СТРАВ ОД ПОТОП НА ХРАМОТ

Св. Димитриј – Манастир Чебрен

– Отселените жители стравуваат дека изградбата на хидроелектраната Чебрен ќе го доведе во прашање постоењето на повеќе вековниот христински дом и светилиште на Мариово и ќе исчезни раскошното христијанско и културно наследство

00-cebren-mariovo

Според пишаните извори, градот на локалитетот Чебрен во Мариово во близина на селото Зовиќ во средниот век се викал Чемрен. Историските податоци сведочат дека до 1331 година, кога бил освоен од царот Душан, бил во рамките на Византиското царство. Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира. Останало селце со манастирот Св. Димитрија, познат и денес како Чебрен. И селцето полека исчезнало и останал само манастирот кој во почетокот на 18 век имал училиште за свештеници за служба по црквите низ Мариово. Манастирот бил многу развиен до првите децении на 20 век, по што полека пропаднал, оставен за забот на времето.

Населението полека почнало да го враќа манастирскиот живот. При крајот на 20 век е обновен храмот Св. Димитриј кој потекнувал од 15 век и од кој единствено останал олтарниот дел. На обновената црква со помали димензии уште се гледаат темелите на стариот храм кој бил со импресивни димензии.

Манастирот Св. Димитрија – Чебренски е македонски православен манастирски комплекс расположен по течението на Црна Река. Бил препознатлив по училиштето со богата библиотека. Главната манастирска црква е посветена на Св. Димитрија Солунски. Таа повеќепати била опожарена. Иконостасот датира од 15 век и бил реновиран.

02-cebren-mariovo

Во 1923 година Георги Трајчев во својот труд за Мариово се осврнува на легендата за чебренскиот манастир. Според него жената на султанот Мурат (1362 – 1389), сестра на бугарскиот цар Шошман, Марија, по која и областа го добива името, ја изградила црквата. Според преданието, таа живеела под името Талат – Мара и уште Тамара – Мара. Јавно ја исповедала христијанската вера. Ги воспитувала и своите деца во христијански дух. Незадоволното муслиманско свештенство не можело да гледа како Султанката ги посетувала црквите и јавно го прибирала свештенството во султанската палата за христијански обреди. Муслиманскиот клер побарал Мара да го прифати исламот. Таа категорично одбила да се потурчи.  под притисок, султанот ја отстранил поради политички причини. Бидејќи не сакал да í нанесе зло, í понудил да се повлече каде не ќе го гледа ниту него, ниту 4 годишниот син, кој не бил ни крстен ниту обрезан. Мара се согласила и ја добила областа меѓу Прилеп, Битола, Воден и Демир Капија, која била во владение на Султанот. Мурат пиша ферман и ја испратил во придружба на 500 христијански телохранители. По доаѓањето во Прилеп, Марија побарала покалуѓерчување во манастирот Св. Богородица – Трескавец. Калуѓерите одбиле, сметајќи ја како  престапничка. Налутената наредила да се убијат 300 калуѓери, а манастирот да се запали. Заминала и го избрала за седиште најубавото село, Витолишта. Таму подигнала прекрасни дворци. Покрај реката Црна изградила нов манастир, по име Чебренски – Св. Димитар. Од тогаш областа го добила името Мариово, а локалното население се именувало како Мариовци.

03-cebren-mariovo

Мара управувала независно, преку витолишкиот кмет. Тој владеел со неколку сејмени со право да носат оружје, да јаваат коњи и облечени во прекрасни носии. По смртта на Марија, Мариово пак влегло во турската империја. Турците ги уништиле дворецот со раскошниот чебренски манастир за  да не остане спомен од мариовската самостојност. Околу манастирот имало двокатни конаци за гости. Иако манастирот бил подчинет под патриаршијата, службата се изведувала на славјански јазик. Поради силниот елинизам на браќа Налеви, кусо време се служело на грчки јазик.

Остатоци од палатата уште стрчат крај Витолите. Областа продолжил да ја управува земскиот кмет. Тој владеел по локалните обичаи сé до последниот  кмет од селото Полчишта – Трајко Христов Чакрев кој бил убиен да се стави крај и на самостојноста на Мариово.

Манастирот Св. Димитрија – Чебренски повеќепати горел во пламен, а населението го кревало од пепелта. Авторот Георги Трајчев забележал дека манастирот бил прочуен. Според преданијата, крај манастирот врви пат од Мариово за Битола. Таму има мост со посебна архитектура. По него минувале топовите во Првата светска војна и пак останал неоштетен. При крајот на турскиот режим, црквата била мал дом за 100 души без антички орнаменти. Храмовиот празник бил Спасовден. Манастирот имал чифлик каде била најдена иконата на Св. Димитар и пренесена во манастирот, поради кој го носи името. Според свештеникот Димитар Златев, кој учел во единственото келијно училиште во тој крај, од училиштето излегувале прочуени певци по источно пеење.

Жителите кои одамна го напуштиле овој крај сонуваат да го вратат стариот сјај на својот храм каде од дедо прадедо ги негувале христијанските адети. Затоа прават напори за заживување на запуштниот манастирски комплекс. Секоја година, бројни гости доаѓаат на празникот. Сепак, стравуваат дека вештачката акумулација Чебрен може да влијае светилиштето да се најде под вода.

chebren-mariovo-06

Црква до црква – Св. Спас кај Св. Димитрија

Црквата Свети Спас во близина на чебренскиот манастир се наоѓа на возвишение над Црна Река. Таа е мал еднокорабен храм, кренат на карпест предел. Настрадала во Првата светска војна.

Црквичката е малку проучувана. Според сликарството, датира од крајот на 15 век. Полна е со вонредна декорација и тематски иновации.

Апсидата од олтарниот простор е градена над карпа. Црквата е ѕидана од делкан камен и кал, а фасадите е фугирани со варов малтер. Покриена е со зачувани ќерамиди, а по рабовите има плочи од шкрилец. Наосот е поделен од олтарниот простор со едноставен дрвен иконостас. Црквата е живописана на 43 м2. Техниката веројатно е фрескоживопис. Во олтарот претставена е евхаристичната сцена, Поклонување на Агнецот – службата на Светите архиереи, Свети Василие Велики и Свети Јован Златоуст. Текстовите се пишани на црковноословенски. Над нив претставена е Богородица од типот Ширшаја – Платитера и Исус Христос во медаљон. Насликан се и Свети Стефан првомаченик, Свети Роман, старорозаветните пророци Давид и Свети Симеон Столпник. На северниот ѕид во олтарниот простор е сцената на визијата на Петар Александриски, каде се претставени малиот Христос како стои над масичка прекриена со чаршаф. Петар Александриски со отворен свиток и наземи, еретикот Арие.

chebren-mariovo-07

Во втората зона е делумно сочуваната сцена на Христовото вознесение. На јужниот ѕид претставени се Свети Спиридон и Свети Кирил Александриски. На јужниот ѕид се Исус Христос цар и голем архиереј, со Богородица царица Параклиса (молбеница) од десната страна  и Јован Претеча од левата страна. Во внатрешноста се насликани со кармин црвена боја крстови и криптограми. Во продолжение се Свети Пантелејмон и светите воини Свети Теодор Тирон и Стратилат. Воините не се облечени во вообичаените војнички облеки, туку во свечени велмошки облеки. Во втората зона, сцените не се идентификуваат, но веројатно се претставени сцени од Големите Празници и Христовите страдања. Се распознаваат сцени на светите воини – Лазаревото воскресение и првата сцена почнувајки од олтарната преграда која веројатно е Благовештение Богородичино.  Во долната зона насликани се Свети Константин и Елена во цел раст со светиот крст. Над врататата насликана е сцената од Успение на Богородица на која í се доближуваат група апостоли, ставајки раце на одарот. Одарот е опкружена со другите апостоли, архиереи присутни на настанот.

chebren-mariovo-08

Има и посебни полиња за свети архиереи. Претставени се и Светите врачи, Кузман и Дамјан, воинот Свети Ѓорѓија, воинот Свети Димитрие, потоа Свети Атанасие и Свети Никола. Светците се насликани во цел раст во свечени велмошки одежди. Сочувани за да се распознаат се сцените од Христовиот живот, Големите Празници. Има сцена од Цветници или Влегување на Исус во Ерусалим, потоа патот Голгота, Христовото Распетие и Мироносници на Христовиот гроб. 

sv-dimitrij-cebren-02

Loading