10 ГОДИНИ БЕСПЛАТНИ ОБУКИ

Микросам Академија

Mikrosam 1

Бесплатни обуки за младите преку Микросам Академијата веќе 10 години организира Микросам, бидејќи е насочен кон потребата од дополнително инвестирање во развојот и интелектуалниот капитал на вработените и потенцијалните кадри од сферата на машинството и електротехничките науки. Веќе 10 години се дообразуваат млади и се подготвуваат за идниот деловен свет. Долгогодишното искуство во обуки за зголемување на техничките знаења и вештини придонесува за создавање високо конкурентна работна сила на домашниот и на глобалниот пазар на труд. Микросам е главен спонзор и единствен финансиер на Микросам Академијата, која е само дел од концептот на компанијата за промена на пристапот на работа, образование, размислување, како императив за постигнување на заедничката цел: подигање на нивото на техничко–технолошки развој на Македонија.

Микросам Академијата цела деценија постојано се специјализира и усовршува во организирање и спроведување на бесплатните обуки за возрасни за програмирање во Ц++ и математика, за помошници машински инженери и за инженери за електроника, автоматика и роботика. Во Клубот за талентирани средношколци се изучуваат курсеви за програмирање во С++, МатЛаб, 3Д моделирање, се уредуваат статии на Wikipedia. Се зголемуваат трансверзалните вештини, комуникациските, социјалните, аналитичките, презентациските, тимската работа… Средношколците работат во тимови на проекти директно поврзани со технологии кои ги развива Микросам, користејќи софистицирани сетови за роботика (Robotis, Robix, Vex, Sphero, Lego mindstroms nxt). Проектите се поврзани со математика, физика, компјутерско програмирање, софтверско инженерство, хемија. Меѓународниот летен камп за деца од 8 до 18 години овозможува куси курсеви за програмирање, роботика и 3Д моделирање, композитни материјали, притоа вршејќи поврзување на програмирањето со роботиката.

– Академијата е популарна, оти користи современи методи на учење, мултимедијално образование, мотивација, елементите на самостојното учење, реално животно искуство и тн. Микросам располага со богата библиотека со стручна литература и дигитална библиотека. Интерактивната настава е значајна, поради практичното насочување на  студентот. По завршувањето на обуките, повеќе од 90 отсто од посетителите се вработени на атрактивни работни места. Ја градат кариерата како програмери во Македонија и во светот. Резултатите поттикнуваат на размисла за формализирање на обуките во високо образование, односно транформација во висока школа, МИКРОСАМ КОЛЕЏ – објаснуваат од Микросам Академијата. 

Микросам Академијата освоила повеќе од 20 награди на државни и меѓународни натпревари. Низ интензивните обуки минале повеќе од 200 возрасни и повеќе од 300 талентирани средношколци. 

Loading