КАКО СИЛЈАН ШТРКОТ „ДОЛЕТАЛ“ СО ТРАКТОР ОД ГЕРМАНИЈА

Трајко Ачкоски од Мало Коњари

Со немирниот дух три недели патувал низ опасни зони

Во Романија го нападнале разбојници на коњи како во вестерн филмовите

Не го исполнил сонот да купи пајтон

Malokonjarci go identifikuvaat za potomok na legendata Siljana Strkot - Trajko AckoskiВо Мало Коњари, познато од приказните на Марко Цепенко, шеесет итри годишниот Трајко Ачкоски, стаса дома во родното место на Сиљан од Австралија преку Германија со трактор. Малокоњарци го сметаат Трајко за потомок на Силјан Штркот од легендата, оти бил палав и нескротлив, со карактер на аџамија. Наместо со авион од Австралија, преку Германија стигнал дома со трактор и со полна прикола со апарати за домаќинство.

Чуден е Ачко. Бидејќи бил мераклија на предизвици и авантури се вратил спектакуларно и продолжил да не се дели од беќарлакот по 30 годишниот гурбет во Сиднеј – Австралија и Фрајбург Германија. Немал ксмет да се задомаќини. Пробал, ама не му одело. Веќе 13 години е пензионер.

– Сакам да се скостам и да престанам со аздисување. Се пензионирав по 35 години работа во Германија и Австралија. Ми се смачи од печалбарење по разноразни фабрики преку Океанот 18 години и 15 во Германија. Се вратив на родната грутка да го минам животот со повремени “испади”. Починаа сите, и дедо ми, и мајка ми и татко ми. Се грижев колку што можев за старите – вели Трајко.

Малокоњарски авантурист

Тој бил заробеник на необични потфати. Сонувал да го одбележи постоењето. За него, обичното секојдневие не било асолен живот. Сакал да ,,стрчи,, од другите, не од курзназлак, ниту од кападаилак, туку од ќеф и латифе, од стремеж да се достигне за некои лудото, а за него можното.

Пред 20 години си дошол од Австралија преку Германија в село со трактор со приколка.

– Ја предизвикував сопствената сила. Имав мерак за непознатото, не вкусеното и опасносто. Беше јули. Од Сиднеј стасав со авион во Франкфурт. Таму, кај моите стари пријатели каде работев во Фрајбург. Имав нарачано трактор, Зетор, од 35 коњски сили. Со него тргнав за Прилеп –  вели Трајко.

Се подготвил со неколку канистери со нафта, вода и резервни тркала и го фатил патот со земјоделската машина. На тракторот  без кабина му врзал и приколка полна телевизори, бојлери, решоа, камера, дури и када што му ја дале пријателите.

– Се наоблеков за долг пат од околу три илјади километри. Се движев по споредни патишта со прашање и карта, од место до место, од градче до селце, низ брда и долини. Не дозволуваа со трактор да се вози по шпулите (лентите) на аутобаните, автопатите. По границите полицијата се фаќаше за глава. Ме правеа чукнат, ама ги имав сите документи и немав проблеми. Возев до десетина часа дневно со брзина од по 25 километри на час, зашто фазла не одеше. Тракторот беше за орање, не за трки и илјадници километри. Возев по дождови и спиев во приколката. Се криев од невреме со непропуштлива наметка за овчари во Австралија. Сонце печеше како под вршник во Романија, а носев само кожена каубојска капа. Усните ми испукаа, челото ми се направи фиран од капата и потта. Грбот, дури и задникот, ми се разјадоа од седење. Хигиената ја одржував по некои селски мали мотелчиња. Се капев и во реки и потоци – пренесува Трајко за своето патешествие од Германија до Прилеп со тракторот со приколка товарена со половни премети.

Го напаѓале Романци

Не само човекот, туку и машината капнала од големиот напор. Во Унгарија тракторот се расипал.

– Со мајстори го правевме ремонт една недела. Продолжив. Не се движев низ Србија, оти 1995 година беше војна. Се плашев. За посигурно го фатив патот низ Романија. И таму граничарите се крстеа. Пред да го минам Дунав кон Бугарија, ме нападнаа три-четворица со коњи, како по вестерн филмовите, само што возев трактор, а не поштенска кочија. Се качуваа на приколката и креваа нешто, истуркаа дел од предметите кои и така не ми беа потребни. Куртулив. Носев оружје, но не го употребив. Низ Бугарија ме запре џип, што ме следеше подолго време. Мислев се полицајци, а тие да бидат криминалци. Ми се заканија и зедоа нешто од предметите и ме пуштија. По повеќе од три недели возбудливо, но и страшно патешествие стигнав на македонско-бугарската граница кај Делчево и дојдов до Мало Коњари. Бев задоволен оти успевав да истерам опасна авантура. По некој месец, со полна душа, го продадов тракторот и се вратив во Австралија – вели Трајко.

Често прави седенки низ прилепската чаршија додека тракторот уште ора пелагониски ниви. Ама пак го чепка немирниот дух. 

– Мераклија сум на пајтон. Кај прилепското пајтонџиско семејство Смоквоски го барав стариот пајтон да го купам, да го дотерам. Барав и коњ да се движам од село в град, како во седумдесетите што правев кога се враќав од Германија во Прилеп, а од таму до Мало Коњари. Не го најдов пајтонот, оти го продале во музејот во Скопје. Најголем лезет е човек да се вози во пајтон – вели Трајко Ачакоски.

Трајко Ачко, некои го викаат Точакот, сега не трага толку по возбуди. Живее в село и секој ден е во градските меани, по клупите низ паркот во муабет со познати и непознати луѓе. 

Loading