ГЛАВЕН МОМОК И РУГА

ivce1На гости кај пријатели во нивната викендичка, во едно прилепско село. Седиме под сенките, пиеме кафе. Поодамна беше тоа. Присутен на седенката и еден жител од селото. Тој беше, некако, најактивен во разговорот. Објаснува дека се занимавал со одгледување на овци. Тешко било. Не можело да се најде овчар. Никој не сака таква работа. Вели: ,,Лани имав еден момок. Главен беше од Ѓурѓовден до Митровден. Му ја платив ругата и си замина. Му нудев подобри услови да остане и годинава, но не сакаше,,. Зборуваше и за други проблеми при одгледувањето на овци. По некое време си замина. Домаќинката на викендичкта вели дека ништо не разбрала од  објаснувањето на одгледувачот на овци. Прашува таа што е тоа ,,момок,,, дали е тоа момче? Не и е јасно што значи зборот ,,главен,,. Како тоа, овчар, а тој бил главен од Ѓурѓовден до Митровден. Зар домаќинот, сопственикот на овците не е поглавен? Па негови се овците. Домаќинката не разбрала и што е тоа ,,руга,,.

Овие зборови (момок, главен, руга) се малку заборавени. Помладиве можеби и не ги слушнале. Нормално е тоа. Поинаков е денешниов начин на живеење. Ќе се обидеме да ги објасниме овие зборови. Барем за оние што не ги знаат или што не ги слушнале.

Зборот ,,момок,,. Момок не значи големо момче. Се правеа напори големото момче да се вика ,,момчак,,, но ретко го слушаме тој збор. Се создаваат извесни забуни со зборовите ,,момче,, и ,,момок,,. ,,Момок,, значи човек кој работи на некој друг имот, дека е прислужник, кај некој друг човек. Чува стока (овци, говеда) или пак извршува некоја друга работа. За тој човек, за тој момок се вели дека е ,,главен,, кај некого. Не се мисли на тоа дека е важен, дека е најглавен, туку дека е ангажиран, дека е пазарен да извршува некоја работа кај некој друг човек. Така се главуваа момците. Во романот ,,Крпен живот,, од Стале Попов, се присеќаваме на еден ваков исказ . Младо момче, кое се наоѓа во тешка ситуација и вели на својата сестра: ,,Ќе одам, ќе се главам некаде, колку за лебот да го јадам,,. Овој збор ,,,главување,, се употребува најмногу во селските средини. Богатите селани, чорбаџиите, обично главуваат момци да им ги пасат овците. Може и за некоја друга работа. За таквите работи, момците добиваат ,,руга,,. Тоа е надоместок, некаков вид плаќање за извршената работа. Главувањето обично се прави од Ѓурѓовден до Митровден. На Митровден, момокот ќе си ја добие ругата. Во некој случај, за некои специфични работи, ангажираноста на момоци може да биде и обратна, од Митровден до Ѓурѓовден. Се случува и тоа, сиромашни селани, кои имаат малку овци, да ги даваат ,,на руга,, кај некој богат. За тоа ќе му платат на богатиот човек што ги чувал овците. Ќе му ја платат ругата. Зборот ,,руга,, може да биде и глагол. Да се употребува и во едан друга смисла. Да се ругаш на некого, значи да го грдиш, да го укоруваш, да му се потсмеваш. Значи зборот ,,руга,, во првиот случај е именка, а во вториот тоа е глагол. Како глагол поретко го слушаме во комуникацијата. Не сме сигурни и во тоа дека тој збор има корен во нашиот јазик. Повеќе се среќава во литературни текстови. Но, треба да ги отфрлиме колебањата. Во Речникот (тритомниот) одбележани се двата збора. И како именка и како глагол.

Обично, регистрираме јазични грешки. Во овој случај нема такво нешто. Сакавме само да објасниме некои подзаборавени или малку познати зборови.                                                                                                                 

Loading