ТРАЈКО И ЦРНИО МУ КАЖАА ЗБОГУМ НА ФУДБАЛОТ

Живот – Проштален натпревар на легендарните рекреативци

Повеќе од половина век беа незаменливи на игралиштата

1

Долго се паметат прошталните натпревари на славните спортисти, од светски рамки на фудбалерот Пеле, од европски и балкански на Џаиќ, од домашни на ракометарот Манасков, а во градов од фудбалерите Т. Тодороски, Магдески, А. Конески, Глигороски, М. Стојкоски и многу други. Досега не се случило простување од терените на некој обичен рекреативец. А Прилеп не би бил спортски, односно фудбалски град, ако и тука не понуди нешто ново. Чудно, ама вистинито. Проштален меч одиграа најпознатите рекреативци од малиот фудбал – Трајко Кондоски и Љупче Јорданоски – Црнио. Ликови и имиња нема кој не ги знае, доколку барем еднаш заиграл мал фудбал. Едноставно – легенди на малиот рекреативен фудбал. Затоа на прошталниот натпревар во салата од ОУ ,,Добре Јованоски, се собраа сите што играле со и против нив. Разни генерации. Отсутни немаше. Во договорениот термин сите беа в сала. Без разлика на професионални и семејните обврски. Секој сакаше да се поздрави со славениците. Дојдоа директно од работно место, од состаноци, дури и од други градови. Натпреварот беше меѓу црвени и жолти. Црвените ги предводеше Трајко, а жолтите Црнио. Дуелот беше замислен како пријателски. Ама кој сака да губи, баш сега? Трајко ја зазеде стандардната одбранбена позиција пред својот голман. Се бореше, што не заличи дека е за фудбалска пензија. Црнио требаше да игра в средина, но немаше голман и застана меѓу стативите. Никогаш не одбил ништо, така и сега. Кога дојде голманот, тргна во напад. Се разви борба. Едните поведоа со 2-0, другите израмнија на 2-2. Паѓаа уште голови. На крајот, да не биде важен резултатот, вниманието се сврти кон капитените. Примија честитки за досегашната кариера, за издржливоста преку љубовта кон фудбалот негувана со децении.

2

Двајцата се типични претставници на Прилеп.Луѓе што можат без многу работи, а не можат без фудбал. Трајко означи крај на 64 години. Со топката бил од дете. Тренирал и играл по клубови. Подоцна само за рекреација. Иако бил зафатен со приватниот бизнис, наоѓал време за рекреацијата. Нема игралиште во градов каде не играл мал фудбал на ракометни или мали голчиња. Не се бројат сите места – Вишата економска, Универзалната, салата Македонија, Рампо Левката, Кочо Рацин, Гимназијата… Околу 30 години без прекин минал на асфалтното игралиште кај Типски куќи. Којзнае колку рала патики се искинати по асфалтот. Колку топки се сменети. Нема застој ниту во празник, ниту во делник, ни во лето, ни во зима. Иако одбранбен играч,Трајко ценеше само офанзивна игра. За тие што се бранат, коментираше дека легнале на гол. Другите за него велеа дека така цврсто играше во одбрана што топката може да помине, противникот – не.  Еден свој квалитет самиот го крсти ,,лајче,,. Тоа значи дека така убаво му додава и асистира на соиграчот, како да му дава храна в уста со лажиче.

3

Кога се зборува за Трајко, не може да не се спомне и Црнио. Неразделни секаде, на натпревари, турнири. Кога се одбираа екипите, сé е неизвесно кој каде ќе припадне, а само едно е јасно – Трајко и Црнио се во иста екипа. Црнио, роден пред 59 години и израснат во Вишне маало, тренира во Победа и 11 Октомври, но го напушта професионалниот фудбал за да продолжи со рекреацијата. Нема таков ден кога тој отсуствува од договорениот термин на игралиште. Некогаш ќе речеше некој дека е на пат во Скопје по службена должност од Фондот за пензиско и инвалидско. Само пред да почне натпреварот – еве го Црнио на терен. Другпат ќе се каже дека бил на планинарење и не е во можност во ист ден да биде и планинар и фудбалер. Незапочнат натпреварот, еве го пак на терен. Стигнал и да се преоблече, да земе опрема, дрес, шорцеви, патики. Подготвен 100 отсто за борба. Нема попуштање. Секој натпревар е финале. Секој дуел е жесток. Затоа одиграа финалиња по турнири. Нема друг таков. Го разбираа и противниците, оти без такви играчи нема ,,жар,,. Секој меч – приказна. Кога играа Трајко и Црнио застануваа минувачи и до мрак крај теренот следеше многубројна публика.

По последниот натпревар, Црнио подготвил говор за пријателите.

4.2

– Не можам со зборови да ја опишам среќата и радоста што ја чувствувам. Бескрајно сум возбуден од приредената чест. Најискрено – многу го сакам фудбалот. Од мал секој ден играв во секоја екипа каде што ме викаа. Желбата за фудбал постојано се се распламтуваше. Се оженив, формирав семејство, но фудбалот ми остана во душата. Од седум дена во неделата, пет играв фудбал. Се откажував од важни работи да не го пропуштам фудбалот. Преку фудбалот среќавав и запознав многу пријатели од сите генерации, со кои живеам до ден – денес. Со последнава екипа, играв околу 10 години.  Задоволство ми беше што бев дел од неа. Имавме прекрасни дружби за уживање. Животот е тркало. Секавично се врти, брзо, незапирливо и незабележливо летнаа годините. Дојде моментот да се простам од фудбалот. Но, на драгите мои соиграчи, другари, пријатели, никогаш нема да заборавам. Ветувам дека од срце секогаш ќе го поддржувам фудбалот – зборуваше Црнио со многу емоции.

По поростувањето никој не верува дека ќе останат мирни со седење дома. Или ќе ги видиме на планина или на велосипед на долги релации надвор од градов. Сигурно е  дека остануваат светол пример за посветеност кон рекреацијата и здравиот начин на живот. Младите генерации имаат патоказ. Камо среќа да има бројни наследници на Трајко и Црнио. 

5.2

Дружба до полноќ

Во чест на најпознатите рекреативци, имаше дружба во Балон-салата. Присуствуваа триесетина пријатели, соиграчи, познаници. Таму беа Кире Овезоски, Роберт Ѓорчески, Сашо Чатлески, Орде Богески, Стевче Талески, Блаже Милошески, Игор Баракоски, Златко Думбалоски, Љупче Петрески… Професорот Пеце Апостолоски им подарок  два дреса со имињата на Трајко и Црнио.

Нова средба е закажана за пензионирањето на Трајко.

6

Loading