КАМЕНИОТ РАЈ – МАЛТА

Mileniumi minale niz La Valeta - ostrovot vo Mediteranot - Malta

– Потсетува на голема торта со кори, а меѓу нив фил за постепено и лесно уживање, слој по слој

Многу различни искуства, од уживањето во изненадувачки чистото море, преку посетите на културно – историските споменици, се доживуваат во Малта. Уште од авион доаѓа спектакуларната глетка. Како некој да фрлил неколку камчиња среде Медитеранот. Малиот архипелаг го сочинуваат три населени острови, Малта, Гозо и Комино. И два помали, ненаселени, кои на прв поглед изгледаат пусто и неинтересно. Нема планини, бујна вегетација, реки…,. а сепак е како рај.

Иако не е голем по површина, пријатни изненадувања демнат на секој чекор и чекаат постепено откривање. Доминираат камени куќи со окер боја. На секоја стапка историјата ги вмешала прстите.

Гозо постара од Гиза

Од археолошките мистерии секако атрактивен е комлексот храмови Ганти, на Гозо од пред 3600 година п.н.е. Веројатно е најстарата зачувана градба на светот, постара од пирамидите во Гиза! Мегалитите од кои е изграден изгледаат импресивно. Затоа стои прашањето, која цивилизација ги направила.

Малта имала бурна историја. Се менувале цивилизации и освојувачи. Ја освојувале Фениќаните, Картагинците, Римјаните, Арапите, Норманите, Шпанците, витезите на Св. Јован, Французите и Англичаните. Најголема слава í донеле витезите на Св. Јован Ерусалимски, кои тука дошле во 1530 година, откако Турците ги протерале од Родос и Бодрум. Поради повеќевековниот престој, останало името малтешки. Прва престолнина била Мдина, основана уште од Фениќаните, околу 700 година п.н.е. Градот во внатрешноста плени со необичната атмосфера.

Ла Валета во бедем

Денешниот главен град, Ла Валета го основал Жан де Валета во 1566 година. Градбата ја обезбедиле европски владетели, во знак на благодарност за победата над многу надмоќните турски напаѓачи. Ла Валета е изграден во барок, заграден со високи ѕидини. Освен главната, останатите се тесни, стрмни и со скали. Куќите се градени во шпанско – андалузискиот стил. Уживање е да се шета по овој музеј на отворено и да се гледаат катедралите и другите знаменитости.

За одмор од шетањето, има полно ресторани и кафетерии. За освежување се препорачува локалниот безалкохолен пијалак кини, кој потсетува на кокта. Одлични се и локалните вина и пива. Интересна е локалната кујна. Вкусен е лебот хобз, однадвор добро испечен, а внатре мек. Најдобро оди со маслиново масло и домат. Треба да се пробаат специјалитетите од риба.

Малтежаните имаат различни гени, најмногу арапски и италијански. Јазикот е необичен. Потсетува на арапски, но има зборови и од јазикот од југот на Италија. Сите зборуваат англиски, а многумина и италијански. Сообраќајот е добро организиран. Атракција се жолтопортокаловите автобуси, олдтајмери за обиколка на островот. Добро е да се изнајми автомобил и да се крстосува секое катче. Се вози по левата страна.

Слима е урбан, трговски и туристички центар. Главното шеталиште е покрај морето. Преполно е со продавници и ресторани. Интересна е Моста, во која е црквата Ротунда со единствената купола, која е светски раритет. Тука се повеќе мали рибарски села со со нацртани очи на носот од чамците. За класичен туризам, убаво е местото Бугиба.               

Камен и лагуна

На Малта нема убави плажи, главно се карпести или бетонски. Песечн ни се неколку кои треба да се откријат. Задолжително да се посети островот Гозо, на 5 км од Малта. Само не во викенд. Според легендата, на главниот остров нимфата Калипсо го намамила Одисеј, по враќањето од Троја. Во Пештера на заливот Рамла бил заробен седум години. Таму се плажите за уживање во еколошка оаза со чисто море. Волшебство е Сината лагуна со тиркизна боја на водата. Ноќниот живот е многу богат и блескав, пулсира во различни ритми. Убави се рестораните и пабовите во сите места. Центар на ноќната забава е заливот Сент Џулијанс. Нема спиење.

Накусо  Малта се опишува како голема торта со многу кори, а меѓу нив фил, за постепено и лесно уживање, слој по слој…  Затоа секој се надева дека морските струи и ветрови повторно ќе го однесат во авантура на “сончеви камења”.

Loading