ДА ТЕ МОЧА КЕКЕЛЕ

ivce1Пред повеќе години се прикажуваше претстава од МНТ на Театарските игри. Одлична актерска екипа, но ужасно лош македонски јазик. Реагиравме. Ни рекоа дека тоа било СЛЕНГ. Тоа се зборови или изрази кои обично не се литературни и се употребуваат во определени средини или региони. Би се рекло, уличен јазик. Но, тој т.н. СЛЕНГ треба да произлегува од сопствениот јазик, а претставата изобилуваше со србизми, особено со пцуењето.

Пред некој ден во случаен разговор со Сашо Дамески разбравме дека тој, во својата графичко-дизајнерска работилница забележувал зборови за кои мисли дека не би требало да се користат. Навистина многу зборови забележал од луѓето кои доаѓаат тука. Голема пофалба, зашто малку се луѓето кои се интересираат за оваа проблематика. Забележавме многу зборови кои можат да се користат во литературни дела (или во преводи) каде што треба да се користи тој т.н. СЛЕНГ. Ете тука е рудникот каде треба да се копа, а не да се позајмуваат туѓи зборови, особено српски. Ќе одбележиме неколку, оти просторов не дозволува повеќе. Го забележал Сашо изразот: “Да те моча Кекеле”. Нормално, тоа не би одело во текст со повисок литературен стил, но може да се користи во СЛЕНГОТ. А што би значело тоа? Кога ќе му се рече на соговорникот – “Да те мочам” се манифестира еден потценувачки однос спрема него. Но тоа потценување може да биде поизразено ако му се рече – “Да те моча Кекеле”. Самата интонација, гласежот на зборот (именка) КЕКЕЛЕ не тера да подразбереме дека е тоа некое мало, неугледно, па и недугаво човеченце. Значи соговорникот заслужува такво понижување, што е малку ако му се рече “Да те мочам”. Туку,ете, заслужува и да го моча Кекеле. Да се разбереме и да не навредиме некого. Којзнае кој и кога го измислил тој збор. Инаку, КЕКЕЛЕВЦИ може да биде и фамилијарно име, семејство претставено од угледни луѓе.

Ја забележал Сашо и реченицата – “Ние многу ги ланчаме”. Тој збор – ЛАНЧАМЕ, не ќе да може да се одбележи како литературен збор. Но, ете во тој СЛЕНГ може убаво да оди. ЛАНЧАМЕ значи дека многу сме внимателни спрема некого, многу го молиме, употребуваме галовни зборови. Еве уште една реченица – “Шо прајш дупачки, чоек?”. Овде имаме и правописна недоследност, треба – “Што правиш дупачки човек?”. Во локалните говори како прилепскиот така е тоа (за жал). А зборот ДУПАЧКИ или некои велат ДУПАЧЛАЦИ сосема одговара на зборовите што ги споменавме. Човек што прави определени интриги, кодошлаци, сака некого да го скара со комшијата и така натаму, се вели дека прави ДУПАЧКИ, односно ДУПАЧЛАЦИ. Одличен збор за во СЛЕНГОТ.

Има многу зборови кои немаат место во литературниот јазик, но се употребуваат како колоквијални зборови, или како што рековме, во СЛЕНГОТ.

Ќе се позанимаваме и понатаму со ” Зборникот ” на Сашо. 

Loading