КОМПАНИЈА КОЈА Е ГОРДОСТ ЗА СИТЕ ПРИЛЕПЧАНИ И МАКЕДОНИЈА

Прилепската Пиварница со нова сопствена инвестиција од 6 милиони евра

– Ретко се случува претставници од политичкиот живот да го видат производствениот процес – истакна Самарџиоски

– Посебно горди треба да бидат менаџерскиот тим и вработените, бидејќи направиле компанија за респект и за почит – истакна градоначалникот Јованоски

7

Линијата за производство на пиво и газирани безалкохолни пијалоци во пластична амбалажа во висина од 6 милиони евра со сопствени средства е најновата инвестиција во Прилепската Пиварница. Инвестицијата е без кредитирање. Компанијата во која добивката редовно се инвестира, ја посетија градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет Миле Талевски. На средбата беа разменети мислења за тоа што пиварницата значи за градот и Македонија. Остварија средба со генералниот директор Сашо Самарџиоски и со заменик генералниот директор, Панде Самарџиоска, при што заедно со новинарите ги разгледаа производствените единици и беше претставен процесот на производство на пиво.

10

– Инвестицијата е направена со наши средства од изминати профити кои сме ги одделувале за инвестиции. Линијата е од познатиот германски производител за ваков вид на опрема Коронес. Особено ни е драго заради остварената посета од градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет Миле Талевски, бидејќи многу ретко се случува претставници од политичкиот живот да го видат производствениот процес. Посетата ја искористивме да размениме мислења за некои стратешки одлуки кои Пиварницата треба да ги преземе во иднина. Тука локалната самоуправа ќе биде важен чинител, затоа што без нејзина помош и помош на градоначалникот, тешко дека можеме сами да опстоиме во своите намери за понатамошни инвестиции. Се надевам дека соработката која и така е на високо ниво, ќе продолжи понатаму со цел да ги заокружиме процесите кои ги имаме во предвид за наредните години – рече генералниот директор на компанијата Сашо Самарџиоски.

Градоначалникот Илија Јованоски посетата ја темели во насока на воспоставување и зајакнување на соработката на релација Општина Прилеп -бизнис секторот.

13

– Прилепската Пиварница е пример за останатите стопански капацитети, за тоа како треба постојано да инвестираат во современа технологија. Пиварницата не е бренд само на нашиот град и Република Македонија, туку и пошироко. Ова што го видов во компанијата, ми дава за право да бидам горд како граѓанин, а уште повеќе како градоначалник на Општина Прилеп. Посебно горди треба да бидат менаџерскиот тим и вработените, бидејќи направиле компанија за респект и за почит. Карактеристиките на оваа компанија се квалитетот, стандардите и високата технологија на производство, заради што и компанијата Пепси му додели Златна плакета, која е една од 18-те доделени во целиот свет. Локалната самоуправа ќе ги поддржува сите проекти на оваа компанија и ќе направиме сé, таа да биде уште поуспешна од досега – рече  градоначалникот Илија Јованоски.

15

Лани Пиварницата имала 30 милиони евра годишен приход, има 260 вработени. Ако се вклучат и 400 работници кај дистрибутерите во земјава кои исклучиво работат со Пиварницата, тогаш бројката е далеку поголема. Пиварницата држи околу 45 отсто од пазарот со пиво во Македонија. Целиот производствен процес е автоматизиран со високо ниво на хигиена и тоа во секој сегмен од создавањето на производите. Како и другите компании и тие се соочуваат со недостаток на стручен кадар.

16

КОМПАНИЈА СО ВИСОКИ СТАНДАРДИ ЗА КВАЛИТЕТ

Прилепската Пиварница е годинашниот добитник на највисокото златно признание на PepsiCo Caleb Bradham Quality Excellence, со кое се наградуваат високиот квалитет и безбедноста на производите на компанијата Пепси. Златното ниво на наградата е доделено на само 18 компании од целиот свет, меѓу кои и Прилепската Пиварница е единствена во Европа.

17

ПОДГОТОВКИ ЗА ПИВОФЕСТ

Подготовките за претстојниот Пивофест се во тек откри градоначалникот Илија Јованоскии при посетата на Прилепската Пиварница. И годинава во градот под Марковите кули ќе има забава со добра голтка пиво и вкусна скара. Музичките ѕвезди засега се тајна. Традицијата која ја негува фестивалот на пивото и скарата е препознатлив бренд за Прилеп кој од година во година подобро се организира.    

Loading