ПРЕМИЕРА НА „КАЗИМИР И КАРОЛИНА“

2 Nela Vitosevic ja rezira Kazimir  i KarolinaТеатарот „Војдан Чернодрински“ вторник, 9 октомври во 20 часот на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Казимир и Каролина“ од Еден фон Хорват, во режија на Нела Витошевиќ.

Според режисерката претставата говори за духовна и материјална криза која носи до скршнување од соништата.

– Се работи за љубовна приказна со прашањата, колку е љубовта условена  од економскиот аспект и дали љубовта може да постои во време на оваа материјална криза и колку е времетраењето, кога ќе се појават проблемите.  Претставата се случува во 30 – тите години во време на голема депресија во Германија. Низ оваа љубовна приказна се опфаќаат сите слоеви во општеството со лепеза од различни групи на луѓе, прикажани со сите мани и проблеми, и сите скршени соништа во таа голема светска депресија во тоа време, која потсетува на духовната криза што денес ја живееме – вели Витошевиќ.

Текстот Казимир и Каролина првпат се поставува на македонската театарска сцена. 

– Напишан е 1932 година во златно доба на авторот. Текстот е игран со голем успех низ светот. Драго ми е што првпат го поставувам во Македонија. Се надевам дека ќе биде атрактивен за публиката, како и стилот на игра што ќе го понудиме. Во суштина имаме стилизација со мала пренагласеност наспроти вистински емоции – посочува режисерката, додавајќи дека досега во прилепскиот театар има реализирано одлични претстави и со голема радост соработува со ансамблот.

Автор на музиката Огнен Анастасовски, костимите се на  Роза Трајческа и сценогерафот Константин Трпеноски.

Играат Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Никола Настоски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Наташа Наумоска и Јасмина М.Станкоска.

Loading