ИСТОРИСКИ РАСКАЗИ ОД МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски

Глава 1         

marul

Марулецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, меѓу бројните записи и сеќавања кои ги собрал, се и оние за настаните од Втората светска војна. Ги зачувал прибелешките во кои опишува случки кои му оставиле длабоки траги во меморијата, а кои биле поврзани со неговите блиски. Цел  му е да ги пренесе приказните од народнослободителната борба, користејќи разговорен јазик. Не е прв пат Велјановски да пишува за селото Марул. Во изминатиот период на страниците на Зенит ги пренесовме неговите белешки за родословијата во овој крај.

(1)

Тремот на црквата во село Марул беше база на Втората Македонска бригада од 12 до 16 септември 1944 г. Со капитулацијата на бугарската влада и армија на 9 семптември 1944 г., Втората Македонско народноослободителна ударна бригада преку Селце влезе во Прилеп и имаше улични борби со германската војска. Бригадата го напушти Прилеп без жртви со четири потешко ранети борци. На 12 септември 1944 г. во попладневните саати дојде на сред село во Марул со 500 борци.

Командантот, Дончо Темелкоски – Војводата, од с. Никодин, одржа митинг за значењето на македонската ослободителна борба за македонскиот народ. Дончо побара од селаните да му се овозможи да направи средба со неговите двајца познати марулци од вежбата во с. Булачани, скопско во 1939 година. Милан Василоски – Борачо и Димко Танески. Задачата да ги пронајдат Милан и Димко, му паднала на 14 годишните момчиња Душан Јованоски и Живко Стеваноски. Двајцата, од страв да не му наштетат на бараните лица, се скриле, побегнале и задачата не ја исполниле. Не се сретнале командантот Дончо со Милан и Димко. Командантот Дончо разговараше со селскиот кмет Мице Танески и со селскиот одбор за позадина Тодор Јованоски. Јован Новачески и Крсте Танески се договорија со Темелкоски, тремот на марулската црква Св. Богородица да биди привремена воена база за партизаните. Вечерта борците се вселија во тремот. Одборот за позадина на борците им обезбеди варена храна по куќите во селото. Борците кои немале место за ноќевање во тремот,  преноќевале под шаторски крила преку река во оградата Јолеска. Наредниот ден командантот Дончо и селскиот одбор за позадина одредија уште три куќи за потребите на борците од бригадата. Куќата на Јован Новачески е за штабот на бригадата. Куќата на Петре Јанкоски, една соба – воена болница за четворица ранети борци. Куќата на Трајан Павлески е одредена за одмор на стражарите и ориентација за преглед на околното место. Одејќи низ селото, командантот со селскиот одбор за позадина и кметот ја забележале фурната Велјаноска како и чади оџакот, леб се пече. Преку одборот, наредил лебот што ќе се пече, да биди за борците. Велјановци спремиле наместо една, две фурни со леб. Еден котел пржени пиперки, патлиџани со јајца и една полна тепсија пржено биено сирење за ручек, ги однесле домаќинот Ристе, синот Благоја и комшивчето Живко Стеваноски.

Ристе Јанкоски донесол каца бело овчо сирење. Остатокот го снабдил одборот за позадина. Откако го донесле јадењето, Ристе, синот Благоја, 21 годишно момче и деленичето Живко, командантот Темелкоски му вели на домаќинот Ристе: ,,Ти и момчето Живко одете, а ти момче Благоја остани тука да заврши бригадата со ручекот. Ќе се спремаме за напад и сакаме да одиме до мојот пријател Милан Василоски. Ти ќе не однесеш,,. Стрико Благоја останал да ја чека наредбата за патоказ до куќата на Милан Борачо. Додека Благоја престојувал кај црквата, нивниот црн коњ се одделил од селските говеда каде што паселе во Веслец, со клинкање од по Острило, поминал покрај црквата, си одел дома. Борците го прашале момчето Благоја дали го познава и чиј е коњот и дали е учен за товарање. Стрико ми Благоја ја кажал вистината: ,,Коњот е наш и учен е јавање и товарање,,.

Командатот Дончо пуштил двјаца борци (војници) по него. И отишле право во нашата пондила. Го фатиле да го земат. Ристејца Трајана се стротивставила. Не го давала коњот од нервоза за синот Благоја, кој е задржан кај црквата. Почнала да вика: ,,Коњот го давам, уздата не ја давам,,. Дедо Ристе изгорен бил за синот Ѓорѓија, 24- годишен, кој загинал пред неколку месеци на 13.05. 1944 г. во с. Лабураќе, пиротско како бугарски војник, убиен од страна на српските партизани. Од страв за стротивствувањето за коњот да не се случи нешто со Благоја, 21- годишното момче, дедото ја скарал баба Трајана и коњот со се узда му го предале на партизаните. Во тоа време дошол Ристе Јанкоски со една каца овчо бело сирење и ја предал кацата на партизаните.

Ристе Јанкоски, во согласност со Ристе Јовчески и Велјан Петрески – Бабјак, на бригадата и предал 40 пушки малихери, сокриени под покривот на црквата, донесени од браќата Божин и Ристе Шенгоски од с. Лопатица за време на тајната турнеја на Илинденецот Петре Ацев во декември 1922 година. Пушките биле заробени од грчките андартски чети при нападот на Лопатица на 12.01.1904 година каде биле поразени.

(продолжува)      

Loading