СИТЕ ПОБЕДЕНИ ОД – ЕДЕН ИГРАЧ!

Прилеп / Деспина / Победа

-Пресудија Илиев, Митрова и Божиновски

RK Prilep

Се очекуваше сигурна победа на машкиот суперлигаш Прилеп во мечот од 4. коло, дома со Радовиш. А што друго да се очекува против гостинот кој дотогаш немаше ниту бод, туку три пораза, од Вардар јуниор, Еурофарм работник и Струга, наспроти домашниот со два пораза, со младински состав против Бутел и минимален од Вардар јуниор? На паркетот друга слика. Само едно водство на Прилеп (5-4), а од 10-10 натаму 10-15 и крајни 25-33. Кај радовишаните еден човек се издвои – бекот Ивица Илиев со 12 гола, многу асистенции, одземени топки… Да се сопреше тој, бодовите ќе останеа во Прилеп. Следи гостување во Струга. Табела: Еурофарм 12, Охрид, Бутел, Струга по 9, Пелистер и Вардар ј.  6, Пролет, Радовиш и Прилеп по 3, Борец 0.

Женскиот состав на Деспина и покрај поразот дома од Вардар, со оглед на одличната игра се веруваше дека ќе има сили да победи во Гевгелија, против ривалот кој дотогаш само еднаш победи, со аутсајдерот Овче Поле Свети Николе. Настаните и на овој меч се движат како на претходниот, машки. По водството на Деспина (4-5) следи пресврт со позитива од четири гола за гевгеличанките, а потоа водство од шест разлика, кое на крајот е смалено на конечни 24-22. Во победничкиот состав со 11 гола се издвои бекот-крилото Драгица Митрова, поранешна репрезентативка. Вчера беше дуелот дома со Цемс од Скопје, а нареден е со Пелистер во Битола. Табела: Металург 15, Куманово 13, Вардар 10, Пелистер 9, Стружанка 7, Гевгелија и Цемс по 6, Спартак 4, Деспина 3, Овче Поле 0.

Пораз забележаа и фудбалерите на Победа. Во натпревар кој требаше да заврши барем нерешено, одлучи сомнително досуден слободен удар и мајсторскоти гол на 37-годишниот Боби Божиновски за 1-0. Следи пауза до 21 октомври, кога е гостувањето на Беласица во Струмица. Табела: Вардар 23, Шкендија и А. Пандев по 16, Ренова, Победа и Работнички по 11, Македонија ЃП и Беласица по 10, Силекс 7, Шкупи 6.

Пораз доживеа и Партизан (3-1) во Кавадарци од Тиквеш, а во следното второлигашко коло, в сабота (14.30 ч.) е домаќин на Детонит од Радовиш.

Loading