КУРЕЈЧАНИ ОД КУРАТИЦА

ivce1Постојат во нашава земја (како и во сите други) чудни топоними, необични имиња на некои населени места.

Минатата година купуваме лубеница. Го прашуваме продавачот од каде се лубенициве. Тој се смешка и вели дека биле од Прдејци. Се смее човекот и спомнува и некои други вакви необични имиња. Вели дека е најдобро сите тие да си го сменат името, за да не звучат вака непријатно.

Постојат разни легенди за тоа како настанале имињата на определени населени места. Тоа се сепак само претпоставки. Прдејци ни даде повод да набележиме и некои други, вакви необични, па дури и смешни имиња. Пред некој ден слушаме емисија на некоја од телевизиите за селото Куратица, во близина на Охрид. Новинарката го фали тоа планинско село. Таму бил мошне развиен селскиот туризам. Местото било одлично, а жителите многу љубезни. Жителите на селото, новинарката, ги нарекува ,,курајчани,,. Според неа, жените од селото би биле ,,курајчанки,,. А според граматичките норми, тие жители би биле ,,куратичани,, а жените ,,куратичанки,,. Скратено, може да биде – ,,куратинци,, и ,,куратинки,,. Како и да е, и според новинарката, и според граматиката, не звучат многу пријатно овие зборови. Зар не?

Сево ова не натера да се потсетиме и на некои други имиња на населени места. Ја имаме – Дрслајца. Па го имаме Подмочани, го имаме Магарево, и најпосле го имаме и Паликура. Постојат топоними кои не се населби, а носат чудни, необични имиња. Чешмата што се наоѓа под Беловодица, во реката, се вика Дујгаз. На стариот пат за Велес, отаде Дервен, постои извор со име Зрпопе. Сигурно има и други места со вакви необични имиња, но во овој момент си спомнуваме само за овие.

Ги спомнавме жителите на Куратица. Според новинарката ,,курајчани,, според граматиката – ,,куратинци,,. Какво име би носеле жителите од селата Дрслајца, Подмочани, Магарево и Паликура.  Жителите на Дрслајца би биле ,,дрслајчани,, или ,,дрслајчанци,,.  Жените ќе бидат ,,дрслајчанки,,.

Колку што не држи сеќавањето, своевремено имаше женски ракометен клуб кој се викаше ,,Дрслајчанка,,. Ако не се лажеме, во струшно некаде се наоѓа ова село.

Дојде на ред – Подмочани. Така се вика селото. Како би се викале жителите? Секако, мажите би биле ,,подмочанци,, а жените ,,подмочанки,,. И Магарево не останува покусо со необичните деривати. Мажите ќе бидат ,,магаревчани,, а жените ,,магаревчанки,,. Во последно време се прибегнува кон тоа да се употребуваат пократките форми. Да речеме за Куманово. Повеќе се оди кон тоа жителите да бидат ,,кумановци,, а не ,,кумановчани,,. Или, во Тетово. ,,Тетовци,, а не ,,тетовчани,,. Лично, не сме баш согласни со ова, но тоа е друга тема. Можеби во некоја друга пригода ќе се изјасниме пошироко. Тука, секако, главен збор ќе имаат стручњаците, специјалистите за јазичната проблематика.

Да се вратиме на темата. Ни остана уште селото Паликура. Тоа е можеби најнеобичното име од претходните што ги спомнавме. За него сме имале можност да чуеме една вистина која прилега на анегдота. Се оежнил некој ерген. Дошла млада невеста во куќата. Другарки, комшики, пријателки на свекрвата и честитаат и ја прашуваат од каде е невестата. Свекрвата гмечи, се штутка, срам и е да каже. Невестата била од Паликура.

Кога веќе ги спомнуваме имињата на жителите од претходните села, да го направиме тоа и за Паликура. Мажите би биле ,,паликурчани,, или онаа поскратена форма –  ,,паликурци,,. А жените? Кутрите жени. Тие ќе бидат ,,паликурчанки,, или ,,паликурки,,.

Сме слушале луѓе од тие тиквешки краишта да велат: ,,Онаму во паликуречконо,,, а сме чуле да се вели и: ,,Онаму во паликурсконо,,. Ете, такви би биле изведенките од Паликура. Исто како што се такви или слични од претходните споменати села. За имиња на месности (како што е Дујгаз) и не е толку страшно. Но имињата на односните села, изведенките од нив, ќе признаеме дека не се баш пријатни.

Си спомнувме за бостанџијата од Прдејци. Можеби човекот има право. Можеби треба да се бара начин да се сменат овие и сличните вакви топоними.

Loading