ВЕКОВЕН МУЗЕЈ ПОД ЗЕМЈА

Кападокија

0359 - Cappadocia - Uchisar

Првиот впечаток за Кападокија во Турција е како да е дел од некоја далечна планета пренесен на земјата со вселенската грандиозна научна операција на некои дамнешни големи цивилизации. Кападокија личи на космички пејзаж пресликан од некој научнофантастичен филм, од некоја далечна планета на која само навидум нема живот. Таа е најмистичниот и најтаинствениот предел на и под земјата. Чудата се дело на човештвото и автентична историја на цивилизацијата. Се наоѓа во централна Анадолија на импресивна висорамнина создадена пред повеќе милиони години од вулканска лава. Неверојатните форми и бои на цели ридови големи карпи од кои се создадени ремек-дела на природата, но многу подоцна и на човекот, во чудесни бело-розеви бои, небаре се бојосани од илјадници сликари, со километри се отвораат фасцинантни предели кои ги стаписуваат дури и добрите познавачи на историјата.

Турција ја има во наследство можеби најголемата ризница на историјата од најстарите антички времиња од првите цивилизации на светот до денес.

Кападокија е силен визуелен впечаток и возбуда што еднаш засекогаш ќе се вметне во помнењето и во свеста по првата средба. Историјата на Кападокија од античките времиња преку владеењето на Хитите, Персијците, Александар Велики, Римјаните, Византиската Империја, односно Источното Римско Царство, Арапите, Селџуците, Отоманската Империја… од оваа област создала најфасцинантен музеј во светот под отворено небо, но и под земја. Турција го има можеби најголемото културно наследство зачувано и ставено во функција и слободен пристап на човештвото. Некогашните подземни градови, скриени цркви, манастири, иконите и животописите на светците пренесуваат во времето назад. Животот на првите христијани воскреснува, предизвикувајќи длабоки чувства за  периоди кога човештвото преживувало драматични судбински. Таа е сведок на повеќеилјадигодишната негибната историја нерасипана од времето. Но, и од идеологијата и фалсификатите на кралеви, цареви, политичари, и, најмногу од историчари во служба на власта. Во живо се гледаат потврдени историски  непреправени докази. Тоа е светско чудо на античкиот свет и на поновата историја. Нема рамнодушост пред најфасцинантните цивилизациски животописи. Посебно импресионира, покрај археолошките наоѓалишта, цркви и манастири, подземните градови кои се достапни само 25 отсто од она што се крие под вулканската маса. Откриени се уште десетици и десетици подземни градови и голем број цркви, антички наоѓалишта, меѓутоа сето тоа  уште е недостапно за широката јавност, бидејќи истражувањата траат додека не се обезбедат безбедни и пристапни патишта за туристите.

goreme-town 1

Незаборавни импресии се 36-те подземни градови. Уште неколку пати повеќе чекаат истражувања. Не се знае колку време ќе биде потребно да се обезбеди пристап до величествените места. Мистерија е како се градени, бидејќи било извонредно тешко со оглед на расположливата технологија од тоа време. Никој не знае кои биле првите градители на подземните градови, кога се градени, од каде биле луѓето, и која била намената на овие градови. Сигурно е дека прво се копале отворите за воздух кои биле канали за вентилација кои се спуштале на 75 до 80 метри под површината до подземните води. Потоа се копале разни простории и тунели, лево и десно од овие отвори за воздух. Земјата се изнесувала низ канали и окната со макари, а потоа била фрлана во речните корита. Се градело на места каде што била вулканската лава била мека. Во овој подземен свет можеле да престојуваат од 15 до 20 дена над 15.000 луѓе. Историчарите докажуваат дека тоа  биле првите христијани кога христијанството било забрането, додека Византија не го примила христијанството.

Голема е разликата меѓу горните и долните нивоа. Во 1910 година се пронајдени камени објекти и мала секира од палеолитскиот период. Не е познато дали горните нивоа датираат од палеолитот. Присуството на црква со крст планирана на седмото ниво во продолжение на мисионерското училиште и базен за крстење во горните нивоа на подземниот град во Деринкују обезбедува доказ дека тука живееле Римјани или Византијци кои го примиле христијанството. Подземниот град кај Деринкују е реставриран да обезбеди добар пример за тоа како работи системот за циркулација на воздухот. Температурата е 7-8 степени. Се искачува до 13 подалеку од окното. Има малку кујни. Повеќе семејства користеле заедничка да има помалку оган, бидејќи чадот лесно го открива подземното засолниште. Има и специјални простории за правење вино. Пронајдени се дупки, но не е познато дали биле тоалети. Има некои преградени тоалети. Најинтересна се вратите од воденички камења. Секоја е тешка до 500 килограми. Биле работени надвор, а потоа внесени во подземните градови што претставува своевидно чудо и доказ за силните мотиви да се заштитат.

urgup

Во подземните градови се ширело христијанството. Сведоштва се големиот број цркви и тајни места на богослужби пронајдени за време на ископувањато. Иако не може да се посочи точниот број на цркви, капели и манастири, се претпоставува дека има над 500. Во повеќето се зачувани фрески и декорации. Подземните градови не се користеле по осмиот век. Некои биле затрупани со камења и земја.  Дел биле делумно затворени, а дел комплетно блокирани. Можеби затоа над земјата се изградени села и гратчиња.

Инаку, историјата на оваа митска област почнува пред повеќе од 10 илјади години со пристигнување на човекот по ладењето на вулканската лава. Уште во 1958 година се откриени остатоци од античка цивилизација, а во 1965 година е откриена стара неолитска населба, потоа се откриени населби од бронзеното време од 3500 г. п.н.е. Во 335 г.п.н. Кападокија ја  освоил Александар Велики. По распадот на империјата, ја преземаат Римјаните.

Христијанската заедница во Кападокија престанува да постои по 1923 година, кога е склучен договор за размена на население меѓу Турција и Грција.

Тоа е една мошне интересна сторија и трагична судбина која е поврзана и со Македонија.

Loading