АМАН!

ivce1Аман, до кога?!

До кога ќе слушаме туѓи зборови и изрази во нашиве медиуми? На секоја телевизија, по којзнае колкупати дневно ќе чуеме поздрав – ,,Имајте пријатна вечер,,, ,,Имајте убав ден,, и слично. Овој поздрав го слушаме во поново време. Како дојде тој во нашиов јазик? Зошто оние што го упатуваат не размислуваат за значењето? Зошто не сфаќаат дека помошниот глагол ,,имајте,, е заповеден начин? Зошто не сфаќаат дека со тој поздрав, тие, всушност, ни заповедуваат да имаме пријатна вечер?! Глаголот ,,имајте,, има заповедно значење исто како и – ,,шетајте,,, ,,седнете,,, ,,работете,, и многу други. Зошто е заборавен глаголот ,,пожелувам,,? Зошто не велат ,,Ви пожелуваме убава вечер,,, како што треба, туку ни наредуваат, велат ,,имајте,,? Некои пак упорно велат ,,Ви посакуваме убава вечер,,! И тоа е грешка. Глаголот ,,сакам, (,,посакувам,,) може да има и поинакво значење. Некој, на пример, би посакал пари на заем, а тоа има значење дека тој побарал пари. Значи ,,посакувам,, може да значи и ,,побарувам,,. Ќе цитираме реченица од македонски роман – ,,Жената сака да ја храниш, сака да ја облекуваш,,. Овде се гледа дека глаголот ,,сака,, може да има и значење – ,,треба,,. Жената треба да ја храниш! Значи и тој поздрав е погрешен. ПОЖЕЛУВАМ, тој е зборот кој треба да се користи во ваквите случаи.

Аман, до кога?!

До кога ќе го слушаме зборот ,,задира,,? Слушаме редовно дека евентуалниот предлог задира или не задира во нашиот идентитет. Зошто не им е јасно на лекторите, на новинарите дека глаголот ,,задира, произлегува од српскиот глагол ,,дирати,,, ,,задирати,,. Србите велат ,,задире,, и ние по нив, ,,задира,,! Во нашиот јазик зборот ,,задира,, значи дека се задева. Имаме именка ,,задрогаз,,. Значи не може тоа така – ,,Задира во нашиот идентитет,,. Може да се рече дека го зафаќа нашиот идентитет, допира во него, го загрозува. Е, ние, со тој погрешен, туѓ збор, го браниме нашиот јазик и нашиот идентитет.

Аман, до кога?!

Ќе дојде ли време кога ќе престанеме да го слушаме зборот ,,одважен,, (придавка) и ,,се одважил,, (глагол). ,,Пратениците се одважиле да гласаат,,. Некои дури велат за некого дека се осмелил, а и се одважил да направи така. Премногу упорно се употребува овој збор. Го нема него во нашиот јазик. Тој може (треба) да се замени со зборовите – ,,се охрабрил,,, ,,се осмелил,,, ,,се решил,,. Зошто се отфрлаат нашите зборови? А ,,одважил,, евентуално може да се рече дека кога бил некој важен, па се одважил, како некој што бил женет, па се одженил, некој бил должен, па се оддолжил и така натаму. Овие наши лектори, новинари, политичари, интелектуалци, ех кога би се ,,одважиле,, да погледнат малку и во Речникот.

Аман, до кога?!

До кога ќе слушаме редовно, секојдневно – ,,Тука ја прекинувам седницата,,, ,,Тука го завршуваме дневникот,,, и слично? Под силно влијание на скопскиот говор, таа грешка се шири насекаде. Освен прилогот ,,овде,, постојат и прилози ,,тука,, и ,,таму,,. Ако се случува некое дејство во нашата непосредна близина, тогаш тоа е ,,овде,,. Значи, ,,Овде ја прекинувам седницата,,, ,,Овде завршуваме со дневникот,,, а не ,,тука,,! Да не должиме многу, но еве накратко: ОВДЕ кај нас, ТУКА кај вас и ТАМУ кај нив.

Аман, до кога?!

До кога? Глаголската придавка ,,останатите,, ја слушаме по којзнае колкупати на ден. Србите велат ,,остали,, и ние без да му ја мислиме – ,,останатите,,. Сообраќајна несреќа. Возачот бил потешко повреден, а останатите биле без повреди. ОСТАНАТИТЕ?! Па каде се тие останати? Полицијата фатила еден крадец. Двајца биле. Останатиот избегал. Останат, а избегал! Зошто не се вели другите? Другиот? Оваа грешка и претходните што ги набележавме се толку чести, што веќе, без да се мисли, се користат како да се повеќе од наши.

Аман, до кога?! Аман!

Loading