ПО КОЗЈИ ПАТ ДО ПОРТО КАЦИКИ НА ЈОНСКА ЛЕФКАДА

agios-ioannis-beach-lefkada-12

Лефкада е мал грчки остров, кој припаѓа на групата јонски острови. Всушност, со уште неколку помали острови, го сочинува округот Лефкада. Најважно и најголемо место е истоимениот град.

Островот е распространет на 300 км2. Одвоен од копното со тесен мореуз, широк 2 км. Премостен е со подвижен мост. Северно од Лефкада се наоѓа Крф, а јужно Кефалонија и Итака. Лефкада е главно ридест и карпест остров. Постојат и неколку помали плодни долини. Климата е средоземна со долги топли лета и благи дождовни зими. Растителниот и животинскиот свет е карактеристичен за средоземјето. Се одгледуваат маслинки, винова лоза и агруми.

Лефкада е населена уште од преисторијата. Во средниот век, припаѓал на Византија. Средновековниот дворец со италијанско име Санта Маура го основала владејачката италијанска фамилија Токо. На неколку наврати бил под турска контрола. Тој е единствен јонски остров што го владееле Турците. Во 1716 година паднал под контрола на Венецијанската република. Конечно, во 1864 година, Лефкада е припоена кон Грчкото кралство. Првиот модерен опис го дал надвојводата Лудвиг Салвадор. Грците се мнозинство, но летно време има доста туристи.

Ggradot osvojuva mnogu posetiteli - ostrovot Lefkada

Со првата средба градот освојува многу посетители. Поминуваќи преку мостот, долг 50 метри, се добива прекрасен поглед на лагуната, која ја создал песочниот мореуз Гиро, на кој се наоѓа уште еден мост. Лагуната е природно богатство во кое се одгледуваат риби во традиционални кошеви, плетени од прачки и трски. Мореузот е долг 7 км. и почнува од градот Кастро и прави кружен јазик за да се спои со копното од другата страна на Кастро.

На патот до градот се минува покрај езеро, најголемата водена површина на островот, кое секоја година гости голем број разновидни птици… Се гледаат чапји, лебеди, диви гуски и диви патки. 

Лефкада нуди за секого по нешто. За оние кои сакаат да го откријат културно – историското наследство, можат да го посетат фолклорниот и археолошкиот музеј, каде може да се купи некој спомен од посетата на островот.

Василики е уште една туристичка атракција која мора да се види. Оддалечена е 40 км. од главниот град. Се наоѓа на заливот на јужниот дел од островот, каде водата е идеална за сурфање и слични спортски активности на вода. Од тука може да се продолжи во посета на селата Агиос Петрос и Сиврос, каде се ужива во традиционалните јадења. Може да изнајми мал брод за посета на песочните плажи на западната страна.

Уште една дестинација која е примамлива. Тоа е Порто Кацики. Таа е најпопуларна плажа во Грција, па и во Европа. Во превод значи “Пристаниште на козите”. Името го добила, затоа што некогаш само ова животно можело да стигне до неа. Многу познатата и најчесто сликаната плажа со прекрасна бела песочна линија на брегот, која се издига од азурно – синото море со тесен појас, е споена со стрмна карпа каде има скали кои водат до плажата. Се наоѓа на 35 км. од градот Лефкада. Единствениот поглед на плажата опкружена со бели карпи и сино – зеленкасто бистро море ја прави дестинација која не може да се заобиколи. Таа со години го држи приматот за најубава европска плажа.

lefkada

Над плажата има доста барови и паркинг места, но нема место за престој на туристи. Кампувањето е забрането. Покрај копнениот пат, до плажата се стигнува и по морски пат, крстарејќи од местата Нидри или Василики.

Не помалку популарни се плажите со тиркизна вода Егримни и Катизма. Овие природни дарови на островот лете се окупирани од илјадници туристи, кои се печат на врелото сонце и се ладат на брановите од бистрото море со бело дно. Тие се атракција, оти стрмно се спуштаат од височините до брегот, а некои дури и слегуваат не само со пловила, туку и со параглајдери и други безмоторни летала. Оние кои не сакаат многу да патуваат, на неколкум километри од градот е долгата песочна градска плажа, која ги нуди дивите убавини, зачинети со цивилизациските предности на кафетериите со лежалки и сонцебрани.     

Овој уникатен предел е толку спектакуларен, што ќе се врежи во сеќавањето на секој што ќе го види или посети ова место.

Loading