НА ПРОДАЖБА УШТЕ 4 ПАРЦЕЛИ ЗА БИЗНИС

Во индустриската зона Прилеп 2  – Сточен Пазар

Почетна цена од 1 евро за м2

 MG 3365

Локалните власти објавија продажба на 4 парцели од 1400 до 2000 м2 во индустриската зона Прилеп 2 или Сточен пазар наменети за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, магацини и производство. На локациите инвеситорите ќе можат да градат објекти со приземје плус два ката. Почетната цена е 61 денар за м2, а наддавањето ќе се врши со чекор од 100 денари минимум за м2. Рокот за аплицирање е до 24 јули до 12 часот, а јавната аукција е на 26 јули во 12 часот. Јавното наддавање и аплицирањето се електронски. Заради сериозноста на понудувачите, за учество е потребна банкарска гаранција од 300 отсто од почетната цена. Во зоната со инфраструктура, наскоро ќе се понудат уште 3 локации за бизнис, а веќе се продадени пет.

– Сите заинтересирани можат да го најдат огласот на интернет страницата на Општина Прилеп, да го преземат или да контактираат во секој работен ден од 8 до 14 часот. Право за аплицирање имаат сите домашни и странски, правни и физички лица. За комплетна апликација се потребни регистрација во системот на сите кои поднесле комплетна документација.

 MG 3423

Тие ќе се регистрираат и ќе им биде даден пристап до системот и на 26 јули ќе можат да наддаваат и ќе бидат едни од потенцијалните купувачи на атрактивните градежни парцели. Со измените на законот за градежно земјиште, наместо депозит, во јавното наддавање се поднесува банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 300 проценти од вкупната почетна сума за секоја градежна парцела. Цената на гаранција не е фиксна, туку зависи од големината на парцелата – рече Александар Јованоски од сектор за урбанизам.

Во оваа зона за продажба се предвидени 12 парцели.

 MG 3430

– Ги повикувам сите физички и правни лица кои што сакаат и имаат бизнис идеја да изградат ваков тип на претпријатија кои се дозволени во индустриската зона Прилеп 2 или Сточен пазар, да се пријават на огласот. Станува збор за најатрактивните локации на околу 1.5 км. од центарот. Откако сите 12 локации ќе бидат продадени, локалната самоуправа почнува со градба на инфраструктурата, која ќе биде надоврзана на постојната во индустриската зона. Прилеп е најпривлечен град за градба на погони, фабрики и отворање на нови работни места. Покрај зоната Алинци, многу атрактивни се овие индустриски зони. Очекувам успешно електронско наддавање –  изјави градоначалникот Марјан Ристески.

Локалните власти информираат дека од денот на потпишување на договорите за овие 4 парцели од зоната Прилеп 2, купувачите треба да платат данок на недвижности за 30 дена и да го солемизираат договорот на нотар. По солемизацијата тече рок од 9 месеци за добивање на одобрение за градба и во рок од 4 години купувачите имаат обврска да го изградат објектот. Доколку не се почитуваат рокови тие можат да се продолжат со плаќање на договорни казни. 

Локалната самоуправа планира уште две зони во близина на стариот пат за Битола со околу 70 хектари. Едната е зад стариот Црн Бор, а другата во негова близина. Тие наскоро ќе бидат внесени во ДУП, и до крајот на оваа или почетокот на другата година ќе бидат ставени на располагање на сите домашни и странски инвеститори. Продолжува тенденцијата на локалната самоуправа преку инвестиции да се отвораат нови работни места и да се намали невработеноста. 

Loading