ОБЕМОТ И СТРУКТУРАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО И СТОЧАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО (2)

Прилеп и прилепско меѓу двете светски војни

ovci

Во 1927 – 28 г. двете големи суши силно се одразија врз влошувањето на економската положба на земјоделските производители, а со избивањето на светската криза во 1929 г.  нагло се прекина порано достигнатиот подем во земјоделството. Како последица од сето тоа, настапи осиромашување и невработеност во селата и градот. ,,Положбата на сите селани и на земјоделците беше вонредно тешка, поради големото паѓање на цените на земјоделските производи, презадолженоста на селаните и големите даноци,,. Во годините на економската криза цените на земјоделските производи толку паднаа во споредба со другите, така што килограм тутун се продаваше за една кутија цигари ,,Зета,, а 18 килограми пченица за килограм шеќер. Затоа земјоделците немаа објективни можности за рационализација на производството и развојот на задругарството.

Бидејќи беше ,,Економски опаднат, земјоделецот немаше можности за духовно издигнување, за просветување, задружно усовршување, здравствено подигање и за сите благодети на современиот живот. Кризата го прикова начинот на живеење далечен од современите потреби, кои би му овозможиле социјалано подигање од патријархалното и старото ргосано гледање на светот и животот,,. Затоа и меѓу 1929 – 1939 г. се измени структурата на сеидбените површини. Во обработката на земјата и уште доминираше дрвеното рало особено во ридските и планинските села. Поради недомаќинското однесување особено беше загрижувачка состојбата во шумарството. Само планинските пасишта како дар на природата, меѓу двете војни се одликуваа со постојана бујна трева, благодарејќи на што имаше широки можности за развој и на сточарството. Иако добиточниот фонд многу настрада во двете балкански и Првата светска војна, речиси сите селани и голем број граѓани продолжија да се занимаваат со сточарско производство, дури и по завршувањето војните. Благодарејќи на ова производство, можеа да опстанат повеќето ридски и планински села. Основата на сточарството ја сочинуваа планинските пасишта, а бујните полски ливади ги задоволуваа потребите на рамничарските села. Во 1922 -23 г. на богатите пасишта на планините Мукос и Бабуна на 14 км. од Прилеп, имало само 4000 овци, а во Мариово, грчкиот милионер Јан Цутијано, во месноста Цутијан Култибрер одгледувал 15000 овци и 800 коњи со 150 момоци, макар што на сите планини во околината на Прилеп можеле успешно да се одгледуваат неколкупати повеќе овци и крупен добиток. Прилепските овци биле познати по добрата волна, која се употребувала за штофови, кебиња, камгарн и гајтан.

Подетални податоци за вкупниот сточен фонд се добиени со статистичкиот попис на добитокот во 1921 г. Според дефинитивните резултати, околијата располагала со вкупно 10455 говеда, 2368 биволи, 2561 коњи, 349 маски, 1905 магариња, 2394 свињи, 34004 овци, 10924 кози, 23840 птици и 1140 улишта пчели. Меѓу 14 општини на околијата, најголем број говеда имало во Тополчани 1110, Браилово 1073, Прилеп 985, Небрегово 887 и Врбјани 878, а најмалиот број добиток се движеше од 212 во Маково, до 531 во Плетвар, 571 Варош и 573 во Долнени. Меѓутоа, со најголем број кози од 1157 до 2247 се истакнуваа Топлица, Витолиште, Плетвар, Дуње и Небрегово. Најмалку добиток имаа Долане 9, Тополчани 14 и Прилеп 101. Во другите општини нивниот број се движеше од 279 во Маково до 488 во Браилово.

Во 1927 г. на пазарот во Прилеп се продавале од 10-12000 говеда, 5000 кози, 25000 јариња, 28000 овци, 11000 овни, 48000 јагниња, 6-7000 јариња за колење и 3000 кози за одгледување. Од прилепско годишно се изнесувале 10000 грла говеда, 9000 овни, 18000 овци, 10000 јариња,18000 јагниња, и тоа за Грција, 2 милиони јајца и др. Годишно се извезувале и 1500 говедски кожи, 2800 јагнешки, 12000 јарешки, 8000 овчки, 2000 козји и околу 40 илјади килограми волна. Неколку илјади кожи се извезувале и од разни диви животни, зајаци, лисици, видри, јазовци, творови верверици и др. Еднаш започнатиот, веднаш по војната, пораст на добитокот не престана ниту во годините на економската криза и по неа, сé до 1939 г. Врз тој пораст имаше позитивно влијание дробењето на имотите по аграрната реформа од 1919 г. кога ,,секое новоосновано домаќинство тежнееше да се снабди со потребен минимум од добиток, ориентирајќи се во прв ред на работен добиток. 

Развојот на занаетчиството и другите стопански гранки и дејности

По завршувањето на Првата светска војна, Прилеп, како најважен стопански и административно управен центар во околијата, продолжи да заостанува. Почна нагло сестрано да опаѓа како периферен дел на државата. Заедно со опаѓањето тргна емиграцијата на голем дел од населението во другите краишта на Македонија и во странство. Најголем број се преселија во Скопје по работа и заработувачка. Еднаш започнат, уште за време на српско-турските војни од 1876 -1878 г., процесот на општата стагнација на Прилеп траеше непрекинато сé до завршувањето на Првата светска војна, но и по неа, па сé до почетокот на Втората светска војна. Во овој период, трговијата во градот се намалуваше, а панаѓурите не беа толку живи, примамливи и шарени како порано, сé до нивното укинување. Прилеп многу се уназади со австриската окупација на Босна и Хереговина. Со новите царински и политички граници по Берлинскиот конгрес, на градот му биле пресечени крилјата. И населението почна забрзано да опаѓа. Во однос на 1900 г. кога градот имаше дури 24540 жители, во 1921 г. се намали бројот на жителите на 18532, и покрај тоа што во истиот период вкупниот број на населението во околијата доживеа прилично зголемување. По Првата светска војна од Прилеп се иселиле околу 6000 припадници на турската народност во Турција, а атарот на градот тогаш зафаќал 8029 хектари.

Иако доста настрада во двете балкански и Првата светска војна, занаетчиството во Прилеп меѓу двете светски војни всушност претставуваше дејност која најбројно беше застапена во градското стопанство. Голем број граѓани и извесен број селани се занимаваа со разни видови занаети. По земјоделците, занаетчиите го сочинуваа најбројниот слој на активното население. По Првата светска војна, некои занаети почнаа да пропаѓаат, а некои се менуваа и се усовршуваа, додека одреден број се јавија и како нови. И натаму се одржуваа и усовршуваа само оние занаети чии производи ги бараше достигнатиот културен степен на локалното население. Сепак, прилагодувањето на повеќето занаетчии на новите стопански околности беше ,,скопчано со тешкотии и болни жртви кои беа неминовни,,. Повеќето од занаетчиите пропаднаа во конкуренцијата со индустријата меѓу 1919 – 1929 г. Сопствениците им се придружија на невработените наемни работници.

продолжува

Loading