ИЗЛЕЗНОСТ ИЛИ ИЗЛЕЗЕНОСТ ?

ivce1Трамп добил писмо со рициново семе. Не не интересира тоа, ни зошто го добил ни кој му го испратил. Не интересира зборот ,,рициново,, семе. Од што ли е и какво ли е тоа семе? Според известувањето, семето би требало да биде добиено од растение кое би се викало ,,рицин,,. Така го слушнавме, како рициново семе, а така беше и напишано во текстот на кајронот. Значи не станува збор само за некоја случајна грешка на презентерката. Ја грешиле работата и презентерката и лекторот (ката). Растението се вика ,,рицинус,, а не ,,рицин,,. Според тоа, придавката ќе биде РИЦИНУСОВО семе, а не РИЦИНОВО. Инаку, тоа е убаво грмушесто растение со подрасцепени листови, латинското име гласи рицинус цоммунис . Маслото добиено од семето на ова растение е РИЦИНУСОВО (не рициново). Се користи за прочистување. Растението се вика уште и протока (пратока). За волја на вистината, треба да кажеме дека на друга телевизија слушнавме РИЦИНУСОВО семе, точно како што треба.

Во многу случаи, особено кога има избори и како што беше случајот со референдумот се јавува колебање околу еден збор. Се пребројуваат гласовите и ние сме информирани колку луѓе излегле на гласањето. Некои велат ,,излезност,, а некои ,,излезеност,,. Големо колебање околу тоа што е правилно, а што не е. Дали размислуваат луѓето што го употребуваат овој збор. Дали мислат дека е правилно како што велат тие, или пак го употребуваат онака како што го слушнале или едноставно, како што ќе им дојде во моментот. Признаваме дека сме имале колебање и ние. Сме размислувале кој е правилниот лик на овој збор. Но, ете, малку од неангажираност, малку од невнимание, ќе поминат изборите и едноставно, забораваме за зборот кој создава дилема. Вака или така? Последниов референдум како да нé натера повеќе да размислиме. Да дојдеме до сознание што е точно. Зборот ,,излезност,, или ,,излезеност,, е именка. Во речниците што сме ги консултирале никаде не е одбележан. Јасно е тоа. Тој збор е во употреба во поново време, кога имаме често избори. Рековме, зборот е именка. А именките можат да бидат онака, дадени, без да го знаеме нивното потекло. На пример – камен, земја, дрво, едноставно знаеме што значат, но не знаеме како настанале. Но постојат именки кои настанале, се образувале од некој друг збор. Именка може да се образува од глагол, од придавка, па и од именка. На пример од глаголот ,,копа,,, може да се добие именката ,,копач,,, од придавката ,,млад,, – ,,младост,,, од именката ,,глад,,  – ,,гладост,, и така натаму. Пребарувајќи во Граматиката на Блаже Конески дојдовме до именките кои завршуваат на ,,ост,,,. А такви се именките ,,излезност,, и ,,излезеност,,. Како се родиле тие? Кој пат го поминале да го добијат овој лик? Најпосле, кој лик, која форма е правилна. Според Конески, именките со наставка ,,ост,, најчесто се образуваат од глаголските придавки. Таква е, меѓудругите придавката ,,излезен,,. Со додавање на наставката ,,ост,, ќе добиеме именка ,,излезеност,,. Такви се именките – ,,замагленост,, ,,, избезуменост,, ,,напрегнатост,,, и многу други. Така дојдовме до решението. Треба односната именка што ја бараме да гласи ИЗЛЕЗЕНОСТ, а не ИЗЛЕЗНОСТ. Не треба повеќе да лутаме. Значи, ќе речеме дека ИЗЛЕЗЕНОСТА била толку и толку.

Еве една недоследност од друг вид. Во Комерцијална банка, над секој шалтер е напишано определено предупредување. Им се обрнува внимание на клиентите да ги проверат налозите додека се уште на шалтерот. А тој текст е ставен во наводници. Чудно! Пишува вака ,,Ве молиме, проверете ги податоците во налогот изготвен на шалтерот,,. Текстот е подолг, но го запаметивме само овој дел, почетниот. Грешка! Не ни е јасно и чудно е зошто се тука потребни наводници?!

Очигледно, и на тие што го пишувале текстот не им е јасно. Белки ќе се сетат па ќе ги избришат.

Loading