ПОЛЧИШКО СЛАВЈЕ НА СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН

Sveti Pantelejmon vo Polciste

Иселените жители на мариовското село полчиште ја негуваат  традицијата наследена од своите предци да се соберат за Свети Пантелејмон во цркватаво непосредна близина на селото да се видат, да се потсетат на своите корени и да запалат свеќа крај олтарот. Манастирот посветен на Светиот Великомаченик Пантелејмон се наоѓа југозападно од селото. Оддалечен е околу 1,5 километар. Местоположбата е специфична. Изграден е на врвот на височина од 1344 метри. Св. Вмч. Пантелејмон во Мариово се нарекува со името Панделе, па затоа и местото на кое се наоѓа манастирот го добило името Панделе. До верскиот дом се стигнува по стрмен кривулест пат, каде доминира врвот, што овозможува глетка на цело Мариово како на дланка. Можеби затоа народот од овој крај верата многупати ја искажува со  помислата, “Панделе е на високо и гледа сé”.

Одржување на корените

Силна е желбата меѓу луѓето со вера да се помогне, да се учествува, да се биде домаќин на празниците, да се сретнат луѓето по години во жива атмосфера, со музика, со радост и заборав на грижите. Собирањата влијаат на зближување на мноштво верници кои и не потекнуваат од овој крај. Изобилуваат повиците на црквата преку свештеникот на богослужбите, при празниците да се сочува верата и духовноста, да не се премине само во игранки, гоштевања и забава, да се сочуваат убавите традиции, а да не се премине само во суеверие и непотполна вера. Да се слушне и молитвата кон Бога, а да се разлее и звукот на музиката, на гајдата и песните од овој крај, и да се учествува на убавата заедничка трпеза со почит кон местото. Радува што и младите се помасовно ги посетуваат овие места на зближување прво со Бога, а потоа и со луѓето, и заминуваат со убави впечатоци и поуки. Голема среќа е што остануваат продолжувачи на традициите и сведоци на убавините на Мариово, кои навистина многу избледеа со запустувањето на селата.  

Нов храм

Според кажувања на жителите, манастирот првпат бил изграден околу 1830 година од Коле Папаров, за кого други податоци не се познати и не се сочувани. Манастирот бил од дрвена граѓа. Така останал до црквата. Околу 1938 година, на Тодија Рошков му се претскажало да изгради црква на истото место. Храмот бил под негово раководство со сесрдна помош од луѓето од Полчиште. После се кренала нова црква  на друга локација да не се урни веќе постојната од дрвена граѓа. Н новоот место било на гребен од кој може да се гледа од сите страни. Новиот божји дом бил поголем, сепак со скромни димензии и архитектура. Формата е правоаголна, долга 7 метри, а широка 6 метри. Ѕидовите се од камен, со бел малтер. Покривот е со две косини, со мала купола. Направен е од понови материјали, со замена на стариот покрив од камени плочи, со какви се покриени и куќите во Мариово. Има две врати, Црквата е осветена е во 1985 година. Покрај славата на денот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон, се слави и денот на осветувањето на црквата 11 октомври и денот посветен на Св. Вмч. Георгиј  Ѓурѓовден на 6 мај.

Поради новата црква, старата била оставена на забот на времето и се урнала. Останало само обележје каде се наоѓала. По претскажување на Карафила Гогова од Полчиште, на нејзина иницијатива и сесрдно залагање во 1985 година, изградена е нова, мала црква на старата локација. Новата црквичка е правоаголна, со димензии 4  на 3 метри и со височина од 2,5 метри. Посветена е исто така на Св. Вмч. Пантелејмон. Внатрешноста не е зографисана, а иконостасот е скромен, направен од дрво. 

Лекарот Пантелејмон

Почитувањето на овој светител, потекнува од најстарите времиња на христијанството, со ширењето на култот после неговата маченичка смрт. Свети Пантелејмон е лекар, христијанин. Кога христијантвото било забрането при крајот на третиот век, тој лекувал со Божјата сила. Бил безсребреник, не примал награда за лекувањето, бидејќи знаел дека лекувањето и науката се дар од Бога, бесплатно примен, кој треба и бесплатно да се дава. Како христијанин, пострадал со мачење и отсекување на главата во почетокот на четвртиот век.

Loading