ФРАНЦУЗИ БАРААТ МОШТИ ОД ПИЛОТИ И ОСТАТОЦИ ОД АВИОН

Мистериозна потрага кај Чаниште во Мариово по еден век

pict26

-Селаните потврдуваат дека имало остатоци од летало крај Црна Река, но местото е тешко пристапно и зараснато со бујна вегетација

Французи, кои се претставиле како потомци на загинати двајца пилоти во Првата светска војна го пребарувале атарот на селото Чаниште во Мариово, оти располагале со архивски документи дека нивните предци се урнале со леталото крај реката Црна и тука биле закопани нивните останки. Дел од постарите жители паметат дека имало метални остатоци зараснати со врбјак на брегот на реката. Раскажуваат дека странците нуделе солидна награда да го откријат урнатиот авион и местата каде што биле погребани двајцата пилоти.

Со архивски скици и карти, потомците биле водени од наши познавачи на теренот. Французите располагале и со воена плочка со име и број на еден од загинатите пилоти. Артефактот го купиле од наоѓач од прилепско. Металниот знак што го имал секој војник им дал надеж дека во Мариово може да најдат повеќе податоци за загинатите војници.

Старите чаништанци потврдија дека “некои странци”, заедно со наши луѓе, се распрашувале за авионот. Тие не биле први кои трагале по мистеријата на паднатиот авион. Селаните немаат сознанија дали некој открил нешто, само знаат дека имало остатоци од авионот во коритото на реката во месноста Курбаба. Еден од жителите сведочи дека го сликале, снимале и го прашувале за местото, дали ги видел остатоците и каде можат да бидат закопани пилотите. Им кажал дека памети накои скали, ламарини и други делови од авионот. Им го пренел раскажувањето на татко му дека на небото над Чаниште “се бркале германски и француски авиони”. Германските пилоти го напрскале францускиот авион со некаква течност и успеале да го запалат. За да се спасат, Французите слетале во пламен над селото Чаништа. Успеале да го симнат и да го изгаснат авионот. Одоздола бугарската пешадија тргнала да ги зароби пилотите. Француските авијатичари успеале пак да го кренат оштетениот авион, но само по кусо време се удриле во карпата Курбаба и се срушиле во реката.

Albatros D-I-300px

– Татко ми отишол да ги видат остатоците и да помогне ако има некој повреден. Таму ги нашол загинатите пилоти. По неколку дена биле извадени и закопани. По еден век, таму сé е зарастено како орман. Не се гледаат остатоци. Со годините местото е натрупано со камења и со песок. Можеби деловите се однесени од водите на реката или се затрупани – вели стариот чаништанец.

И други жители кои лете доаќаат на родното огниште потврдуваат дека дошле луѓе од Скопје со Французи да бараат остатоци од авион.

– Од дете се сеќавам дека имаше некои тенекии во реката. Сега е сменето коритото. Згустена е вегетацијата и е полна со дрвја. Ни мува не може да влезе – вели Стеван Јошески од Скопје.

Неколкуте стари жители не веруваат дека некој ќе најде дел од авионот, уште помалку од коските на пилотите. Од остатоците од Првата светска војна се наоѓаат само садови користени од војската. Дури и закопани садови со вино, затворени со тапа од едната страна, а  од другата отвор за пиење. Офицерите им давале на војниците по два литра вино за 24 часа покрај водата да се замелушуваат и полеснода се пребродат воените непријатности. Остатоци од садови, кои се викале манерки, можно е да се најдат кај месноста Простиот камен.

Loading