НАД НАРОДНИОТ СУД – СУД НЕМА ДРУГ

pismo-2

„Транзициските процеси им се закануваат на основните вредности, а со кобни претчувства си исполнети сите интелектуални структури. Подобро е да те советуваат, отколку да те презираат“.

Би изјавил Никола Киров – Мајски, оној фамозен креатор на Крушевскиот манифест.

Служувањата не можат да се опишат со ,,свилен,, јазик. Кога и како треба да ги убедиме Америка и ЕУ дека избирачите решаваат, а политичарите спроведуваат. Нека прават математики колку што сакаат, но луѓето не се само бројка. А античката Македонија, историјата идентитетот, името, не се математика со неколку непознати, туку македонска реалност.

Таа кобна ноќ на облаци и црно знаме надвиснаа над Македонија, како на симбол на повик жален. Таа глетка ги пронижува срцата со својот длабок трагедизам. Се слуша трепетот на секое македонско срце и се чувствуваат солзите на секоја ранета душа. Грција ликува. Како да ја растераме идеолошката магла. Кога Пирин Планина е толку висока, двојазичноста и  двонационалноста се речиси готови. Слаби сме ние трговци. Секој може да нé купи и да не продаде без да знаеме. А времето на големите изненадувања само што почна. Живееме како еднодневните мушички. Затоа дозволуваме ембарго против македонизмот, нашиот единствен духовен процес.

Збунувачко прашање – ,,Колку е чудна Македонија,,? Кореспондира со рефренот – ,,Други да ја познаваат, самата да не се знае,,. Кога тие што нé советуваат, би се осмелиле во својата држава да го побараат тоа што го бараат од нас, сигурно ќе ги испратат на лекарски преглед и трајно ќе ги елиминираат од политиката. Кај нив лебот има 9 кори, а кај нас се јаде недопечен. Никаде во светот уставите не се менуваат со воени закани, меѓународни олеснувачи и притисоци, освен кога се потпишува капитулација. Да не се лажеме. Ова не е битка за устав, ова е надмудрување за судбината за Македонија. Кому му е виновен обичниот Македонец, кој во ерата на сателитската комуникација стравува за елементарниот статус?

Што се однесува до мене, кога ќе дојде ветерот да нé одвее и мракот на историјата да не проголта, нема да ме пронајде. Секогаш родината ни е осакатувана со Букурешки, Берлински, Балкански и Светски војни, Охридски, Пржински и Преспански договори. Нашата главна карактеристика ни е да лелекаме над историјата. Таа ни е како маштеа од Византијците и Турците, до Србите, Грците и Бугарите.

Светската формула дека целата древна историја била македонска, грчка, римска или египетска, е придобивка или сопственост на планетарната цивилизација. Во прилог се европските правила, што налагаат почитување на граѓанските и етничките вредности, што значи отфрлање на примитивизмот и колонијализмот. На светот ќе му докажеме дека сме единствените Македонци што ја негуваат автентичната македонска култура и јазик. Според ,,Енциклопедија Британика,, само Република Македонија е матична држава на македонскиот народ. Според ,,Ну јорк таимс,, во светот на вистински историски уводник, дадено е дознаење дека во Македонија не постојат територии на други држави, туку обратно. И за името со кое се гордееме како срам и престап ни се суди. Грев било да се сака своет. Ќе ни ја направат државата фантомска. Какви ли беа тие стратези што дозволија обезличување на македонскиот духовен простор? Коските на предците обврзуваат. Подоцна ќе плачете на судбината. Светското искуство вели дека трајно договарање задолжително поседува корен.

Во таа уште имагинарно обединета ЕУ ќе опстанат државите само со чист и јасен профил. Нашите откорнатици го боледуваат страшното умирање на своите детски соништа за Македонија. Лазар Колишевски се срамеше повеќе од 40 години, затоа што манастирот Св. Прохор Пчински им го отстапи на Србите. Какви отстапки се кријат со договорот од Нивице? Траумата му се остава на народот, создавајќи држава на туѓа територија –  АСНОМ, Св. Прохор Пчински, а растурајќи ја пак во туѓа држава како во Нивице со Преспанскиот договор.

Секој народ има право како на херои, така на предавници. Тој не ги избира нив. Тие му се случуваат. Со такви радикалани пресврти ќе имаат сериозни проблем со мнозинството и никогаш нема да издејствуваат прошка. Грижата на совеста и плачот над судбината ќе им останат во главите.

Света Македонијо, тоа ли го дочека? Се колнам во своите вековни страдања. Ќе дојде ден, тој голем ден над народниот суд, суд нема друг. Можеби врбите крај Вардар, сé до делтата на морето ќе расцутат побрзо, ама нема  да родат грозје.

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading