БЕЛИЧКИОТ РАЈ

Gulabarnica pestera

Најживописно населено место во поречкиот крај е селото Белица. Се стасува од Македонски Брод по асфалтниот пат од четириесетина километри до акумулацијата Козјак, по лаките на Треска. Такаречи на вливот во езерото, река чиста како солза се дави во ,,големата вода,,. Оттаму во акумулација. Тоа е реката Белица.

Природата се истурила во беличко. Некои велат дека тука е македонскиот рај. Карпестите Даутица и Јакупица стрмно слегуваат до селото Белица и вечно богатите извори. Раскошната вегетација во клисурата ги плакне очите. Неколку рибници за одгледување калифорниска пастрамка ја параат природата. Ама богатството за око не се предава, додека неуморната вода во реката се парчи по камењата низ врбјарниците. Дури и низ селото се делат изворчиња и поточиња. Старите беличани велат дека реката го добила името по белиот камен во коритото низ кое тече бистра и кочан студена вода за пиење. Лете температурата не се качува повеќе од осум степени. Нозете се вкочануваат за пет минути.

pestera laparnica

Во селскиот амбиент на стари камени куќи дедо Вуксан Илиоски, со повеќе од 80 години, раскажува дека селото некогаш било богато со добиток и воденици. Сите беличени ги викали луѓе од друга вера, оти биле необично добри. Од ова село излегле многу учени луѓе. Се знаеле на далеку по мајсторилакот за мелење пченица. Доаѓале дури од Мијачијата да мелат на природно погодните воденички камења што давале најбело брашно без фира.

Дедо Вуксан вели дека покрај водата, беличко го красат десетина пештери.

-Истражувано е темното богатство на пештерите Момичек,  Голубарник, Лапарник… Спелеолози  од земјава и странство често ги посетуваат ходниците украсени со сталактити и сталагмити. Додека се одржуваше некој поход во пештерата Голубарник, спелеолозите откријаа човечки череп. Не знам каква била вредноста на черепот, но децата беа радосни како да ги пронашле коските од Исус. Пронајдени се и орудија од праисторијата. Државата уште се мисли дали да ја прогласи месноста за споменик на природата, спелеолошки парк Белица – вели Вуксан.

reka Belica

Го пренесува преданието за пештерата Момичек.

-Од дедо прадедо сум слушал дека некоја мома, бегајќи од султанот, се фрлила во бездната. Бидејќи не и го знаеле името на момата, во нејзина чест жителите ја нарекле пештерата Момичек, вели Вуксан.

Белица заживува. Отселените во Скопје, лете живеат на  семејните огништа на своите предци. Зиме заминуваат. Помладите потомци, како дел од прилепското семејство Беличанец со корени овој крај, пред неколку години се собраа да го наредат што побујно семејното стебло. Артистката Билјана Беличанец со својот сопруг подигна дрвена викенд куќа на малата ада на Белица. Не се единствени.

selo belica

Loading