинскиот мост.

Светот е толку убав и толку разновиден…

Loading