КОСА ДО РАМЕНА

ivce1Пребарувајќи со далечинскиот управувач, шетајќи по програмите, сосема малку се задржавме на некоја од нашиве телевизии. Стануваше збор за некаков собир, некаква расправа за определена тема. Штотуку посакавме да преминеме на некоја друга програма, не спречи во тоа изразот на претседавачката, извесна госпоѓа. Заврши некој со своето излагање а таа вели: ,,Следен за дискусија е господин тој и тој,,. Ова не натера да се подзадржиме извесно време тука и ако не разбравме точно за што се расправа. Ни го сврте вниманието изразот – ,,Следен за дискусија,,. А потоа, господинот што доби збор вели: ,,Јас во мојата дискусија,,…

Овие грешки се мошне чести. Многумина сега ќе се прашаат каде е тука грешката. А има грешка. Зборот ДИСКУСИЈА се употребува со погрешно значење. Ако извесен претставник има излагање на некој собир, тоа не е дискусија. Дискусија е вкупната расправа, истражување со помош на размена на мислења, разни гледишта, разни односи спрема определената тема. Значи, сето тоа вкупно се вика ДИСКУСИЈА. Луѓето се јавуваат за збор, дискутираат, изнесуваат свои мислења, но не може да се рече дека тоа е дискусија. Човекот учествува во дискусијата но неговото излагање, неговиот говор, неговото мислење не претставуваат дискусија. Затоа сосема погрешно е кога претседавачката вели: ,,Следен за дискусија е тој и тој,,. Вообичаено е да се вели (треба да се вели) – ,,Следен за збор,,, или ,,Збор има тој и тој,,. Зашто, рековме, ДИСКУСИЈА е вкупната расправа, сите изложени мислења, ставови, предлози и така натаму. Вакви грешки често слушаме и во Парламентот, а и на разни други собири. Еве, за да биде појасно, ќе земеме и еден друг сличен пример. Ќе го земеме зборот КОНФЕРЕНЦИЈА. Тоа е збор што често го слушаме. И таму, на конференцијата, се расправа за многу нешта, се претресуваат многу прашања и проблеми, и сето тоа заедно се вика КОНФЕРЕНЦИЈА! И тука станува збор за договарање, советување, се расправа за некои спорни прашања и слично. Така е со ДИСКУСИЈАТА. Тој што зборува е дискутант, тој дискутира, тој е учесник во дискусијата, но не може да се рече дека неговото излагање е ДИСКУСИЈА.

Висок политичар, вице – премиер, објаснува нешто за определена проблематика. Во еден момент вели – ,,Управо тоа го мислев. Управо тоа сакав да го кажам,,. Не навлегуваме во тоа што мислеше и што кажуваше. Не интересира зошто не мислеше како кажуваше. Од каде му падна на ум зборот УПРАВО? Зошто му беше? ПОПРАВО тоа не интересира. Така би гласел на македонски тој српски збор. Не УПРАВО, туку ПОПРАВО. Се разбира не секогаш и не во секој случај. Во овој исказ на вице – премиерот најсоодветно би било ако се рече: ,,Точно тоа го мислев. Точно тоа сакав да го кажам,,. Кај повеќе истакнати литературни творци сме го сретнале и зборот ЗАПРАВО. Може и тој да дојде во обѕир. Може да се рече и ,,Всушност на тоа мислев,,. Значи, има доста начини, доста варијанти и зборови со кои може да се искаже односната мисла. Но, ете, нашиот висок политичар го одбрал ,,управо,, тоа што не треба, тоа што не оди во нашиот јазик. Ајде, не е само тој белки ќе се поправи.

Ако претстои некоја голема опасност кога човек мора да го активира одбранбениот механизам, често се вели дека ако дојде коса до рамена ќе се бара решение. Во едно друштво се разговараше значењето на оваа фраза. Зошто, ако е косата порасната до рамена да има опасност? Па многу луѓе имаат такви коси. Но, не е така. Овде не се мисли на коса од главата, туку на онаа што служи за косење. Нели, вообичаено е, кога се сака да се претстави смртта на некаков цртеж, таа држи коса во раката. Значи се мисли на таа коса, односно на смртта, на смртната опасност. Штом се доближила косата на смртта до рамената на човекот, таа е веќе до вратот. Тоа е смртна опасност и треба да се бара решение. А долгите коси од главата, можат да стигнат и до појасот и не се опасни.

Loading