ПРИЛЕП СЕ ОДДАЛЕЧУВА ОД ДНОТО

Ракомет : Конечно нагорна линија

-Паднаа Борец и Вардар ј., на ред се Радовиш и Струга

RK Prilep

Во есенскава резултатска темнина на прилепскиот екипен спорт издвојуваме две врзани победи на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Кога беше најпотребно, прво е совладан Борец во Велес со 26-32, потоа дома и Вардар јуниор (25-22). Така, не само што се избегна опасноста за пад на дното, сега се изгледни шансите за задржување во средината од табелата, на безбедното 7 место. Тоа всушност е и скромната клупска амбиција.

-Седмото место е поубава слика, за разлика од претпоследното. Има извесно подобрување, се гледа некоја свежина во тимов. Така е кога се средуваат најбитните работи во клубот. Во Велес домашните се надеваа на триумф како сламка за спас, но ги совладавме и откако видоа дека немаат веќе шанса за опстанок – се откажаа од Лигата. Вардар јуниор, пак, е школувана екипа и победата над него е најзначајната – смета Пеце Велјаноски, тренерот.

Составот е од млади и неколку искусни: Талески, Алушовски, Шуклески, Орданоски, Д. Трајкоски, Алексоски, Ѓорѓиески, Свртинов, Шокоски, В. Трајкоски, Бозароски, Илиески, Темекоски, Ангеловски, Чупетрески и Мачевалов. На првиот меч најефикасен беше Шокоски со 12, пред Бозароски со 6, а на вториот Бозароски даде 13. До крајот на есенва претстојат два тешки меча, во Радовиш и дома со Струга.

-Има големи шанси да го избегнеме баражот, односно претпоследното место. Ако играме како на последните два меча, максимално ангажирано, ништо чудно да славиме во Радовиш и на крајот дома со Струга. Очекувам барем три бода од овие дуели – вели Велјаноски.

Табела: Еурофарм 31, Бутел 27, Пелистер 23, Пролет 22, Охрид 21, Пелистер 20, Струга 19, Прилеп 10, Радовиш и Вардар ј. 9, Борец 0.

И женскиот тим на Деспина има изгледи за подем до 7 место, ако викендов дома ја совлада Гевгелија.

Loading