МИСЛЕВ АМА СЕ ПРЕМИСЛИВ

ivce1Народе македонски! Јазикот ни е загарантиран! Никој не може да ни го негира. А вие драги наши, зборувајте си како што сакате. Оние таму во Обединетите Нации не знаат македонски и нема да ни фатат ,,кусур,, за грешките.

Да почнеме! Презентерката не известува дека полицијата казнувала моторџии. Зборувајќи така, кажува колку мотоциклисти биле казнети. Не може тоа така. Не може ем МОТОРЏИИ, ем МОТОЦИКЛИСТИ. Наставката ,,џија,, се користи во именки кои означуваат занает, професија – ,,алваџија,, , ,,велосипедџија,, , ,,фурнаџија,,  и слично. Турска е наставката но навлезена е во нашиот јазик. Според тоа, моторџија би бил човек кој прави или поправа мотори. А оној што вози е МОТОЦИКЛИСТ. Истата грешка се прави и со употребата на зборот ,,камионџија,,. Тие луѓе се возачи, шофери, а не камионџии. Исто како што велосипедџијата прави или поправа велосипеди, а оној што вози е велосипедист.

Понатаму! Не се сеќаваме на која телевизија слушнавме дека бил убиен новинар и неговата ВЕРЕНИЦА. Многу честа грешка. Многу често (без потреба) се позајмува овој збор (вереник) од српскиот јазик. Кај нас тоа си е СВРШЕНИК и СВРШЕНИЦА. Кога се договараат двајца млади (ерген и мома) за брак, тоа е СВРШУВАЧКА, а не ВЕРИДБА како што слушаме мошне често. Вакви грешки не смеат да прават новинарите, особено пак во такви емисии како што се вестите, зашто тој текст мора да биде лекториран.

Еве една редовна грешка. Се појавува на екранот портпаролот на Владата. Зборува за референдумот. Речиси на свечен начин, вели: ,,Во недела македонскиот народ се соочува со историска одлука,,! Зошто тој не е свесен дека, всушност, дезинформира! Според она што го кажува тој би се разбрало дека штом ќе дојде недела македонскиот народ се соочува со историска одлука. Редовно, во сите емисии, на сите телевиии ја слушаме оваа грешка. Слушаме дека во сабота ќе врнело дожд, дека во среда ќе се играат куп – натпреварите и така до бескрај. Ако ни рече некој дека во среда се играат натпреварите ние разбираме дека тоа се случува секоја среда. Зошто овие луѓе – новинари, лектори, професори и кој уште не, зошто не знаат дека предлогот ,,ВО,, има и скратена форма ,,В,,? И еве да објасниме! Ако речеме дека во недела ќе врне дожд, тоа значи дека ќе врне во секоја недела. Ако сакаме да кажеме дека дожд ќе врни во наредната, најблиската недела, тогаш ќе употербеме кратка форма ,,В,,. Ќе речеме дека в недела ќе врне дожд. Зар не гледаат тие луѓе дека разликата е голема? Уште една таква грешка: ,,Во петок Јоханес Хан доаѓа во Скопје,,. Значи? Што би излегло од ова? Штом дојде петок и чекајте го Јоханес Хан во Скопје. Кога би се рекло дека в петок Јоханес Хан доаѓа во Скопје, веднаш станува јасно дека се однесува на следниот, најблискиот петок. Чудно е што никој и никаде не укажува на оваа грешка, а таа појава се шири и ја слушаме и на локалните телевизии.

,,Европа и пружа помош на Македонија,,. Не така. Европа и ДАВА помош на Македонија, Европа и ПОМАГА на Македонија. Глаголот ПРУЖА го нема во нашиот јазик. Тој кај нас се употребува секогаш префиксиран. Да речеме дека ортомата е СПРУЖЕНА, некој се спружил (се испружил) на креветот. Честа грешка. Ја слушаме и во ситуација кога извесен лекар му укажал помош на повредениот, а тие велат дека му пружил помош.

Често, речиси редовно го слушаме глаголот ,,се предомисли,,. Зошто така? Зошто ја земаме таа српска форма? Ако некој намислил нешто да прави, а се откажал, ќе речеме дека се ПРЕМИСЛИЛ, а не се ПРЕДОМИСЛИЛ. Во Речникот има дадено ваков пример: ,,Така бев решил, ама се премислив,, а дадена е и српската варијанта: ,,Тако сам био одлучио али сам се предомислио,,.

Многу грешки, многу. Мислиме дека така треба, мислиме дека тоа не е многу важно. Треба да се ПРЕМИСЛИМЕ. Важно е!

Loading