ПОДЗЕМЕН БИСЕР Е ПЕШТЕРАТА ПЕШНА

8

Во подземните езера на пештерата Пешна кај Македонски Брод се пронајдени слепи риби, какви што спелеолозите не виделе никаде на друго место. Повеќегодишните истражувања на најголемиот пештерски систем во Македонија откри неверојатни подземни богатства, единствени на планетава.

Пештерата Пешна е достапна, блиска, на 40 км. од Прилеп на патот за Македнски Брод, па за акумулацијата Козјак. Една е од најатрактивните природни убавини на Македонија. Живописна е патеката загрната во дрјва и грмушки која ве води до неверојатно големиот пештерски влез. Велат дека Пешна е пештера со најголем отвор (над 30 метри висина и 52 метри ширина) и волумен во Европа! Поради мистериозноста, Њујорк тајмс ја споредил со сцените од филмот ,,Господарот на прстените,,.

Фасцинантен е сводот и ѕидовите во неверојатни бои, од светлозелена до виолетова. Внатре има извор на вода која надоаѓа на пролет и во зима. Кога водата ќе надојде во Пешна, татнат внатрешните невидливи водопади. Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток кој во сушните периоди сосема пресушува. Според мештаните, врутокот е реката Пешна, понорница која претходно понира, а според извесни теории е Крапската река која формира неколку подземни езерца и водопади во најголемиот пештерски систем кај нас. Се претпоставува дека каналите се долги десет километри! Во подземните езера се пронајдени слепи риби, какви што спелеолозите не виделе никаде на друго место! Откриени се единствени  богатства на планетава.

4

-Подземниот систем засега е делумно докажан, со боење на водите што понираат од реката Крапа. Забележано е дека вода излегува на повеќе места во поречкиот регион, во Пешна и во нејзината околина. Дел излегува дури на другиот крај од Треска, односно таму има река под река. Понорниците во Македонија се многу ретки. Водата излегува на 5-6 километри оддалеченост по воздушна линија. Нејзиниот подземен тек е долг околу десет километри – велат скопски спелеолози.

Според нив, досега бил истражен еден и пол километар од системот. Не се влегло од спротивната страна, откај Крапа, бидејќи масивните блокови биле опасни со можност за уривање. Имало високи вертикални спустови и тесни премини, што уште повеќе ги отежнувале условите за истражување. Најмногу изненадиле слепите риби во подземните езера.

– Тоа е најверојатен вид што порано живеел над земја. Со времето, единките пропаѓале и го губеле сетилото за вид, бидејќи не им било потребно нешто што е вообичаено за подземните суштества. Рибите не реагираа на човечки раце, што сведочи дека се слепи. И во други пештери живеат риби, на пример околу Матка. Тие имаат контакт со надворешниот свет и затоа се уште гледаат. Овие се отсечени од светлината. Досега не е земен примерок, оти нема каде да се анализира – објаснуват спелеолозите.

Во внатрешноста има остатоци од камена градба и остатоци од воденички камења. Се памети дека некогаш се вртеле колцата дури на 23 воденици. Легендата вели дека Крале Марко имал пет ќерки. На две од нив им изградил живеалишта – тврдини. На постарата, Пешна, и изградил дом во пештерата, а на помалата, Дева, на ридот спроти пештерата, оддалечен неколку стотини метри кон запад. И од нејзиниот дом има остатоци на ридот. Според нивните имиња се и сегашните топоними, селата Пешна и Девич. Според легендите, двете тврдини живееле сестри, а не ќерките на Крале Марко.

7

Науката вели дека Пешна е локалитет од доцноантичкиот период во Македонија, зашто во близина на селото Слатина, пред пештерата е откриена гробница со свод од тули и страничен влез.

Прошетката до Пешна ,,се исплаќа,, и заради недопрената природа и зимското сино небо кое не може да се види од смогот во градовите, мирот и тишината што ги нема на друго место.

Loading