МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (11)

Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

Screenshot 1

– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

Број 7: Вдовици од с. Марул со деца или без деца што заминале во други населени места

5. Вдовицата Крстејца Здравеска Мара Лопатичанка од Степановци се премажила во с. Тополчани. Здравески Јошев Крсте, бугарски војник си дошол дома од фронтот кај Добро Поле, мариовско во 1917 година со големи здобиени рани на домашно лекување. Времето одминувало, раните се проширувале, гладот го навасал и Крсте им подлегнал на раните. Неговата жена Мара останала вдовица со едно дете Стојан. После извесно време Крстејца Мара ја напуштила крстевата куќа во Марул, си го зела детето Стојан и се премажила во с. Тополчани. Тополчанскиот маж по име Анѓеле не живеел долго, се разболел и умрел. Мара се премажила во с. Егри, битолско. Мајката Мара и синот Стојан последните денови од животот ги дочекаа во Егри каде се и погребани. Од Стојан синот, Томе работеше магационер во прилепските касарни со чин заставник. Често пати при средби со марулските луѓе низ прилепската чаршија, самиот Томе заставнико велеше дека по дедо му и баба му е потомок од марулецот Томе Галабарот.

6. Ристеска Мурџеска Бонејца Аргида, вдовица се премажи за вдовецот Маркоски Павле во с. Ерековци. По судирот на австроунгарската армија со српската, во октомври 1915 година на реката Дрина, многу војници загинале од двете страин, повеќето од српска страна. Затоа српската војска се дала во бегство, во повлекување. На ова боиште загинале тројца марулски војници. Дојчиноски Каранфилов Стојан, раненикот Гулабоски Кармакоски Најдо И Мурџески Ристески Митрев Боне. На Велигденот во 1917 година се договориле сестрите Аргида Бонејца Мурџеска од Марул и Чона од Штавица за да одат на гости кај братот Трипун Велкоски во с. Чумово да го посетат. Да ги стават своите деца Ивана и Ордан со децата на братот Трипун. Ордан, Васко, Јованка, Сотир и Риза. Штавичкото дете Ордан од сестрата Чона било малце фатено од сипаницата, си подлегнувал. Исто така сипаница фатила и Ивана, детето на Аргида легнало болно. Бонејца Аргида била предупредена од братот Трипут и снаата Доста Трипуница да не си оди дома во Марул со болно дете, кога Ивана ќе оздрави да си појдат. Аргида не ги послушала предупредувачите братот Трипун и снаата Доста и си дошла дома кај Мурџевци во Марул. Само што дошла Аргида, сипанацата ги префатила сите кај Мурџевци, сите во нивната куќа. Од сипаницата кај Мурџевци умреле осум луѓе: Митре свекорот, Митра свекрвата, стрикото и стрината Јован и Јованица, стрината Петрејца Султана, невестата млада Цветаница, ранетиот војник Стојан и неговата жена Темјана. Ивана, детето мурџеско што ја донесла сипаницата преживеала заедно со мајка и Аргида. После оваа непредвидена катастрофа што се случила кај Мурџевци, Аргида ја гризела совеста. Набргу се премажила за Маркоски Павле во с. Ерековци. Аргида Бонејца со себе си ја зела и малата Ивана. Павле и Аргида родија две деца, Зора и Тоде. Зора е омажена во с. Ношпал и има потомство. Тоде 1922 – 2017, нема потомство, се догледува со раненикот Пецо од с. Тополчани. Тоде е погребан во с. Ерековци.

7. Нешто за името Чона. Чона име нема во пелагонискиот крај, туку тоа име го има во мариоскиот крај. Некогаш во постаро време, фамилијата Бојчевци живееле во с. Полчишта, во Мариово. Бегот на Бојческата фамилија бил алчен за женски пол и станал гаден човек за бојческата фамилија. Бојчевци за да се ослободат од бегот во едно летно време кога била жетва бегот наминал во полето каде што жнееле жетварките и почнал да зрка превзал со зборовите по жените. Се налутиле мажите, го фатиле, го врзале во еден сноп со жито и го запалиле снопот со бегот. Се запалило житото, со житото се проширил пожарот, го зафати пошироко полето и планината. Фамилијата Бојчевци побегнала во с. Беранци, битолско, тука се затаиле, не биле откриени. Со времето фамилијата се поделила на два дела. Една фамилија од Бојческата фамилија, се преселила во с. Тополчани, денес познати по прекарот Карабелеци.

Една девојка од Карабелевци, име непознато се омажила кај Палашовци во с. Клепач. На брачниот пар им се родило машко дете, го крстиле детето Трипун. Трипун останал сирак на мали години, татко му во Клепач умрел. Мајка му на Трипун се премажува во с. Чумово кај Велковци. Мајка му на Трипун во Чумово кај Велковци природува уште две деца, Аргида и Чона. Аргида се премажува за Боне Мурџески. Чона, крстена по желба на мајка и со мариовско име, се мажи во село Штавица за момче, име непознато. Чона родува машко дете, се вика Ордан, татко му на Благоја Чоната, неодамнешниот на борците од НОБ во Прилеп. Чоната е внук на баба му Чона. Раскажале Велкоски Орданов Илија од с. Чумово 1923 – 2004. Алексоски Видан од с. Беранци и сосема нешто малце дополни самиот Благоја Чоната.                 

Продолжува

Loading