„ТЕШКОТО“ НЕ СЕ ПЕЕ, СЕ ИГРА

Нема промена на уставот за промена на уставното име. Нема што? Тешки зборови и на свое место. Само што има една фалинка. Нашето историско искуство не ни дозволува да им поверуваме без оглед на тоа колку е голема нашата желба да се вистински. Се променија и името, и знамето, и уставот, и аеродромот, и автопатот.

Нешто крупно се готви зад ефтините пердиња на нашата надворешна политика во врската со името како да сме лична сопственост на Хелините. Некому уште одамна, името му се појавило како ,,плашило,,. Соседот не може да се помири со македонската држава и македонскиот народ на своите граници. Грците се плашат од нас, од нашата богата историја. И треба да се плашат. И, за чудо, Македонија прифаќа да биде компромисно резиме. Историската вистина не може постојано да биде сокривана. Како не ги согледуваат мрачните игри со нашата хазардна судбина. Македонецот изградил генијална, безгранична и страшна способност да страда. Додавката на името ќе било мала промена. Македонија ќе била само малку трудна. Кај нас ,,Тешкото,, не се пее, ,,Тешкото,, се игра.

Албанија, Бугарија и Грција ни станале пријатели со тапија. Тука моето внуче ме фати во тесно. ,,Дедо, што е тоа пријател,,? Одговорот не го знам.

Нашата неукост носи вековна трагедија. За Македонија, за ова Свето име не се компетентни да одлучуваат, ниту влада нити свети СДСМ, ниту свети ВМРО. Референдумот и да е сто отсто успешен ќе биде нелегитимен и неуспешен, бидејќи не се прашани илјадниците загинати за Македонија во милениумите.

Многу граѓани најавуваат самозапалување. Ова е страшно обвинение на светот во кој живееме против македонската неправда. Нашата трпеливост е голема кога и за болката не удираме на масата силно и јасно. Не сакам мојот народ еден ден да се срами поради нечија кусогледост. Слушам за некаква си Илинденска Македонија. Зарем нашата најбогата историја почнува со тоа Илинденско востание. Гоце Делчев бил против востанието и затоа настрадал. Прилепчаните беа мудри и логичари. Не сакале да учествуваат. Нашиот Пере Тошев му велел на Даме Груев: ,,Од Македонија ќе направите кланица,, по што следува одговор: ,,Змија, со голи раце, ќе фаќаме,,.

За решавање на овој проблем се потребни сериозни мажи. Каде се тие мажи? Насекаде! Тоа се граѓаните на Македонија, а не политичките партии со своите калкулации. Каков народ сме, каква несреќа не следи? Не заборавете дека нашите деца се утрешни наши судии!

Писмово го посветувам на мојата генерација која со излегувањето денешниот број на Зенит слави 55 години од матурирањето во гимназијата ,,Мирче Ацев,,.

Јатото се врати во своето гнездо. Генерацијата родена со АСНОМ матурирана со катастрофалниот земјотрес во Скопје беше генерација на подеднакво сиромашни млади. Еднакво чесни и трудољубиви. Се втемеливме во изградбата и развојот на Македонија. Тоа е генерација на творци, поети,  градители, раководители во Тутунскиот комбинат,Фабриката за цигари, Мермерниот комбинат, Медицинскиот центар, Пролетер, Институтот за тутун, ,,..Бањарот,, во УСЈЕ,  професори на Економскиот и Правниот факултет, во Витаминка.. Не има и во Белград, Охрид, Риека, Задар, Нови Сад, Гевгелија..

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading