ВОЕНА (НЕ ВОЈНА) АКАДЕМИЈА

ivce1Прогнозата за времето секогаш предизвикува интерес и е редовно слушан дел од информативните програми. Но, редовна се повторува и грешката. Презентерката кажува дека се очекува продор на студен воздушен бран. ПРОДОР! А зошто не ПРОБИВ? А токму така треба. Нашиот глагол е ,,пробива,,, а не ,,продира,,. Зошто да не се рече ,,пробив,, или можеби и ,,пробој,,? Продор не е наш збор, но упорно ,,продира,, во нашиот јазик. Во сите области, не само во прогнозата за времето. За чудо, внесен е и во некои речници како литературен збор.

Во ВОЕНАТА академија биле произведени нови потпоручници. Го добиле првиот офицерски чин. Убаво. Но, зошто многу често, да не речеме и редовно, од презентерите слушаме погрешна употреба на зборот ,,воена,,? Наместо така, тие велат ,,војна,,. ВОЈНА академија. Ова го слушаме и на многу други места, не само на ТВ. Треба да се прави разлика меѓу зборовите ,,војна,, и ,,воена,,. Разликата е голема. ,,Војна,, е именка, а ,,воена,, е придавка. При евентуален голем судир меѓу две земји, велиме дека е тоа – ВОЈНА. Дејството што се врши не е ВОЈНО, туку ВОЕНО. За време на војната се извршуваат разни ВОЕНИ операции. Видлива е разликата, зар не? Затоа и Академијата ќе биде – ВОЕНА академија, а не ВОЈНА академија. Една буква е во прашање. Ако напишеме ,,Ј,, наместо ,,Е,, веднаш значењето станува поинакво: Жестока ВОЈНА, а успешна ВОЕНА операција.

Доста жестока дебата. Еден од учесниците бил научник. Доста арогантно објаснува дека повеќе од 50 години се бавел со наука. СЕ БАВЕЛ! Ако некој ја извршува односната работа бавно, би рекле дека се БАВИ. Но, евидентно беше дека научникот не сакаше да го каже тоа, неговата цел беше да каже дека повеќе од 50 години се ЗАНИМАВАЛ со наука. Значи не треба да каже дека се БАВЕЛ со наука, туку дека се ЗАНИМАВАЛ. Тој прави и други јазични грешки. Повеќепати вели ,,молим,,, наместо ,,молам,,. Ја употребува редовна грешка што ја слушаме. Кога зборува за некој проблем, не вели ,,Овде во земјава,,, туку вели ,,тука во земјава,,. 50 години научна работа е импозантен период. Белки научникот ќе најде време и потреба да се ,,бави,, малку и со јазикот. Имаше тој и други јазични грешки.

Слушаме на ТВ дека невремето го пореметило сообраќајот во некоја земја. Мошне честа грешка. Невремето можело да го НАРУШИ сообраќајот, а не да го ПОРЕМЕТИ.

Пак на ТВ. Коментар за состојбата и за иднината на Македонија. Се вели дека западот е нашата ориентација. Се вели дека нашиот пат бил ЕДНОСМЕРЕН. Како обично, како секогаш. Слушаме зборови кои не се наши. Зборот СМЕР, не е наш. Кај нас тоа е НАСОКА. Па според тоа, нашиот пат би бил ЕДНОНАСОЧЕН, а не ЕДНОСМЕРЕН. Често, мошне често, ја слушаме оваа грешка. Ја слушаме, а никако да ја отфрлиме.

Слушаме, пак на ТВ, ваков израз – ,,Имајќи во предвид,,. Предлогот ,,во,,, овде нема место. Зборот ПРЕДВИД е произведен од предлогот ,,пред,, и именката ,,вид,,. Така се добил прилогот ПРЕДВИД. Затоа, ИМАЈЌИ ПРЕДВИД, не ВО ПРЕДВИД.

Треба да имаме предвид многу грешки и да не ги правиме.                                  

Loading