СИКСТИНСКА КАПЕЛА

ivce1Гледаме вести на телевизија. Презентерката ни ја пренесува изјавата на Папата. Ќе се вршела истрага во ,,Сиксинската капела,, во Ватикан. Така вели таа, а на кајронот го читаме истиот текст. И таму пишува дека ќе се вршела истрага во СИКСИНСКАТА капела. СИКСИНСКА капела!!! Зар немало никој во да ја види оваа грешка? Веројатно погрешно прочитале или слушнале од некој друг информативен центар. Голема е грешката. Се работи за мошне познат објект. Станува збор за СИКСТИНСКАТА капела, а не СИКСИНСКА. Изградена е во времето на Папата Сикст Четврти. Позната е и по тоа што, меѓу другото, е украсена со прочуените фрески на генијалниот Микеланџело. Тоа се ,,Создавање на светот,, и ,,Страшниот суд,,. Целиот таван на капелата е украсен со овие фрески. И не само тоа. Во капелата се наоѓа и познатата слика на Рафаел – ,,Сикстинската Мадона,,. Делата се генијални. Објектот премногу познат, прочуен. Но, нашиве луѓе го прекрстиле. Наместо СИКСТИНСКА капела, тие велат и пишуваат СИКСИНСКА капела. Ете, со испуштањето само на една буква (,,Т,,) се направила голема грешка. Јасно е и од презентерката и од текстот на кајронот дека не танува збор само за пропуст. Неинформираност и негрижа е во прашање. А Папа Сикст нека си почива мирно. Нашата неукост нема да ја намали вредноста ниту на ,,Сикстинската капела,, ниту пак на делата на генијалните Микеланџело и Рафаел.

Ајде на друга тема. Пак на телевизија. Слушаме и читаме ваква реченица: ,,Улиците во Скопје се санирале бавно и неприметно,,. Придавката ,,неприметно,, ја нема во нашиот јазик. Улиците кај нас би се санирале бавно и незабележливо, а не неприметно. Еј, новинари. Постојат и речници. Ѕирнувајте понекогаш!

И во политиката навлегуваат јазичните грешки. Слушаме изјава на Премиерот. Бизнисмените требало да го одврзат ќесето и да ги ЧАСТАТ работниците да излезат да гласаат на референдумот. Темата со референдумот не е наша тема, не сакаме да зборуваме за тоа, но зошто треба бизнисмените да ЧАСТАТ, а не да ЧЕСТАТ? Нели нашата именка е ЧЕСТ, а не ЧАСТ. Да речеме дека грешката на Премиерот не е и толку голема, но чудно е што тоа го слушаме и од презентерот. И тој, пренесувајќи ја изјавата на Премиерот вели ЧАСТАТ, а не ЧЕСТАТ. Ова не смее да се случува ни на локална телевизија, а не пак на државна. Но, ете, за грешките во јазикот никој не кажува што смее, а што не смее.

Членувањето (нечленувањето) во нашиот јазик е една од битните карактеристики. Чудно е зошто не се води никаква, ама баш никаква грижа за тоа. Ќе наброиме неколку такви случаи (погрешни) кои се длабоко навлезени во нашава комуникација: ,,Мој термин,, , ,,Мој Тинекс клуб,, , ,,Твој глас – твое право,, и уште многу, многу. Сиве овие присвојни заменки треба да бидат членувани: ,,Мојот термин,, , ,,Мојот Тинекс клуб,, , ,,Твојот глас — твое право,,. Овие грешки се повеќе и повеќе се множат. Тоа е под влијание на скопскиот говор. Без да се размислува тоа се шири насекаде. Особено во разно – разни реклами каде што врие од такви грешки.

ТВ емисија. Двајца гости (интелектуалци) и водителот. Темата – околу референдумот. Ќе се формирале комисии од грчка и од наша страна да ги утврдуваат историските факти. Тоа било договорено и на таков начин ќе се расчистувале и ќе се разјаснувале работите. Ќе се гледале работите од сите аспекти. Едниот од соговорниците манифестира видлива загриженост. Вели дека на таков начин можело да стане вистинско РАСУЛО во нашата историја. Ја делиме неговата загриженост. Но. не обеспокојува и негрижата за јазикот. Нашата негрижа. Од каде го најде односниот збор – РАСУЛО? Зошто на ваков начин ја манифестира загриженоста? Со историјата ќе настанело – РАСУЛО. Но, ни со јазикот не е розово. Таа именка – РАСУЛО ја нема во нашиов јазик, но господинот не можеше да најде наш збор. РАСУЛО значи РАСПАЃАЊЕ, РАЗГРОМ, ТОТАЛЕН ПОРАЗ, УНИШТУВАЊЕ. Такви работи ни се случуваат во сите области. Во јазикот можеби и најмногу.                                                                            

Loading