УБАВИ ШАНСИ ВО ПРВЕНСТВОТО И ВО КУПОТ

Фудбал: Есенва Победа се движи над планот

-Дофатливо е 4 место и полуфиналето

Pobeda

Дванаесетдневната пуза во Првата лига завршува в четврток, кога се натпреварите од 15 коло, а во меѓувреме се сумира постигнатото. Екипата на Победа се движи над планот. Амбиција на краток рок е Европа, притоа, со постепен прогрес од сезона во сезона преку оддалечување од опасната зона. Но, веројатно веќе оваа година може да се надмине планот. И тоа во тешки околности – играње само надвор од Прилеп (со исклучок на еден куп-меч со Гостивар). Шанси, освен во првенството, се појавуваат и во Купот.

Во првенството, во последните четири меча, постигнати се две победи (со Шкупи 2-0, Силекс 2-0) и два пораза (Работнички 3-1 и Ренова 2-1), така што задржан е пласманот во горниот дел од табелата. Можеше да биде уште подобро, ако на некои натпревари среќата не го свртеше грбот, или ако не се промашуваа шанси. На последното гостување во Тетово, прилепскиот состав со голот на Танушев водеше до последните моменти од првото полувреме, владееше на теренот, топката ја имаше повеќе во посед, но токму тогаш беше примен гол. Наместо триумф, на пет минути пред крајот домашните дадоа победоносен гол. Како и да е, атмосферата во тимот е на потребното ниво, бидејќи играта дава надеж за бериќет и подем до 4 место во преостанатите 4 есенски кола. Мечеви има на секои три-четири дена од 22 ноември до 2 декември: на гости кај А. Пандев, дома со Шкендија, на гости со Вардар, дома со Македонија ЃП.

Во Купот, Победа одигра уште подобро. На четири меча нема пораз, ниту нерешено, само победи. Прво беше успехот во Струга (1-2), потоа во Гостивар (1-2), па реваншот со Гостивар на Могила (4-1) и како највреден, несомнено, е триумфот среде Тетово против шампионот Шкендија (0-1). Победа на овој начин потврди дека токму со Шкендија има игра и рецепт за позитивен резултат, како ретко кој друг тим од државава. Евентуален триумф на 5 декември, на реваншот, можеби ќе значи и излез во Европа, со оглед на тоа што во завршницата од Купот ќе бидат: Бекасица, А. Пандев, Македонија ЃП (или Работнички, Силекс, Кораби).

Има позитивни информации за здравствената состојба на голгетерот Киријан Нвабуезе, кој ненадејно, како зашеметен паднал на тревата во Тетово. За кратко сам станал и заедно со докторот се упатил в соблекувална. Потоа се врати да го следи мечот. Изјавил дека и натаму ќе игра фудбал.

Партизан – Кожуф

Викендов има второлигашки фудбал. Во 13. коло на источната група, на Могила Партизан го пречекува Кожуф. Претходно беше поразот од 2-0 од Борец во Велес. На табалета лидер е Борец со 31 бод, а Партизан со 10 бода е на 7 место.

Loading