Токму така. Се редат еден по еден, еден по друг. Политичари и новинари. Токму тие кои треба да го бранат и да го градат јазикот. Токму од нив слушаме најмногу грешки.
Се донесува некаков закон во Парламентот. Со мали исклучоци, сите велат ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Пратеници, министри, новинари, сите објаснуваат дека од такво и такво ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ ќе имало БЕНЕФИТ. Законот е ЗАКОН, а не ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. А зошто ли ни е потребен тој збор БЕНЕФИТ. Зошто ни е? Зар нашиот збор полза (или корист) не ги задоволува потребите. Неброени пати сме слушале некој пратеник да бара од неговиот противник да се одважи и да ја каже вистината. Зборот ОДВАЖИ (одважен) го нема во нашиот јазик, а мошне често го слушаме и од новинарите. Ако речеме дека некој се ОДВАЖИЛ значи дека се осмелил, се дрзнал, решил. Тоа се нашите зборови. Евентуално, кај нас може да се рече дека некој се одважил, ако пред тоа бил важен. Како што некој бил женет па се одженил. Сме пишувале и порано за ова.
Разговараат доктор и новинарка. За смртта на извесна родилка. И едниот и другиот констатираат дека на родилката не í била направена крвна слика. Па како е можно на некого да му се направи крвна слика! Човекот ја има крвната слика таква каква што ја има. Таа може да му се провери, да се констатира каква е, а не да му се направи.
Слушаме од политичар дека во Охрид, како туристичко место, цените не биле скапи. Цените можат да бидат високи или ниски, а услугите и производите можат да бидат скапи или евтини.
Читаме текст на телевизија, придружен и со коментар. Една политичка партија ја напаѓа другата дека го ЗАТАШКУВАЛА убиството. Нашиот глагол гласи – ЗАБОШОТУВА, а не ЗАТАШКУВА.
Разговор околу авионскиот сообраќај во нашава земја. Летаме ваму, летаме таму, но не сме имале линија за Сараево. Политичар од највисокиот врв не известува дека ќе се отворела линија Скопје – Подгорица – Сараево и ОБРНУТО. Ете така! Ако летаме за Сараево, ќе можеме да се вратиме ОБРНУТО за Скопје. Оние пак што дошле од Сараево во Скопје ќе можат да се вратат ОБРАТНО, зар не?!
Си се редат грешките. Еве, слушаме новинарка која зборува за дијабетично СТОПАЛО. Не се сетила дека со тој дел од организмот со кој стапнуваме се вика СТАПАЛО, а не СТОПАЛО.
Еве за крај! Пак висок политичар зборува за проблемите во лозарството. Тој вели: “Владата дава значително значење на овој проблем”. Одличен израз, нели? А што ни останува нам?! Веројатно и ние (во тој стил) да искажеме голема ЗАГРИЖЕНОСТ за ГРИЖАТА на нашиот јазик.
И така! Се раздолжува низата, се редат грешките. Јазичните грешки. Е, ама ние јазикот не го даваме!!!