УМЕТНОСТ СО СОЛ НА 130 МЕТРИ ВО УТРОБАТА НА ЗЕМЈАТА

Краков – столица на владетели

krakov

Автобусот јури кон Полска. Времето брзо минува, низ живописните јужни предели. Пленат со автентичност дрвените куќарки. Оџаците веќе чадат, оти е ладно. Уморно се прегрнуваме со Краков.

Градотблеска во утринска роса. Богата е со традиција и раскошна милениумска историја на Полска. Дождот не колеба да се почувствува градскиот дух со еха на столетија. Краков е распослан во долината покрај реката Висла. Веќе паѓаат првите импресии. ,,Вината,, е во замокот Вавел. Се овековечуваат миговите. Градот бил седиште на Малополското војводство, но и на бројни државни институции. Со развиената култура тој е  важен туристички центар. Според легендата, војводата Крак бил основач, кој на тоа место убил змеј. Приказната развила атракција со змеј кој испушта пламен. Само да го дофатиш моментот додека излегува огнот.

Фанатастичен е погледот од замокот. А во центарот доминираат стари градби, паркови, зеленило, цвеќиња… На средината гордо пркосат стариот кралски дворец од кралот Казимир Трети Велики и катедралата Св. Станислав и Вацлав. Водичот реди бројни премрежија на кралскиот град, запишан на светската листа на културно наследство на УНЕСКО. Доаѓаат воздишки од луксузниот ентериер во минатовековни стилови. Низ тесните дрвени скали, се стигнува до ѕвоното на врвот. Се верува дека секој кој ќе го допре, ќе го следи среќа. Патот низ уредените улици води до стариот дел, до јадрото на културно историските споменици од разни стилови и векови. Пленат стариот плоштад Ринек, најголем во Европа од средниот век, базиликата Св. Марија со познатиот олтар на Веит Штос, ренесансната покриена чаршија, кулата, театарот…

Raskos od sol

Во национален ресторан се вкусува традиционалната полска чорба, пирошки со месо… Грев е и животна загуба е да се цапне на полско тло, а да не се влезе во Аушвиц и родното место на поранешниот полски папа, Вадовице.

Вјеличка е местото каде се наоѓа највеличенствениот рудник за сол во светот и туристичкото Закопане. Световно, познато по најстариот рудник за сол, запишан во листата на Унеско од 1978 година, а изграден во 1290 година од полскиот војвода, подоцна крал Премислав Втори.

Рудникот еден од драгоцените културни наследства не само на Полска, туку и во светот. Гордоста на државата ја посетуваат милиони туристи. Рудникот од седум века е приказна за воодушевување. Во 1289 година војводата Казимир го отворил за помош на болни и на настрадани да стане најголемиот рудник за сол. Вјеличка е на длабочина од 327 метри и со 300 километри ровови каде се ископува солта. На туристите им се овозможува да ги видат најатрактивните делови. Во длабочината се слегува по убаво уредени дрвени скали. За 90 минути е дното за туристи од 130 метри. Пречекуваат интересни руднички ходници, капели, олтари, споменици од сол, солено езеро, кои мамат воздишки. Фантазијата проработува со враќање во времето пред стотици години. Ходниците и многубројните скулптури раскажуваат живот во тој период. Празник за очите. Восхитува црквата, посветена на Св. Кинг и приказната дека е изработена од сол како завет од кралицата, ќерка на хрватско унгарскиот крал Бела Четврти. Полјаците подготвиле концертна сала во утробата на солената земја. Одвреме на време се лее Одата на радоста од симфониски оркестри низ солениот амбиент. Сé е од камена сол, дури и лустерот. Дознаваме дека главниот олтар на црквата е изработен од рударот Јозеф Марковски. Од 1999 година во капелата е и споменикот на папата Јозеф Павле Втори, дело на уметникот Станислав Аниол.

Воодушевуваат една по друга и палатите на Никола Коперник, капелата на Св.Антон, палатата на кралот Казимир Трети Велики. Воздишки доаѓаат на финишот во величенствената палата на дното на рудникот на 110 метри. Фрагменти, капела, лустери, скулптури. Уметнички раце вајале во сол. Каде попрво да гледаш. Погледот запира де на една, де на друга страна. Задоволство што не се опишува, туку се доживува. Ама дел од доживувањето се става во фотоапарат.

Патот продолжува кон туристичкото место Закопане. Поглед кон големите зимски скијачки скокалници, кон автентичните дрвени куќи…

Каролина Мицевска

Loading