Фељтон:
Белешките на Томе Велјановски
– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.
Број 8: Жени вдовици во Марул кои не се премажиле за други мажи
1. Јаневски Танев Боше роден некаде во 1810 година, женет за Волческа Петра од с. Ношпал. Во 1876 година пролетта во мај враќајќи се Мијаците од топлите краеви со овците за на планините во Западна Македонија влегле во местата Горна и Долна Браненица во марулското забранети места за пасење на секаква стока за да има трева за ѕевгарите волови кога се врши. Се кренале неколкумина марулци за да ги истераат Мијаците . Отишле во Бранениците селскиот кмет Танески Боше, полјакот Трајче Колески, Митре Грујоски, Стеван Гулабоски, Коте Чурлин, Анѓеле Павлески, Грујо Колески и Ристе Мурџески, ненаоружани и др. Почнало објаснувањето за забранетото место. Овчарите биле претежно арнаути и муслимани. Расправата се водела во Долно Браненица. Еден овчар од Долна Браненица имал брат во Горна Браненица. Неговите другари овчари му рекле: Оди долу брат ти ќе ти го отепаат Ѓаурите. Арнаутинот дошол кај расправијата, го извадил пиштолот од појасот, пукнал го погодил во раката полјакот Трајче Колески и му го скршил палецот. Расправијата завршила. Марулците си ги кренале Боше и Трајче, ги донесле дома, бранениците од тогаш никогаш повеќе не ги забраниле. Овчарите заминале неказнети. Боше го погребале. Бошејца Петра останала вдовица до живот и. Боше и Бошејца одгледале шест деца, пет женски и едно машко, Атанас. Ќерките ги омажиле. Една за Трајко Чунтески во с. Бонче, се викала Кала. Една се омажила за Пешко Џелино во с. Марул, ја викале Елена. Една се омажила кај кадијата во с. Путурус. Нејзини синови се Јосиф и Стојче, нејзиното име е непознато. Четвртата ќерка се омажила кај Русевци во с. Добрушево, нејзиното име е непознато. Петтата ќерка се омажила кај Балабановци во с. Тополчани, име непознато. Атанас синот 1840 – 1917 се оженил за Дуна Мулоска од с. Мало Рувци, донесена како сирачка од Мојсовци од с. Веселчани. Раскажал Танески Стојче 1868 – 1957.
2. Тасејца Павлеска при маж постанала вдовица. Павлески Анѓелев Тасе се оженил за девојка за Талимџиоска, име непознато од с. Шелеверци. Тасе и Тасејца биле рајати, не биле момци кај марулските бегови. Имале пет деца, четири женски и едно машко. На девојчињата имињата не им се познати од задоцнето прашување. Машкото дете го викале Тале. Тасе ја оставил фамилијата и со повеќемина марулчани отишол на печалба во Америка. Тасе во Америка работел во фабриката за топење железо во градот Чикаго. Тасе бил задоволен од заработувачката и повеќе пати праќал пари до неговата фамилија во Марул. Тасе еднаш и пишал писмо на неговата жена дека повеќе не се враќа во Марул да носи брашно со магаре. После некое време прекинал пари да праќа до неговата фамилија во Марул. Тасе фатил љубов со некоја американка и се оженил за нејзе. Му се родиле деца. Тасејца си зачувала од парите што и ги праќал Тасе, си купила едно куќаре и нива во Прилеп и фамилијата се исселила во Прилеп. Нивата што ја купила Тасејца била од другата страна на битолското џаде спроти денешен Макам на Џорџ Атанасоски и ја насадила со овошје, расадник. Продавала овошје и садела тутун. Од едната ќерка на Тасејца потомок беше Димо Тарзано, вработен во Тутунскиот комбинат. А додека Хрватот Дроња механичарот на битолско џаде под Макам му беше зет за талева ќерка. Тасе Павлески контактот со неговата фамилија го губи, умре и погребан е во Америка. Се слуша дека имало текст, напис, напишан на неговиот гроб, додека неговата прва жена умира во Прилеп. Тасевите пет деца од Марул имаат свои потомства. Тасејца се исселила во Прилеп уште пред Балканските војни. Раскажал Павлески Ванчо 1909 – 1989, внук од брат на Тасе Павлески.
3. Вдовицата Јованоска Талејца Митра. Митра Талејца по потекло родум од с. Писокал. По убиството на татко и Петко Писокалецо од страна на турските зулумќари, мајка и Доста направила договор со бегот Писокалски нејзиниот имот да го примеша, таа како ортак да работи за да вади леб за децата. Доста била ортак со бегот само една година. На годината бегот Алија и рекол: Ти Досто, голем трошок направи со децата твој, сите се мали, само за јадење! Твојот имот ти го изеде, сега можиш да одиш одовде без ништо да добиеш, земи си го покрово и децата, оди каде ти си сакаш. Несреќната Доста со четири деца го напуштила селото Писокал, се преселила преку брег во с. Штавица и тука не нашла поткрепа од штавичани. Спиела во пештерите и во водениците суводелките. Застарениот богат вдовец од Марул Дамјаноски Ристе патрун направил средба со Доста во штавичките пештери за да се прежени со нејзе, но нејзините деца да ги раздадат раненичиња по фамилии на кои им требаат деца. Вдовицата Петкојца Доста се сложила на тој услов, децата ги раздала. Тале го дала ранениче во с. Лагово, Митре го дала кај Саботковци во Подмол, третото дете Тодор исто така го дала ранениче кај Ристески Митре во с. Подмол, додека четвртото дете, девојче, Митра го омажила со неполни дваесет години за Грујоски Тале в с. Марул . Само да напомниме како се одвивал заедничкиот братски фамилијарен живот на браќата Јованоски Митре Ѓорче и Тале. Митре бил куќен пазарџија, имал 60 овци башкалак. Ѓорче имал седум деца аргати, немал ниту една овца башкалак. Тале одел овчар, имал 40 овци башкалак. Сепак нешто имале рамноправно. На сите тројца браќа жените им биле од Марул со доселеничката Митра. Тале и Митра имаат три деца, Петра, Тодор, Невена, родени во заедница со браќата Митре и Ѓорче. Во 1913 година, Тале се разболува и умира. Талејца Митра останува вдовица со три деца. Зафатиле балканската и Првата светска војна, Митра фамилијарна е со Јоновци. Во 1916 година Митра го оженила шеснаесет годшниот Тодор за Цвета Перкоска од с. Алинци, прилепско, прилично постара од Тодор. Бугарски војници кои присуствувале на веселбата за честење велеле: бабата Митра го омажи Тодор за стара булка. Првата светска војна завршува во 1918 година, за некого радост, за повеќето јадост. Вдовицата Талејца Митра се делила од Јоновци потпомогната од мајка е Ристе си ги зела децата и се преселила во куќата на бегот Беќир Цацоски. Се пазарила со него, му ја платила куќата со пишан документ. Стојче Танески го купил чифлигот од бегот Беќир, а куќата ја изгубил. Толејца Митра ги удомила децата, сите имаат потомство.Толејца Митра умрела некаде во 1927 година. Раскажале повеќемина марулци: Јованоски Ѓорчев Јован 1891 – 1963, Јовчески Ристе 1888 – 1962, Стојаноски Илија 1876 – 1972, Јовчески Ванѓел 1912 – 1997, Дамјаноски Ристе 1914 – 1988, Дамјаноски Ристева Слободанка, мажена за Колески Благоја, родена 1937г.
Продолжува
![]()

