ПУШКА ЗА ЧЕСНА НЕВЕСТА

Исчезнати свадбарски адети во Мариово

mqdefaultРаскошни се свадбарските обичаи на мариовците. И денес дел од исселените жителите ги негуваат традициите на своите предци. Ритуалите кои се изведувале се копираат и на други локации и во адаптирани изданија. Главно се носи сржта на свадбарските адети на мариовците, дури во прекуокенските земји каде се родиле и жевеат нови генерации потмци, а ги презеле обичаите од своите родители или подалечни роднини.

Освен на верските празници се изразувало духовното и социјално богатство, на свадбите во Мариово доаѓало до израз колективното живеење и почитување на одредени традиционални норми и обичаи кои имаат свои карактеристики во секоја средина. Општи особености на свадбите во селото Витолиште е масовноста и веселбата скоро на целото село со тоа што канетите свадбари влегуваат во куќата и ручаат или вечераат, а другите во дворот, по чардаците пеат играат и добиваат ракија, може и по некоја рака царевка. Карактеристично е и тоа младоженците се венчаваат со претходни обредни и завршната фаза е наречена “нарачници”. Стапувањето во брак било со стројници, а исклучок било потерувањето и бегањето, па така и се велело дека невестата е земена со сводник, потерана или избегана (бегалка).

Церемонијата почнува со сводникот, со давање на думата. Откако ќе се сложат родителите на невестата ќе испратат здравоживо (јаболко и киска) до идните сватови и во исто време се договара земањето на раунот, кој се состои од 5 шеови – кошула, шамија, чорапи, калци. Тој дел се свршува за 2-3 дена само да не биде спроти среда и сабота. Ретко се таксуваат на вис -година, а свадба во постите не се прави.

Од раунот до свадбата, невестата не шета да не í се направи некоја маѓија. Ја довршува рубата со помош на роднините. При давањето на думите се кажува што дарови треба да купи страната на зетот, вклучувајќи и пари, прит. Раунот го носи сводникот и сведокот за зборот.

Свадбените церемонии почнуваат со месење тесто, погачи за канење на најблиските, во петокот пред неделата во која се прави свадбата. Тестото се меси и кај машкото и кај женското, а го меси братучеда помала по возраст од младоженците. На тесто одат само жени и деца, а се дава мезе царевка и дебел грав за макање (лажици не се давале за да не лаже невестата или зетот).

Во саботата најближните роднини канат со карта со вино и киска, на која се врзуваат пари од секоја поканета куќа. На свадбата ќе се врзе киската со крпче каде свекорот и свекрвата ќе ставаат пари. Киската минува низ рацете на сите свадбари на трпезата до невестата.

svadba

Во неделата свадбата почнува со тоа што калесниците со гајдарџијата одат по поканетите свадбари и ги собираат, прво нункото, старосватот и т.н. Кога ќе се соберат ручаат и одат по невестата. Сватовите ги грабаат коњи по улиците до портата на невестата, но таму не ги пуштаат додека не дојде свекорот. И едните и другите пеат свадбарски песни, а гајдарџиите свират карактеристична мелодија. Пред тргнувањето по невестата, нункото и деверите го забричуваат зетот. Свекорот и другите сватови ќе влезат дома и ја кршат благата погача, се благословат младите, киската врви по трпезата, а таткото на невестата í ја дава киската на ќерката во земник. Тогаш свекорот ги дава купените чевли на снаата. Таа ги поттурнува во знак на одбивање. Откако ќе ги обуе ја качуваат на коњ. Блиските роднини ја даруваат и таа нив ги дарува. Рубата веќе е товарена на друг коњ. Потоа се оди в црква на венчавање, па во куќата на зетот. Во дворот стојат младоженците еден до друго качени на коњите. Свекорот со погача на главата и чаша вино врте околу младоженците, крстејќи се и благословувајќи ги младоженците. Им дава парче погача да каснат и од вино да се напијат. После се води невестата до вратата со благословување, а нункото и деверите благословат за рожби, три машки и две девојчиња. Свекрвата ја води на ковчегот да í покаже каде ќе ја заране и ја благословува.

Младоженците легнуваат во земникот, а продолжуваат да седат свекорот, нункото и деверите, кои не легнуваат, а нунката го чека резултатот за “чесноста” на невестата. Ако е се како “требе” се топли и пие блага ракија, зетот пука со пушката, да не се глуви децата. Стројникот со блага ракија оди кај таткото и мајката на невестата. Потоа свадбарите се збираат со гајда и се води невестата на вода, а таа гувее на свекорот, нункото, старосватот. 

Loading