СЕРИЈА СО НЕЧИСТ ЈАЗИК

ivce1По подолго време, на некоја наша телевизија се појави наша сериска емисија. Сме гледале само една епизода. Тоа би требало да биде некоја божемна комедија. Од она што го видовме, не прилега баш на тоа, на комедија. Но, ајде, можеби и ќе се насмее некој. Актерската екипа позната и добра. Не успеавме да прочитаме на шпицата кој е лектор и дали воопшто има лектор. Лошото акцентирање, како во Парламентот, а не како во уметничка претстава. Јазичните грешки ја прават горчлива оваа комедија. Чудна неодговорност. За грешки и не е потребен лектор. Тоа се школувани актери. Треба да го знаат македонскиот литературен јазик. Македонскиот јазик, за кого толку ,,жилаво,,  се бориме и не го даваме .

Во една епизода, човек не може да ги забележи сите грешки. Еве неколку реченици кои успеавме да ги запаметиме.

Вака :

,,Кај сакаш гледај го, само не го гледај во очи,,.

,,А тебе како кувар те вработивме,,?

,,Заборави на надокнада за прекувремената работа,,.

,,Ако не му се допаѓа, нека иде кај комшијата,,.

,,Не е добро да те боли зуб,,.

Толку успеавме да забележиме. Имаше повеќе. Рековме, акцентот

многу лош, а голем дел од артикулацијата, чисто скопска. Не знаеме колку пати сме рекле дека скопскиот говор како да станува службен јазик.

Да ги прокоментираме грешките. Во првата реченица, еден дел гласи – ,,Не го гледај во очи,,. Грешна целата конструкција на реченицата, а уште поголема е грешката со полната форма на предлогот ,,во,,. Сме се изјаснувале за ова повеќепати. Нема повторно да објаснуваме. Само ќе ја напишеме реченицата како што треба – ,,Кај сакаш гледај, само не гледај го в очи,,.

Наредната – ,,А тебе како кувар те вработивме,,?  Па тоа е толку јасно, човекот што готви е готвач, а не кувар. Зар треба коментар за ова!? Зар не е срамота лекторот да го допушти овој збор? А зар не е срамота и актерите да не го знаат тоа?

Следува – ,,Заборави на надокнада за прекувремена работа,,. Погрешна е употребата на зборот ,,надокнада,,. Нашиот збор гласи ,,надоместок,,. Оваа грешка ја слушаме мошне често. Тој збор ,,надокнада,, не е наш, како што не е наш и зборот ,,накнадно,,. Кај нас тоа е ,,дополнително,,. Кого да го обвинуваме за овие грешки ? Во овој случај се знае, лекторот и актерите. Не смее тоа така, а во конкретниов случај –  никако.

Понатаму – ,,Ако не му се допаѓа овде, нека иде кај комшијата,,. Глаголот ,,иде,, во нашиот јазик значи дека ,,доаѓа,,. Ќе речеме дека иде (доаѓа) зимата. Иде сезоната на грипот. Иде убаво време. И којзнае уште колку примери можат да се најдат. Односната реченица треба да гласи – ,,Ако не му се допаѓа овде, нека оди кај комшијата,,. Значи нека оди, а не нека иде. Ќе му речеме на детето ,,Оди купи ми весник,,. Тоа би рекло – ,,Нека оди брат ми,,. И така натаму. Не ,,Иди купи ми,,, туку ,,Оди купи ми,,,. Како на многу места, пак зборови својствени само за скопскиот говор. Пак отстапување од литературната норма. И пак од оние кои најмалку треба да го прават тоа.

И последната забележана реченица – ,,Не е добро да те боли зуб,,. Навистина, не е добро да те боли ,,зуб,,. Точно е тоа. Но, зошто никого не го боли главата од овие и не само од овие, јазични грешки. Се однесуваме како да е ова најневажното нешто. Зар јазикот не е она што го определува нашиот идентитет!? Најголемиот, најсилниот белег на идентитетот е јазикот. Сме размислиле ли каде оди нашиот јазик? Нашиот македонски јазик и неговото кирилско писмо?!

Loading