СЕ ТИ ДАДОВ МАКЕДОНИЈО!

pismo-2

Гробовите се наша рана, судбина и опомена. Сакањето на жртвите е наше право и завет.

Мојот дедо по мајка загинал на Солунскиот фронт. Таму некаде во солунските гробишта се неговите коски. Мојот дедо по татко ја оставил својата младост во грчкиот затвор Беаскуле. Мојот татко е на Могилата на непобедените. Мојот син војуваше во 2001 година во тетовско. Сите борци за Македонија. Со мислата за Македонија сонувале, страдатели и гинеле цели генерации, секогаш бранејќи го своето и никогаш не посегнувајќи по туѓото.

Никој не ги овластил сегашните генерации Македонци да го стават на тест сопствениот идентитет во име на вековните предци и на сите генерации кои претстојат. Во име на жртвите на Македонија се пустоши и страда народот. Не се продава она што не се спечалило. Не може со сила да се натера некого да сака нешто што просто не му значи ништо посебно. Почитуваниот Блаже Конески рече – ,,Името ни е скапо, ќе ни го украдат,,.  Почитуван Конески, во кражбата се и антиката, историјата, книжевноста, јазикот, уставот, народот македонски, црквата… Не може сето тоа да се прави за наше добро. Самоубиство не прифаќаме. Тоа не е наша опција. Поставената цена во Македоија никој нормален не би ја прифатил. Никој никому не може да му наложи да преговара за сопственото име. Најмалку за суверена држава. Никој нема право да бара преименување на суверена држава како услов за прием. Тоа е јавно омаловажување на кандидатот. Има ли некоја уста во уставниот суд да каже дека ова е противуставно. Треба ли да му дадеме право на неправото. Со промена на уставот доаѓа сами да се прекрстиме. Излегуваме неподносливо недоветни. Си играат со нас како последни шушумиги. Зарем сме на исто интелектуално ниво како парамециумот.

Ги жалам тие што не ги согледуваат мрачните игри со нашата хазардна судбина. Наша должност е да ги потсетуваме дека сé што е наметнато со сила, сé што не е чесно, коректно и нормално, нема шанси да успее и ќе остане само на хартија. Македонците ќе бидат гневни на измамата и тоа нема да го простат. Не може човек кој во душата и срцето ја носи македонштината, да се откаже од тоа што е дел од неговото лично себеспознавање откако тој знае за себе. Македонците се трпеливи, толерантни, но и жестоки кога ќе им пукне филмот.

Секое време бара свои измеќари кои секогаш се позиционираат на погрешната страна на историјата. Ќе проговори ли совеста во нивните души за време на нивната несовесност? Историските грешки и неправди не можат да се поправат. Да застанат барем повремено на страната на вистината и правдата, а против сопствените интереси. Почитување на минатото и одговорноста за иднината ја даваат вистинската насока на животот. Ако не е праведно, ништо не е до крај завршено. Најголемите скептици ќе откријат дека со народот нема играње. Жртвувањето на Македонија е најголемо од сите жртви за Македонија. Нема влог за нејзина замена. Нивна среќа е што нема да го видата нивниот зијан за време на нивниот живот. Поколенијата, со торбите на рамо, како Евреите и Курдите, ќе бараат свое засолниште по белиот свет, бидејќи нема да постои нивното.

Доста ни се помени и погреби. Ни на крај памет не ми паѓа да излезам на референдумот. Аристотел рекол дека човекот е разумно животно, дека се однесува по диктат на логиката (не ласкал – тоа е многу ретко). За овој случај се надевам дека ќе биде во право.

Прим. Д-р. Б. Дамески

Loading