ПРЕСПАНСКИ БИСЕР

Селски туризам во Брајчино

Selski i ekoloski turizam se dozivuva vo  Brajcino

Селото Брајчино е едно од најубавите во Преспа во подножјето на планината Баба. Низ него тече и реката Балтан. За смирување на умот и душата, надвор од градската врева, без грижа каде што ќе ги лижете прстите кога ќе јадете е ова преспанско село. Местото е идеално за уживање и отворање на сите сетила. Со една прошетка прираснува на срцето со автентични камени фасади, со мовчиња под кои тече бистрата вода, со убаво уредени дворови… Фасцинира селската архитектура на куќите, градени од делкан камен, вклопени во дрвени огради. Околу куќите постојат уредени дворови и зеленчукови и овошни градини.

Брајчино е и село и туристички комплекс. Ретко се гледа вака добра организираност, одлична обележаност и бескрајна чистота. Ниту едно книвче, ниту догорче нема на патот. Само бескрајна есенска дивина, жуборењето на реката и мирисливиот воздух што ги плени белите дробови. Уште опојува аромата на нането, мајчината душица, камилицата, копривата…

Живописното место е градено на 1000 м. височина. Десетина домаќини издаваат соби. Го развиваат селскиот туризам. Старите куќи се обновуваат. Расте бројот на туристи со престој. Агенциите поинтензивно го нудат. Селото се прочу надвор од границите. Стана познато во светот. Доаѓаат Данци, Американци, Германци, Швајцарци, Австријци, Словенци… И дипломати, амбасадори и конзули. Местото се промовира како Мека за еко туризам. И официјално е вброено меѓу еко дестинациите. Во 2003 г. беше избрано за најпогоднна еко локација. Со добра дума, љубезните домаќини се грижат за гостите како за најблиски роднини. Десетина семејства ги отворија куќите за гости со спиење, појадок, ручек и вечера. Царство е на ѓомлезето, питулиците, тавче – гравчето, циронките, питите и мармаладите од јаболка и уште многу единствени понуди.

brajcino 1

Привлечни се и манастирот со соби за спиење со жените кои приготвуваат македонски специјалитети. Сервираат два вида салати, супа и пита за предјадење, а за главно јадење се полнети пиперки, сарма или мусака, чадено месо и, како најголем специјалитет, се предлагаат домашни колбаси, кои ги викаат лукаинци.

Автентичните убавини ги откриваат домашните гости. Обележена е патека за планинарење за Пелистер и Големо Езеро. Има табли за кружна обиколка, која води до сите цркви. За фалба се и обучените водичи. Гостите уживаат во дарот на природата, а домаќините се грижат за организирано собирање на отпадот. Близината на езерото ги прави интересни и островот Голем Град, орнитолошкиот резерват Езерани и музејот со бројната колекција на народни носии во Подмочани. Околината нуди можност за развој на зимско-спортскиот туризам, планинскиот, здравствениот, манастирскиот со разни активности со избегнување на масовниот туризам.

За есенска авантура, Брајчино е атрактивна локација. Без посета, не се знае колку воздухот може да биде кристално чист, свеж и лесен.

Brajcino 2

Цркви и манастирот

Оставаат впечаток петте цркви и манастирот крај селото, кој потекнува од 16 век. Главниот храм е Св. Никола, од 1872 г. на темелите на постара црква. Св. Богородица е црквата на 700 м. северозападно од селото. Црквата Св. Илија е позната по првото ќелијно училиште. Црквата Св. Архангели е во месноста Арангели, на 700 м. од селото, обновена е во 1916 г. Јужно е црквата Св. Атанасиј, обновена е во 1985 г. Брајчинскиот манастир се наоѓа над селото, обновен е во 1985 година. За манастирската црква Св. Петка нема податоци кога е изградена.

Мед и алтан

Во дамнина, кога престојувал некој бег, девојка, рисјанка побегнала со еден од војниците. Бегот го пронашол војникот скриен на планината. Кога го прашале, зошто бегал, тој им рекол:

-Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан.

Природата била скапоцена, а девојката слатка од убавина.

Нож за леке лек

Млада невеста од Преспа имала проблематична бременост. Го изгубила бебето. Сонувала сон да го земе стариот нож од црквата Св. Петка и цела година да го држи под својата перница. Така направила. Родила, од Бога дарувана, прекрасна ќерка. Луѓето кои се грижат за црквата не кажуваат за ножот. Велат дека и други луѓе по сон дошле да бараат лек. Мајка од Полска сонила сон и дошла во Брајчино за своето болно дете.

Loading