КАКО ЃУРОВСКИ СО ПРИЛЕПСКИ АВТОБУС КИДНАЛ ОД БАЗАТА НА ЗВЕЗДА

Живот: Шоферот Трајче Ѓорѓиоски, сведок на фудбалски настани

Над четири децении ја возел Победа

1

Чудно, а вистинито. Некогашниот европски и светски шампион, белградска Црвена звезда, кога доаѓала во Македонија за возач имала прилепчанец, Трајче Ѓорѓиоски. Скопјаните често негодувале кога ќе го виделе автобусот со прилепски регистарски таблички паркиран на аеродромот ,,Петровец,, како ги чека гостите од Белград. ,,Зарем во цело Скопје не се најде возач, па мора некој да  биде од Прилеп, специјално да доаѓа да ја превезува Звезда?- се прашувале,,. Така било околу една деценија, од 1978 до 1988 година. За куп, пријателски или првенствени натпревари, ,,црвено-белите,, низ Скопје и репубуликава редовно патувале кога воланот го управувал нашиот Трајче.

-Тоа одеше преку Путник – Скопје. Возев многу тури за Париз. Кога бараа превоз да се обезбеди, од Скопје ме одбираа не само поради тоа што бев според нив добар возач, ами и затоа што знаеја дека многу го сакам фудбалот и навивам за Звезда. Ги преземав од аеродром до хотелот и стадионот и назад. Патници редовно ми беа браќата Ѓуровски, Крмпотиќ, голманот Стојановиќ, од тренерите се сеќавам на Станковиќ, од управата незаменлив Џаиќ – се сеќава Ѓорѓиоски.

Доживеал многу пријатни и непријатни моменти. За она што било на теренот јавноста се запознавала преку ТВ-снимките. А за она надвор од стадионот еден од сведоците е тој. Кога во Скопје гостувала, половина град навива за Звезда, другата половина ја мрази. По еден триумф на црвено-белите, иако имало примерно испраќање од Вардар, се случил инцидент. Неколкумина млади успеале да се приближат до автобусот и да фрлат камења.

-Таман излеговме од стадионот, на ,,Илинденска,, ми го пукнаа стаклото и на Бошко Ѓуровски му го раскрвавија носот. Дојдоа новинари да го прашуваат Џаиќ, а тој смирено: ,,И у Београду има такве будале. Могу да се наѓу у сваки град. Не могу ја да оцрним целу Македонију због овога. Пишите да је било све у реду,,.

Секое доаѓање на Звезда било празник за сите, па и за шоферот. Славните фудбалери ги возел и на подготовки, на тренинзи, на прошетки. Еднаш ги одвел до Жилче, село во Тетовско, родното место на браќата Ѓуровски. Со печени јагниња, со големи почести била пречекана цела Црвена звезда, водена од легендата Џаиќ. Цел ден бевме таму. Браќата Ѓуровски беа големи ѕвезди. Особено Милко, со немирниот дух и секојдневните недоразбирања со тренерот или управата.

-Пред да оди во Партизан на последниот настап за Звезда. Спиевме во ,,Континентал,,. Милко делеше од другите. Сите облечени во костуми, тој во ,,тексас,, и коса долга.. Ме прашува: Мајсторе кај ќе одиш? – Одам в град негде. -Може да идам со тебе? -Може, не ми пречи, тренерот ако те пушта. -Да ме однесиш до касарната. Го однесов. Таму слезе. Кога се вратив, Џаиќ ме викна: -Где је отишао Милко? Не знам. Јас одам по своја работа, не отидов него да го носам. Се качи и кај отиде не знам. -Много је немиран. Добар је играч, али дисциплина никаква. Како се врати потоа, со такси или поинаку, не знам. Важно Џаиќ ми рече: Други пут немој овако.

2

Фудбалската шоферска кариера на Трајче Ѓорѓиоски најмногу е поврзана со Победа, омилениот клуб. И пак црвено-белата боја на неговиот автобус. Победа ја возел од 1966 до казните од УЕФА. Се промениле неколку возачи, ама тој најдолго останал. Возел од што го сакал фудбалот и Победа. Го засакале и фудбалерите. Некои шофери не ги интересирал фудбалот. По натпреварот не можеле да ги најдат. Заминале на друго место. Трајче не можел, а да не гледа. Нема шанса за такво нешто. Во Скопје, според процедурата, полицијата го упатувала автобусот да го однесе пред станицата, далеку од стадионот. Се согласувал под еден услов – да го вратат веднаш, оти сака да го гледа фудбалот.

-Ти си возач, што ќе ти е фудбал, ми велат. – Возач и загреан за Победа. Не можам, да не ја гледам. Ја возам оти ја сакам. Навреме мора да се вратам. Ако не, не идам таму. Се случуваа дефекти. Им велев дека ќе дојдам оти не пали, ги лажев да останам. Оти, неколкупати не си останаа на зборот – не ме вратија со кола и морав да се снаоѓам  да се вратам веднаш назад. Не можев без Победа. Плата земав од ,,Пелагонија,, кај што бев вработен, а во Победа и ич да не ми даваа, за без пари ќе ја возев – кажува поранешниот возач.

Најтежок инцидент имало на Велики четврток, 1 мај 1986 година, Металург – Победа. Се случил поради нарушените односи меѓу Скопје и Победа  уште од есента 1985, кога на Железарница победија домашните со 1-0, а притоа еден од прилепските бекови бил удрен. Пролетта, на реваншот, Победа не само што победува со 5-0, ами враќа со удирање во соблекувалната на играч со многубројно семејство, седум – осуммина браќа. Само по четири дена Победа играше против скопски тим, Металург, практично оди на теренот каде што игра и Скопје, на Железарница.

3-Спиевме во ,,Панорама,, а тие не барале во ,,Белви,,. Мислеле еден по еден да ги тепаат играчите. Мечот беше закажан за 10 претпладне, а тие имаа дуел во 16,30 попладне во Делчево. Го пролонгирале патувањето само за нас. Било спремно жртви да има. Внимававме да не мавни некој со камен, затоа со торбите на глава. Кој мислеше дека со шипки железни, со пендреци седум – осум души ќе нé нападнат. Неколкумина истепаа со тешки повреди. Останатите се спасија бегајќи по околните згради. Двајца полицајци дојдоа кога заврши тепањето. Нашиот полициски командир го изваде пиштолот, го репетира. Дојдоа и накај мене, ама и јас појдов да си го земам пиштолот, -Ами сега ти, мајмун? Зедоа камен да фрлаат. Од пиштолот избегаа? Дозвола имав за пиштолот. Притоа се интересираа за нашиот бек, оти не дојде и остана во Прилеп. Рекоа порачај му на бекот: -Да не иди ич во Скопје. Нема да го тепаме, туку наместо ќе го отепаме! Нé испрашуваше полицијата и на крај се вративме. Во Прилеп нé пречекаа 30 души ,,вооружени,, со мотики и секири. Велат: -Пали го автобусот за назад, одиме да ги истепаме, да видат тие со кого фатиле работа. Да ги пречекаме на враќање од Делчево. Даваа пари за бензин. Им реков дека немам налог за патување и така не тргнавме – пренесува дел од збиднувањата Трајче.

Бил најсовесен возач, подготвен да се снаоѓа како знае и умее за Победа. Искушенија имал со автобусот ,,волво,,, купен од Швеѓаните, воен автобус. Дури 140 километри возел на час. Го бојосале црвено – бел и Победа била клуб со најубав автобус. Единствен недостаток биле документите. Освен купопродажниот договор на англиски, немал други документи. Не бил регистриран, немал сообрќајна дозвола, ни технички прегледан, без патен налог. Клубот од скромниот буџет водел сметка за секој денар и вадењето документи се одложувало за некое подобро идно време. Така минале седум-осум години.

-Трипати ме фаќаа. Првпат во Струмица со женската екипа. После тунелот Демир Капија, полицаец ми вели: -Земи ги документите и дојди ваму. Некој нé накажал. Знаеше дека нема документи, оти мене ме запре меѓу толку коли, камиони и автобуси. -Дај документите. -Еве возачкава. -Сообраќајна, патен налог?, -Автобусов сега е земен, во процедура е и не е регистриран, не е технички прегледан. Пензионер сум и ми рекоа сабајлево, ако сакам една тура да направам. Автобусов е исправен и затоа тргнав. -Ништо не ме интересира. Штом немаш документи автобусов останува. Трева под него ќе порасни додека се земи. Министерот да дојди, нема да го земи!. Арно ама, Победа е големо име. Најголемите функционери ја респектираат. Се јавувам во Скопје и по пет минути иди полицаецот: -Мајсторе, оди си со автобусов. -Ами вака трева ќе порасни под него? Победа беше почитувана од сите. Секогаш имав табли со големи букви ,,ФК Победа,, напред и назад. Ќе видат ,,Победа,, и терај, не ме запираа. Во Гевгелија ја проверува табличката од ,,југо 45,, последен пат 1976 регистрирана. Другпат ме фаќаат и бараа документи. Си реков – свршивме работа. -Оди до Катланово, ќе завртиш и тука во полициска станица во Петровец, ми велат. Барајте си автобус овој нема да мрдни. Зе заканија. Свршивме работа со пријатели. Трипапати менував табли од ,,југо,,, стар автобус, комбе. Важно никогаш казна не платив – вели возачот, ветеран.

Ѓорѓиоски одамна е во пензија. Десетина години не го вози саканиот клуб. Но не може да живее без црвено-белата боја. Бидејќи натпревари во градов не се играат, некогаш патува во другите градови. Често оди до Могила да ужива во тренинзите на Победа.

Двојна снаодливост

Кога се игра најголемото дерби Вардар – Победа, секогаш има ,,искри,, По еден меч во Скопје, иако домашните победиле, неколку ,,Комити,, нашле причина да фрлаат камења. Успеале три-четири стакла да искршат. Полицијата се појавила на местото..

-Мајсторе, кој ти ги скрши џамојте? -Никој. Подискршени беа и сега од тресењето се доискршија. Некој од клубот негодува и се чуди: -Оти не ја кажуваш вистината, ќе ни плати осигурувањето. -Доста бе, го газам на нога за да молчи. -Ако им речам дека овде ми ги скршија стаклата, ќе ми побараат документи, а ниеден немаме. -Алал да ти е, како ти текна така? -Знам што возам. Тука не завршија маките. По пат ме среќава друга полиција и ми бара документи. Ним реков дека не нападнаа навивачи и се прави записник и затоа таму останаа докуменитите и дека колегите нивни ми рекоа да заминам. Слушнале за инцидентот и поверуваа.

Loading