НАДАЛ НА ДЕСЕТГОДИШНА ВОЗРАСТ

Надежен тенисер – Петар Пирганоски  од ОУ „Кочо Рацин“

petar pirganoski

Додека врсниците „бијат битки“ во компјутерските игри со саати,  десетгодишниот Петар Пирганоски веќе четири години е заљубен во рекетот, топчето и мрежата. Мераклија е на тенис. Секој слободен миг го минува на тениските терени. Страста за оваа блогородна игра веќе му дава резултати. Се закитил со 17 признанија за освоени први место и две за втори во неговата и посилни конкуренции. Рамо до рамо е со јаки ривали од Албанија, Косово, Црна Гора,  Б и Х, Белорусија. Тоа го потврди на меѓународниот тениски турнир во Тирана. На малиот Пирганоски особено му ласка престижната награда за најдобар и за најфер играч за сезоната 2016/17 година на меморијалниот турнир “Славковски” во Скопје, на кој учествуваа над стотина млади “заробеници” на тенисот.

Сака да се бори жестоко со повозрасни соперници, оти смета дека така брзо ќе напредува. Под тренерска палка на Горан Талески од ТК Прилеп, најмалку саат – два дневно се “гушка” со рекетот во бекенд и форхенд удари и одбрани, се поти до жива вода, не се штеди да ги открива и освојува тајните на недофатлива серва,… во “белиот спорт”.  Гори од желба за победа и ново искуство во секој нов мегдан, но и достоинствено пружа рака при порази.

– Сакав ракомет, ама тој е некако груб екипен спорт. Ми легна тенисот и такаречи секој ден се предавам на оваа игра најмалку по еден -два часа и зиме во затворени простори и лето на високи температури. Уживам да се дружам со тениските реквизити, стекнувајќи знаења на нови мајстории. Тенисот не ми влијае на учењето. На училиште сум одличен со усогласување на времето за учење и за тренинзи – вели Пирганоски.

Надарениот тенисер, кој со посветеност и елан тренира, се очекува да прерасне во наша спортска надеж. Фан на Надал. Мечтае да се движи по неговите патеки. Затоа ги следи во неговите трикови во детали и ситници и ги применува вешто во играта со противниците. 

Loading