ДУХОВЕН ШУМ ВО МАРИОВСКАТА ТИШИНА

Манастир Свети Никола во селото Манастир во Мариово

– Црквата  од 13 век е срцето на монаштвото, кое се возобновува

 DSC0292

Тишина. Нема други звуци од автомобили. Само од нашиот го пара “молкот” ветерот. Низ прозорецот се мешаат виорот со пејзажите, додека кривулестиот друм полека води кон Мариово, кон дестинацијата, манастирот Св. Никола во селото Манастир, на педесетина километри од Прилеп. Се врват серпентините како змија, се минува Расимбеговиот мост на Црна река по кој мариовците се делат на едни и други. Едните, одавдерека се препознаваат дека не се толку мариовци, а другите, отадерека, се асли мариовците.

Се напрега автомобилот, цепејќи го свирежот на ветерот. Се мачи да се качи уште неколку километри по угорнината. Врти десно после патоказот кој укажува за насоката за селото Манастир. По асфалтниот пат изграден пред повеќе години  низ село се стигнува до селските гробишта и манастирските порти.

 DSC0295

Штама. Никој не пречекува, оти нема кој да мрдни низ селските сокаци  со по некоја калдрма, со распаднати камени куќи покриени со плочи. Нема оџак да чади, нити пес да лавне. Животот одамна е запретан. Заминале сите жители по светот. Повремено, во лето, има по некој да се грижи за огништето каде се нишала лулката, ама зиме во Манастир господари човечката бесшумност. Трошните куќи се нем сведок дека некогаш имало живот.

Единствениот жител е отец Никола, кој заедно со уште еден искушеник живее во манастирот Св. Никола. Повремено им доаѓаат гости, добронамерници или верници кои сакаат да одбележат некој празник. Тука ќе  бидат и за претстојниот Божиќ.

До манастирот пука преубав предел. Останува прашањето, зошто е празно, каде е човечкиот здив, може ли да се развива селски туризам. Нејсе. Животот е таков.

 DSC0337

Во средината на манастирскиот двор е црквата, која сведочи за минатото. Лево од неа се новите конаци, изградени со државна поддршка. Уште се уредуваат. Десно е малата продавничка за сувенири. Најпрвин се влегува во црквата, да запалиме свеќа, да се помолиме за здравје. Отец Никола, како добар домаќин, ја раскажува историјата за манастирот. Вели дека црквата, изградена во 13 век, е срцето на монаштвото, кое се возобнови со неговото доаѓање. Гордо потенцира дека   планирано е манастирот да стане духовен центар на Мариово.

Историјата на манастирот, според археолозите се дели на две етапи. Во првата е конституиран монашкиот живот, а во втората од крајот на 14 и почеток на 15 век, манастирот прераснал во развиен цивилизациски, економски, културен и духовен центар на Мариово.

40

Продолжува конзервацијата и санацијата на фрескоживописот со поддршка од Министерството за култура. Претходно се изврши конструктивна консолидација на темелите на храмот, а имаше и археолошки истражувања.

Откако се задоволува љубопитноста, отецот кани на чај, собран летоска од природниот дар на околината. Го продолжуваме разговорот за конаците. Планирано е да има сала за состаноци, за семинари, изложби, но и за организирани туристички престои. Манастирот ќе подготви брошури, да се презентира преку интернет. Во манастирскиот двор е и сувенирницата. Се остава нешто за манастирот и се понесува за спомен, што ќе потсетува на поминот во мариовското духовно светилиште, Св. Никола.

Уникатно  фрескосликарство

Црквата Св. Никола е значаен споменик на културата од византискиот период, која содржи извонредни фрески, какви што се Св. Богородица со ангелите и Св. Никола, изработени во првиот период од византиското владеење. Ваквиот тип сликарство е многу редок и е застапен само во црквата во Курбиново и во Света Софија во Охрид. Црковниот фрескоживопис е колоритен и со стил, близок до Константинополската иконографска школа, а фреските што датираат од 1271 година се едни од најстарите фрескоживописи во Македонија.

DAFF0FAC-08CC-49A0-B6BC-6CA65FFA4DFA mw800 s

Црквата е трикорабна базилика без нартекс која на источната страна завршува со три апсиди. Во Првата светска војна црквата била многу оштетена, особено западниот ѕид и сводот. Подоцна била доградена, но без фрескоживопис. Од написот на јужниот и северниот ѕид од централниот кораб се дознава дека денешната црква била подигната во 1266 година на темелите на старата црква подигната во 1095 година од протостаторот Алексеј, роднина на византискиот император Алексеј Комнин.

Во првата зона поставени се светиите во цел раст, меѓу кои се издвојуваат светите воини. Во втората зона насликани се попрсја, а во третата – сцени од Христовиот живот. Во јужниот кораб се наоѓаат сцени од животот на свети Никола, а во северниот – ктиторска композиција, каде е претставен еромонахот Акакиј, со моделот од црквата. 

IMG 8844

Loading