ДИЈАТОМЕЈСКАТА ЗЕМЈА НЕ Е РАДИОАКТИВНА

pismo-2

Забелешки на текстот објавен во Вашиот ценет неделник ,,Зенит,,  во бројот: 544 од 12. април 2019 год., на стр. 2, со наслов: ,,Рудни богатства за кои никој не зборува. ЦИА открила берилиум во прилепско пред скоро 70 години,,, со наднаслов ,,Мистерија,,.

Почитувани одговорни уредници Љупчо Мургоски и Светлана Ристеска, Вашиот и наш и на прилепчани, неделник, ,,Зенит,, редовно го добивам и со задоволство го читам скоро целосно. Го прочитав и текстот од страна 2 од бројот 544. Во интерес на читателите, сакам да укажам за две-три присутни грешни информации, а кои не смее да стојат и да се читаат, од причина што вистината за нив е сосема поинаква, по сознанијата кои лично ги имам. Тие се овие:

Во ставот 1, алинеа 1 од тој текст, пишува – ,,Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола и Прилеп. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат дијатомејска земја. Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на жичницата се проценува на милион динари,,.

Содржината на текстот, на таа алинеа, воопшто не е точна. Вистината, колку што сум запознаен, е сосема друга, поинаква, и еве ја:

– Најголемите наоѓалишта на ураниумова руда се на јужната страна од Прилеп, јужно од селото. Селце, по сртот на Селечка планина и кога човек со Гајгер-Милеров апарат мине, на повеќе места на таа локација, стрелката на овој апарат дава слаб звук, покажува присуство на радиоактивност, но не со којзнае каков интензитет. Тоа покажува дека на некои места ја има, и која не претставува никаква опасност по човекот и по живите суштества. Повеќе се забележува на места после сртот на Селечка, на страната од кај Мариово. Од другата страна на Селечка, со поглед кон Мариово, некогаш постоеше и одредена јама во хоризонтална положба, мала по длабочина. Веројатно се вршеле некои ископи за проби. Меѓу 1956-64 год. сум одел по тој срт со стручни лица од Геолошкиот институт од Белград кои го испитуваа целиот терен, и оној десно кон Волково и Штавица, и надолу кон Алинци. Се дупчеше и податоците се внесуваа во карти.

Понатаму кажувате дека оваа ураниумска руда: ,,…се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат дијатомејска земја,, – како цитат од извештаот на ЦИА. Продолжувате со текстот: ,,Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за мелење на рудата,,. Сето ова не е точно, а вистината е следна:

-Во дијатомејската земја од мариовскиот регион нема радиоактивни материјали. Таа беше и уште е лицирана над селото Манастир, месноста Премки и кај селото Зовиќ. Постои уште една локација над Манастир која се викаше Пулич. Дијатомејската земја е аморфна маса, изградена од скелетите на микроорганизмите: Дијатомеите, кои живееле, а и денес живеат во морски средини. Земјата е создадена од скелети на умрени дијатомеи чии состав е чист силициум диоксид во аморфна состојб таложени на морското дно. Тоа значи дека на пределот на нејзиното лежиште, рудникот и на повеќе места во Македонија (неготинско, демир-каписко, битолско) каде и денес има наоѓалишта на дијатомејска земја, некогаш било море. Понекогаш во ископувањата на дијатомејската земја во Манастир се најдуваа и зачувани скелети од риби. На база на таа земја во Прилеп беше изградена фабриката ,,Партизан,, чии згради и ден денес постојат и се користат за сосема други намени. Дијатомејската земја се копаше повеќе од јами кај селото Манастир, со влага од 50-55 проценти (земја како сунѓер), се носеше со изградена жичница од околу 34 км (километри-намерно го пишувам да случајно некој смета да е грешка) до кругот на фабриката ,,Партизан,, Таму се растовараше од вагончињата кои беа врзани за влечната челична жица со која се движеа по жичарата, и празну се враќаа назад во селото Манастир на товарната станица. Жичницата од ,,Партизан,, минуваше над стариот асфалтен пат Прилеп – Битола, нагоре, кон југ, десно од манастирот Прилепец, а лево од селото Волково. Се качуваше на местото Две стени на врвот од Селечка планина, лоцирани лево од превојот Слива” од патот Прилеп – Витолиште. Понатаму жичницата продолжуваше кон селото Чаниште и од него вагончињата со жиците на голема височина го минуваа кањонот на Црна река и се префрлаа кон товарната станица за рудата во селото Манастир. Овој начин на транспорт на оваа руда (со огромна влажност) беше погрешно планиран и направен со политичка одлука. Тоа беше сторено бидејќИ немаше асфалтен пат за Мариово. Единствен пат за Мариово (прилепскиот дел) беше преку Плетвар-Беловодица и на превојот Лигураса, покрај селото Дуње, па сé така до Витолиште. Тие што се движеа по макадамот, пред сé, со товарни камиони како да беа осудени лица. Од таквите услови за живот, некогашните околу 14.500 жители во Мариово, денес се останати не повеќе од 200-300. И локацијата за градба на ,,Партизан,, во Прилеп беше избрана тотално погрешно. Требаше да се изгради во Мариово на некоја локација после преминот на  Расимбегов мост на Црна река кон Витолиште, на 5-10 км од него, со што и економските услови за преработка ќе беа далеку подобри, а и навреме за жителите од тој регион ќе се направеше современ асфалтен пат наместо жичарницата. Грешка беше од политичар од Прилеп и од жена политичар од Гевгелија, сопружници и двајцата, тогашни високи функционери во државава.

Во фабриката ,,Партизан,, се преработуваше дијатомејската земја во два финални производи, цигли за термоизолација на индустриски печки кои работеа на високи температури, и во средства за филтрација на пиво, вино и лекови. За цигли се користеше првата класа со малку железни оксиди ибеше со бело-жолтеникава боја. За филтрациони средства се користеше дијатомејската земја со екстра квалитет, потполно бела. Во делот од ,,Партизан,, наречен Сепарација каде се произведуваа средствата за филтрација, во производството имаше постојано прашина опасна за дишните органи на вработените. Затоа, како заштита во работењето, се носеа заштитни маски на носот и устата и редовно добиваа по еден литар млеко во смената како превентива за нивното здравје.

Процесот на создавање на дијатомејската земја во океаните и морињата се одвива непрекинато и денес. Прашината од сахарската пустина поради струјата на ветровите се носи од Африка преку Атлантскиот океан кон течението на реката Амазон, во Бразил, каде со врнежите се внесува во течението на реката и се влива, помешана со водата, во западните делови на Атлантскиот Океан. Таму таа служи како храна на дијатомејските микроорганизми за изградба на нивниот скелет. На дното на Атланткот, после вливот на водите од реката Амазон, има огромни количества наталожена дијатомејска земја. Процесите во природата постојано и непречено се одвиваат, без застои. 

Жичарницата поради дотраеност и опасност од паѓање на дел од носивните дрвени столбови (најголемиот број од нив направени од борово дрво) се запре меѓу 1971-73 година, кога и механизацијата од претоварните станици се продаде во Хрватска (Сл. Брод). Со добиените финансиски средства се купија камиони ФАП-ови – сандачари со кои почна да се носи дијатомејската земја од Мариово по новоизградениот асфалтен пат во тој период од Прилеп до Витолиште.

Ова се моите сознанија стекнати додека работев 6-7 години на висока позиција во ,,Партизан,,. Не претендирам напишаново дека е најточно. Може да има некои грешки. Но, убеден сум дека над 90-95 отсто од она за дијатомејската земја, дистенот, фелдспатите е сосема точно. Добро е некој Ваш читател да се јави и ми укажи на некоја моја грешка присутна во текстов, која со задоволство би ја корегирал.

Природното богатство на Мариово

Уште овие податоци за тој терен, кои сметам дека ми се добро познати.

Во Мариово, јужно од Прилеп, а и во делот од планините од страната на Прилеп, од попознатите руди ги има овие:

-Рудата Дистен (алумосиликат) во локалитетот над селото Прилепец, источно од манастирот Прилепец, на кој локалитет кристалите од дистенот со сино сивкаста боја со големина на помал човечки прст и со вградени во нив парчиња како округли окца од железна руда, со големина на мала леблебија, кои кристали имаат форма на призма, а ги има во поголеми количества како издвоени парчиња и во реката која течи од Прилепец и го сечи асфалтниот пат кон Мариово на околу еден километар по селото Старо Лагово. После селото Прилепец кристалите од дистенот се вградени директно во кварцитите (белутракот по прилепски) и кога тие ќе се исчистат од примесите се добива прекрасен украсен бел камен со вградени во него кристалите од дистенот со плава боја. Дистен има и од страната на селото Кокре, на Селечката планина.

– Рудата Ругил, руда ТиО2, руда на титанот, е пронајдена најповеќе на локалитетот на селото Пештани, кај селото Дуње, но во количества кои не се за експлоатација.

– Рудата Лорандит, е пронајдена во кавадаречкиот дел на Мариово и таа е единствената руда во светот која малите, скоро ништожни со материја неутрино честички, кои во секое време ги зрачи сонцето, ги фаќа и ги задржува во себе и со тоа ја зголемува својата маса. Тие честички сонцето постојано ги зрачи и без пречки минуваат низ морињата, планините, низ телата на сите живи суштества и низ човекот, и продолжуваат натаму бесконечно во вселената.

– Рудата Фелдшпат (фелдспат) по состав калиев алумо силикат, и се користи исклучиво за правење глазури на керамички предмети (умивалници, ѕидни плочки, санитарни школки, керамички изолатори на далекуводи на електрична енергија, порцелански вагани, чаши, филџани и сл.). Во мариовско имаше, и некогаш многу се користеа за ископ на таа руда, рудници во местата Белуче, Чаниште, Рамна Нива (лево од Витолиште кон кавадаречко), а кај Дреновци. Рудата се носеше во фабриката ,,Партизан,,, се дробеше и се испорачуваше до купувачите во СФРЈ. Рудници постојат и денес, но не се користатм. Не сум запознаен уште колку руда има за користење.

– Рудата Сиенит, вид на калиев фелдшпат, но во доста нечиста форма со поголем процент на страни примеси, има големи залихи, ја има на брдото кај Алинци.

– Големи залихи на јаглен има пред влезот во Витолиште. Се гледаат покрај патот. Некогаш се размислувало за обид да се отвори рудник на јаглен  и да се носи за термоелектраната кај Новаци, Битолско.

– За постоење на некакви траги од елементот Цезиум, кој е сличен на групата лесни метали во која спаѓа и Берилиумот сум слушнал за постоење во мариовско. А за Берилиумот не.

Благодарам, и со почит,

Симон Наумоски, дипл. инженер

Loading