ТЕСНОЛИНЕЈКИ И ЖИЧАРНИЦИ ВО ПРИЛЕПСКО

tesnolinejki i zicarnici

Патиштата во Македонија во Првата Светска Војна биле во ужасна состојба. Мајорот Валтер Тецлов, командант на железничките трупи на 11 германска армија, во својата книга говори за состојбите на патиштата и за начинот на совладување на транспортните тешкотии при превоз на стока и патници на македонскиот солунски фронт.

Во книгата напишал.

Армијата ја прокрстари цела Србија и Македонија за два месеци. Единствениот едноколосен шински пат од Белград кон Солун беше трајно разурнат од противникот. Секој што учествувал во пробивањето има претстава за чудоневидените тешкотии во тие краишта, кои нашите трупи, особено артилеријата и пешадијата, требаше да ги совладаат. Калта на таканаречените патишта беше до колена. Колите често пропаѓаа до оските…

Покрај железничкиот патен правец Скопје – Солун, германската команда заради поврзување со оддалечените делови од фронтот била заинтересирана за патниот правец Градско – Прилеп – Битола, како и за состојбата на железничката линија Битола – Солун. По инспекцијата на овој патен правец мајорот Тецлов за затекнатата состојба напишал.

Преку глинен  – кафеав крај, исполнет со прав, се провлекува скоро бескрајна колона на двотркални коли и волови како единствено транспортно средство за снабдување на бугарската многубројна армија на солунскиот фронт. Минуваа недели додека една таква колона на волови го носеше до фронтот својот незначителен корисен товар… Овие колони не познаваа никаква дисциплина за правецот на движењето. Како последица на тоа, одвај беше можно малубројните германски камиони да се провлечат низ лошите и пренатрупаните патишта со коли и да бидат ставени на располагање на бугарската армија… Беше вечер кога дојдов во Битола да извршам преглед на главната железничка линија Битола – Солун до фронтот. Разурнувањата се покажаа повеќекратни. Со исклучок на две оштетени машини, недостасуваше секаков транспортен материјал.

Поради ваквата состојба, мајорот Тецлов í предложил на својата команда изградба на воена железница, теснолинејка од Градско до Дреново, изградба на жичарница од Дреново, преку преминот Плетвар до Прилеп, а од тука до Битола повторно теснолинејка која би преминала на главната железничка линија Битола – Солун, која исто така би требало да се доведе во исправна состојба.

По добивањето согласност, Тецлов добил налог за изградба на теснолинејката Градско – Дреново. Работите почнуваат во 1916 г. Иако, кај бугарската команда постоела желба да се изгради теснолинејка на целата траса од Дреново преку Плетвар до Прилеп и Битола, сепак поради крајно тешките услови на овој дел довеле до градба на жичарница. Жичарниците како превозно средство биле речиси непознати за воените технички единици. Благодарение на искусни поединци кои учествувале во градбата на жичарниците на тиролскиот фронт, како и на упатствата и проектите на фирмата Блајхерт од Лајпциг се формирале работни групи и почнале работите. Потребата од итен превоз на 800 тони стока дневно од Градско до Дреново, наложило брза изградба на жичарницата Дреново – Прилеп. Жичарницата почнала да се гради во делови во април 1916 година. При градбата најголем проблем биле дрвени столбови, бидејќи немало таква шума во блиската околина. Градителите оделе дури 50 километри во крушевските планини да бараат граѓа за 442 столбови, меѓу кои голем број со должина од 20 м. Раководителот на градбата во своите белешки не само што се жалел на непроодноста на патот, туку и со чудење пишува и за енергичниот отпор на македонскиот народ од крушевскиот крај кој и во овој воен период застанал против сечењето на шумата, која во Македонија се сочувала само во нивниот крај. Првиот дел на жичарницата, од Дреново до Тројаци, во должина од околу 20 км. бил готов и пуштен во употреба на 10 јуни 1916 година. Овој дел можел да пренесе околу 150 тони на ден, што ја олеснило понатамошната градба на жичарницата. На 28 јуни 1916 г. бил готов и вториот дел до Прилеп. Два дена потоа била пуштена целата релација од Дреново до Прилеп, долга 36 км. На крајот на 1916 г. жичарницата постигнала полн капацитет на транспорт од 280 до 300 тони за 14 часови на ден. Таа била обезбедувана од 250 бугарски војници и 850 воени заробеници меѓу кои имало Англичани, Шкоти, Индијци, Грци, Французи, Мароканци, Алжирци, Тунижани, Сенегалци, Мадагаскарци, Италијанци, Руси, Албанци, славјански бегалци од Австро-Унгарската војска и други. Иако жичарницата го постигнала предвидениот капацитет за транспорт, тоа не ги задоволувало потребите на фронтот. Кон крајот на 1916 г. почнала градба на жичарницата 2 од Дреново до Плетвар во должина од 27 км. Бидејќи постојната жичарница дала добри резултати, почнала градба на нова од ист материјал и со едножичен систем. Била трасирана покрај постојната, без пречи на работата. За транспорт на воените пратки примани да Велес за македонскиот фронт преку Прилеп, посебни тешкотии предизвикувал бабунскиот превој од Степанци кон Прилеп. Да се олесни транспортот кој од Велес бил пренесуван со теснолинејка до Степанци, бил даден налог на баварското одделение за жичарници да изврши одбележување на столбовите на жичарницата од Степанци до теснолинејката Плетвар – Прилеп. Оваа жичарница била изградена во 1917 година.

И за снабдување на источниот македонски фронт била изградена жичарница од Демир Капија преку Конопиште за Рожден. Оваа линија била со покуси девијации, трасирана по реката Бошава. Работата била извршена во три делници. Првата била завршена кон крајот на декември 1916 година, втората во февруари и третата во март 1917 година. Целата должина на жичарницата изнесувала над 38 км.

Со изградените теснолинејки и жичарници германските и бугарските војски ги снабдувале војските на македонскиот фронт. Но, ни тие не помогнале да се спречи напредувањето на војските на Антантата, кои во 1918 година го пробија фронтот.

Loading